тренер и селектор

„Вардарци“ имаат мозок, срце и „мадиња“

Интервју со
Раул Гонзалес
19 мај 2017

Машката постава на ракометниот клуб „Вардар“ периодов е во подготовки за претстојното полу-финале, каде на трети јуни ќе се сретне со шпанскиот клуб „Барселона“.  И покрај брзото темпо, нивниот тренер, а воедно и селектор на машката македонска ракометна репрезентација, Раул Гонзалес, се согласи една од кратките паузи да ги помине во наше друштво.

Се упативме кон салата „Јане Сандански“, каде подготвен и точно навреме нè пречека Гонзалес. Уште од првите неколку реченици, сфаќате дека се работи за смирен и скромен човек. Речениците се одмерени, но сепак тоа што го зборува го кажува „народски“, што прави и да заборавите дека разговарате со таква спортска големина.

Се запознавме, а потоа нè спроведе до големата сала. Во малата не можевме да влеземе, бидејќи тимот се подготвуваше за тренингот што следеше по нашиот разговор.

-Многу работиме периодов. Комплетно сум посветен на работата. Се подготвуваме за полу-финале за Лига на шампиони, да обезбедиме што подобар пласман во Келн, а потоа следи Македонската лига... Ни треба време за да се подготвиме за многу работи. Но, сакам кога се оди етапно, така што во моментов сме целосно фокусирани на „фајнл-фор“ – вели Гонзалес.

фото: Денис Дуковски, извор: rkvardar.mk

Го прашавме, ги сменил ли навиките откако е во Скопје.

-Не, не сум сменил ништо. Живеењето овде е толку слично како во Шпанија, што немало ни потреба . Важно е дека има сонце (се смее). Во мојот живот генерално, не се смени ништо, ниту пак јас се сменив. Јас сум еден сосема нормален човек. И дома бев таков и овде сум таков. Секаде сум истиот.  На почетокот ми беше сè многу чудно, но многу бргу сфатив дека луѓето тука се повеќе или помалку исти како Шпанците – раскажува Раул.

Сепак, кога е работата во прашање, промени има.

-Екипата се смени. Како поминуваше времето, така доаѓаа нови играчи и можеби изгледа дека сè е исто, но не е. Јас многу време поминувам со нив и се трудам да ги следам и нивните промени. Исто така, добивме и нова сала – вели тој.

фото: Денис Дуковски, извор: rkvardar.mk

На прашањето, дали би останал да живее во Македонија, и го фаќа ли носталгија за дома, сигурно и отсечно вели:

-Да, би живеел тука! Не чувствувам носталгија, нема потреба од тоа. Имам роднини и пријатели во Шпанија, кои секако одам да ги видам. Ми се допаѓа кога се враќам таму, но веќе се навикнав да сум тука со моето семејство. А и пријателите ми доаѓаат во Скопје, и нема простор за носталгија – вели тренерот.

Забележавме дека нашиот јазик му оди сè подобро. Фактот дека тренерот Шпанец, на играчите, кои се во најголем процент исто така странци, им се обраќа на македонски, прави Македонците посебно да го сакаат поради тој негов гест и труд што подобро да го знае јазикот.

-На почетокот не знаев апсолутно ништо. Бев фокусиран исклучиво на ракометот. После неколку месеци ја запознав Сања, која ми помогна во совладувањето на јазикот. Не знам дали сум добар ученик, но се трудам најмногу што можам. Кога добиваш почит од другите, тогаш треба максимално да се дадеш, за да им ја возвратиш почитта и да им се приближиш – објаснува Раул, кој заедно со тефтерот и телефонот си носи и мала тетратка, во која се запишани свршените и несвршени глаголи.

Имавме можност и со Сања да се запознаеме. Таа ни откри дека тој е еден од најдобрите ученици што ги имала.

-Иако кирилицата за повеќето странци е пречка при совладување на македонскиот јазик, не и за Раул. Тој со голема амбиција и желба пристапи кон учењето, затоа и резултатите се добри – ни откри таа.

Од кафулето во близина се слушаше музика, па нè интересираше слуша ли Раул македонска музика.

-Во рестораните овде постојано има музика. Во Шпанија тоа го немаме, таму таквите места се тивки, луѓето сакаат мир. Генерално, не ми се допаѓа ништо од модерната музика. За мене сè звучи исто, така што ниту овде, ниту во Шпанија слушам музика – открива селекторот.

Но, затоа многу добро му се познати македонските специјалитети.

-Во Шпанија многу сакаат да јадат ајвар. Сите го сакаат, па и јас, бидејќи таму многу јадат пиперки. Но, не се приготвени како тука.  Дури и кога ќе ми дојдат гости во Скопје, пет дена сакаат само ајвар да јадат (се смее).

Со оглед на тоа дека Шпанците ги доживуваме како мошне темпераментни и весели, го прашавме дали се смета за типичен Шпанец.

фото: Денис Дуковски, извор: rkvardar.mk

-Можам да кажам дека сум, но не во поглед на темпераментот. Тоа е стереотип, не би кажал дека Шпанците се темпераментни. Нема некоја разлика од овде. Всушност, можеби и постои, но не во таа смисла која вие ја имате во главата. Таму луѓето се мошне фокусирани на работата, а воедно и многу сакаат да разговараат, да зборуваат. Овде, сè е супер или катастрофа (се смее). Но, сепак, ниту во мојата родна земја, ниту тука, ништо не е само црно или само бело – објаснува Гонзалес.

Поради густиот распоред со обврски, нема многу време за прошетка низ Скопје, па сè уште не го пронашол своето омилено место тука.

-Слободното време што го имам го посветувам на мојата професорка Сања, за совладување на јазокот. Секогаш кога можам читам од тетраткава (со глаголи). Ма, катастрофа, ама малку по малку ќе биде, сигурен сум – оптимистичен е 47-годишниот тренер

Инаку, „катастрофа“ е еден од зборовите што најчесто ги слуша околу себе и кои во моментов му се најинтересни.

А дека е со ведар дух ни покажа и при објаснувањето, како ги доживува луѓето овде.

-Ако си вистински Македонец, тогаш веројатно пушиш, пиеш кафе и „Кока-кола“ и сè е катастрофа (се смее). Се шегувам. Не знам многу работи за народот овде, бидејќи и не познавам многу луѓе надвор од клубот. Знам дека климата е убава и народот е весел и отворен. А ние сме спортисти и не живееме како што живеат останатите. Најмногу време поминувам со играчите, а тоа не е доволно за да се создаде општа слика– смета Гонзалес.

Да не се занимава со спорт, воопшто не знае што би бил друго.

-Од мал сум со спортот. Дури не се ни сеќавам кога почнав да тренирам, што значи - целиот живот. Затоа и не знам што друго би бил, бидејќи тоа е мојот живот. Но, знам дека никогаш не би можел да работам затворен помеѓу ѕидови, некоја канцелариска работа и слично – признава Раул.

фото: Денис Дуковски, извор: rkvardar.mk

Инаку, тој е горд татко на две ќерки. За тоа какви совети им дава, ќе каже:

-Тие се сè уште мали, но јас многу сакам да спортуваат. Сметам дека тоа е вистинскиот начин да се стекнеш со одлични навики. Исто така, ги советувам да имаат и општа култура и познавања – искрен е тренерот.

Како што и самиот кажа на почетокот, пред него и тимот е напорен период, па нè интересираше кој е неговиот начин на справување со темпото и предизвиците.

-Нема некој посебен начин или рецепт. Работата е начинот. Да знаеш како да се подготвиш за игра, да се трудиш секој ден и секој нов предизвик да го третираш исто. Нема разлика дали се работи за натпревар за Лига на шампиони или домашен куп, секогаш треба да се даде максимумот. Играчите секогаш треба да видат дека стопроцентно се давам, така и нив ќе ги мотивирам да го дадат истото на теренот и да покажеме како се игра ракомет – смета Раул.

фото: Денис Дуковски, извор: rkvardar.mk

А за тоа каков тим е „Вардар“ вели:

- Секогаш кажувам дека, ако сакаш да бидеш добар играч, мораш да имаш мозок, срце и „мадиња“. А, моите играчи имаат сè! – јасен е тренерот.

Ни откри дека еден од најсреќните негови моменти била победата против „Флезбург“, кога „Вардар“ стана една од најдобрите четири екипи во Европа.

-Со нив игравме во четврт-финале. Пред три години на гостински терен изгубивме, но потоа дома победивме, но сепак не беше доволно. Кога ќе дојдете до четврт-финале, играта е тешка, сè што се прави мора да биде со што помалку грешки, совршено. Се појавуваат и нови екипи и секогаш е нов предизвик. Така, сега, ние и на домашен и на гостински терен бевме многу подобри, што беше и наша голема победа, влеговме во четирите најдобри тимови во Европа и бев посебно среќен поради тоа.

фото: Денис Дуковски, извор: rkvardar.mk

фото: Денис Дуковски, извор: rkvardar.mk

На крај го прашавме, ќе биде ли „Вардар“ шампион, а тој во негов стил ни одговори:

-Не треба да мислиме на тоа. Не треба да размислуваме подалеку од следниот натпревар со „Барселона“. Тоа е сега најважно и фокусот треба да биде таму. Сметам дека имаме шанси да победиме. Јасно ни е за каква екипа се работи, дека таму играат одлични играчи. Но, играта се игра 60 минути и ние треба да покажеме како ние умееме да играме. Треба да веруваме, но во исто време да бидеме свесни против кого играме и да имаме почит – смета Гонзалес.

фото: Денис Дуковски, извор: rkvardar.mk

Нам не ни преостанува ништо друго освен да им ја пуштиме сета среќа и да навиваме за нив на трети јуни.

Објавено:
19 мај 2017
Прочитано:
893 пати