Васка Леонтич: Жените најмногу грешат кога прават радикални промени

Интервју со •
20 декември 2013

APS_3414

Васка Леонтич веќе две децении успешно чекори во светот на козметиката, негата и убавината, трудејќи се да ги донесе трендовите  и да им овозможи на жените, па и на мажите да се чувствуваат убаво. Но, освен тоа, таа преку Академија Леонтич ги спои и едукацијата и хуманоста.

Токму таму, со Васка позборувавме за тоа која е тајната на успехот, што таа сака најмногу да носи, колку ја следи модата, како и кои се најпосакуваните трендови за Нова година, а како се одвиваше нашиот разговор, прочитајте во најновото интервју на Fashionel.

Веќе долго време сте успешни во областа на негата, убавината и козметиката. Според Вас, кој е рецептот за успех, особено имајќи предвид дека во последно време конкуренцијата е сè поголема и има експанзија на многу салони?

-Успехот на една фирма да опстои во сите периоди  од почетокот, па сè до 20 години работа и постоење се состои во неколку работи. Да се следи првичната визија, идеја, да не се лута низ работата и да не се прават по пат многу експерименти. Потоа, да се одржува квалитетот на работата. Од голема важност е и да се следат новитетите и модните трендови , но притоа да не се копираат слепо туку, да се креираат  свои вредности и идеи  и  да се остави траен белег во работата со личен стил и имиџ во работата кој ќе биде препознатлив и ќе прерасне во БРЕНД.

Исто така, сметам за да биде некој успешен, треба да биде истраен во сите периоди, да прифати предизвик за нови идеи и можности. Колку повеќе сте дошле до дното, толку повеќе се раѓаат нови идеи... Оној менаџер кој ниту еднаш во работата не паднал, не е доволно креативен да донесе суд за големи и нови одлуки.

APS_3431

Покрај тоа што нудите услуги за нега, шминка и коса, Вие преку Академија Леонтич ги едуцирате младите. Колку тие пројавуваат интерес и желба за надоградба?

-Ние имаме два типа на едукација, која се состои обука за средношколци  за стручно образование во време траење од три до четри години за фризери,козметичари ,масери и шминкери, а исто така имаме и курсеви за истите занимања за почетници и за кандидати со работно икуство . Веќе подолг период  обучуваме  во областа на курсевите, додека во средното образование веќе е петта година по ред. Имаме низ цела Македонија и пошироко наши ученици, кои успешно работат и се сопственици на свои салони за убавина,самостојно ги вршат сите дејности за кои беа учени. Наше мото е да ги подготвиме да бидат самостојни и по завршувањето на обуката веднаш да можат да отворат сопствен салон и да работат, што самостојно, што во рамки на други фирми.

DSCF0829

Младите од година во година сè почесто имаат желба за овие услуги и  расте бројката за овие дејности бидејќи во вакви кризни времиња услужните дејности и занаетчиството најмногу се бара, добро подготвен стручен  кадар. Не само кај нас туку, кој сака да работи, и надвор од нашите граници ,особено најголем интерес има  кај  велнес и спа центрите кои  имаат потреба од работници. Ние им даваме препорака, нашите увернија се на светско ниво признати за тоа да можат да споделат, а за тоа сведочат и личните искуства на  наши ученици кои работат веќе во Дубаи, Лондон, Америка и на други места.

Што најчесто ги советувате учениците? Што е потребно да се биде добар фризер/шминкер/козметичар...?

- Прво треба да се има визија и идеја, а потоа да не се отсуствува од практична работа и следењето на сите иновации е клуч до успехот, работа и само работа .

Вие исто така соработувате и со Домот за деца без родители. Како всушност дојде до таа соработка? Кажете ни нешто повеќе за тоа...

- Да, таа соработка сè уште трае, учениците во моментот се втора година средно, јас работев на многу други европски проекти, но овој проект го сметам за мој личен бидејќи започна со една идеја, а се разви во нешто многу позрело и каде ќе има видливи резултати  од кога учениците ќе завршат и ќе бидат самостојни во работата, а тоа значи ги едуцираме бесплатно, а потоа  кога ќе завршат, најдобрите ги вработуваме – некои кај нас, некои во други салони.

Идејата започна многу одамна, но тогаш немавме услови за таков чекор, а сега веќе со средното образование е полeсно бидејќи имаме период од три години да ги подготвиме учениците, да ги следиме во нивните пропусти, можности и ги насочуваме професионално кој точно во која дејност да се ориентира и биде успешен. На оваа моја идеја ме подржаа сите наставници кои доброволно се нафатија да предаваат без надомест.

DSCF0438

Сепак, за сите оние што ќе се одлучат образованието да го стекнат кај Вас, има и новитети.

-Веќе извесно време посетувам семинари и предавања кои се однесуваат на изработка на перики. Тука мислам на периките кои им се потребни на жените заболени од карцином. Токму таа гранка ќе биде достапна и во нашата Академија, а со тоа учениците ќе имаат можност на избор и да се насочат на нешто ново, корисно и малку распространето кај нас... Избор да се стекнат со нови афинитети...

Со оглед на тоа дека ни се наближуваат новогодишните празници, што е тренд кога се шминката и фризурата во прашање? А каков изглед е непожелен?

- Јас и овој пат како и секогаш ќе кажам, ги следам сите светски трендови, но обожувам и креирам мој сопствен стил на работа што  на сите мои клиенти  им е  препознатлив, а тоа  е - едноставен стил, чиста линија во работата, каде точно е прецизирана фризурата . Не сакам многу производи што ќе го „умртват“ сјајот на самата коса, сакам косата да биде лелеава, да ја следи линијата на личноста. Фризурата и шминката сакам да се  префинети и со едноставен лик, тоа сум била од секогаш јас и остнав доследна на мојот стил на работа.

Препорачувам свечените фризури да бидат собрани, лесно стилизирани, додека шминката со истакнати црти на очниот дел, со компакност на тоновите според тенот на кожата и бојата, а и косата. Изгледот кој не  е пожелен, е кога личноста ќе посака да се подготви  во некој имиџ кој не умее да го носи, ниту прилега на возраста, а најмногу на основата која се има. Од ваков избор и комбинација на работа се постигнува секогаш спротивен ефект.

APS_3422

Доколку некој не е сигурен и му треба совет,  во нашите салони има промотивни пакети, па секој има можност да го одбере она што го посакува или му недостасува. Сите информации можат да се добијат на веб страницата на Академијата, во нсшите салони, како и на социјалните мрежи.

Каде жените најмногу грешат кога се токму шминката и фризурата во прашање? Кој е Вашиот совет до нив? Сметате ли дека младите девојки се премногу оптоварени и знаат и да претераат во средувањето?

-Жените најмногу грешат кога прават радикални промени ,а потоа не можат да се прилагодат и повторно се навраќаат на првичниот изглед , но притоа веќе доаѓа до оштетување на косата и следната постапка не може да биде никогаш како првичната и додека се доведе бојата и стилот во ред, е потребно повеќе време, додека не порасне косата.

Што се однесува до шминката, премногу нанесување на декоративна козметика,без потреба нанесување на јака подлога, каде имаме идеално чисто лице да се покрива со јака пудра и тоа во текот на цел ден, е уништување на кожата, особено кога млада кожа користи и камена пудра. Јас препорачувам пред секоја промена првин  добро секој да се советува, па потоа да се прават промени или да се испроба претходно. Исто така,  да се направи разграничување што е дневна, а што вечерна шминка, па потоа да се знае каде и кога да се нанесуваат јаките подлоги, како и тоа дека не се за низ текот на цел ден .

1385897_638002269571880_919688603_n

Колку сме во чекор со светските трендови?

-Сега е многу лесно да се следат светските трендови, сите информации и новитети ги имате на Интернет, кој кога сака може сè да види и прочита, на медиумите се рекламираат сите  козметички производи, нови технологии на работа, така што сега е најлесно да се дојде до информација од било кога, а нормално со тоа секој професионалец мора да следи сè за да биде во чекор и за да може добро да им се објасни на клиентите сè што се презентира во медиумот.

Несомнено е дека сте негувана жена и одлично изгледате. Колку време Вие посветувате за негата и имате ли некои посебни ритуали?

-Морам да напоменам дека генетиката не може да се оспори. Посветувам посебно внимание на мојот тен и кожа, а тоа се состои во чистење на моето лице, со млеко и тоник, еднаш месечно класичен третман да се исчисти длабински кожата, а потоа само правам рачни масажи со хранлива маска бидејќи имам сува кожа. Декоративната козметика ја користам во специјални пригоди, кога имам снимање, фотосесија, а во текот на денот само руменило и руж на усни користам од време на време маскара, својот тен го обожувам и течната пудра ја избегнувам, користам само кога треба да се движам надвор на сонце фондатен кој е лесен и заштитува со посебен UVA фактор.

Колку време посветувате на облеката и модата генерално? Каков е Вашиот стил?

-Зависи за која намена. Кога сум на работа, сум многу практична и стилот е спортско елегантен, додека за вечерни излегување со повод, исклучиво елегантна, затоа што сметам дека на тој начин се изразува и почит кон домаќините. Од друга страна пак, кога сум на конференции ,стручни средби и состаноци елегатно-класична .

APS_3411

Ја обожувам тоалетата за било која прилика, по цел ден би го правела изборот на мојата комбинација ,но за жал од ден на ден сè помалку останува време за тоа. Посебен стил не можам да одвојам , но слепо не ја следам модата, важен ми квалитетот на материјалот, да биде удобен и практичен за одржување.

Ја следите ли македонската модна сцена? Каков е Вашиот став, што Ви се допаѓа, а што не? Имате ли омилен дизајнер?

-Да, особено од кога постојам јас на сцената нема дизајнер што не го следам, ниту пак не соработувам. Имаме прекрасни дизајнери, од година во година сè подобри и поактивни и можам да се пофалам последните години исклучиво од наши дизајнери носам тоалети. Последното што најмногу ме воодушеви е последната ревија од  дизајнерката Мила Кадриу. Но, дали нешто ни се допаѓа или не, сепак е прашање и на вкус и што претпочитаме во одреден период , па оттука не би можела да кажам нешто негативно за  било кого. За мене секој кој твори и работи се стреми кон нешто поинакво и поразлично, а изборот го имаат сите подеднакво, да одберат каде припаѓаат и кој стил сакаат да го прикажат на себе. Ова е многу лично и е многу променлива категорија.

Со оглед на искуството, како професионално, така и животно, каков е Вашиот став по однос на тоа колку внимание се посветува на шминката и фризурата на модните настани (па и културни и забавни) кај нас?

-Можам да кажам дека сè уште кај нас се посветува внимание на фризурата и шминката, но она што се губиме изминатите години е фактот дека слепо се следи стилот. А и тоа  е мода... Една атрактивна девојка да се појави со одредена фризура или шминка, потоа гледате уште 30 копии на неа. За жал, сè помалку сретнувам индивидуални девојки со имиџ и стил, сè се повеќе копии една на друга и имитации на манекенки од списанија, или нешто од Интернет. Речиси и да нема клиент кога ќе дојде да рече направете што мене ми прилега, туку носат списание да копирате стил или имиџ . Искрено, тоа мене ме убива во поим и мојата креативност. Нема ништо полошо и постаршно за еден уметник кој сака да креира, а при тоа мора да прави неуспешна копија.

Кое е Вашето омилено парче облека? Имате ли моден фетиш?

-Да, мое омилено парче облека се моите едноставни фустанчиња, а фетиш ми е накитот ,чевли и чанти.

APS_1078

Сега е зима, кои комбинации ги облекувате најчесто и со задоволство?

-За овој период задолжителни ми се  ролка и интересен џемпер, како и модни додатоци како шал,капа,ракавици.

Модата за Вас е...?

-Да се биде креативен , задоволен во тоа што го имате на себе и што произлегува од вас , а го пренесувате на друг ненаметливо , а притоа да бидете добро забележени, со свој имиџ свој стил.

Колку возраста има влијание врз дефинирање на стилот?

-Се знае, стилот започнува  да се негува од кога ќе почнете да сознавате за себе и самите кога ќе почнете да бирате облека и колку родителите да ви вршат притисок, тоа е посилно од вас. Но, се надградува и се менува според потребите и годините како доаѓаат, влијае и околината ,работната средина ,можностите и условите во општеството.

За крај Ваша порака до читателите на Fashionel.mk...

-Моја препорака  би била - не се срамете од себе си, не се обидувајте да се промените ,туку негувајте го тоа што го имате, сочувајте го, бидете уникатни, единствени, бидете свои, така ќе имате свој стил и имиџ, така секогаш ќе бидете забележани, запаметени и секогаш за пример и пристојни  за себеси и околината.

Објавено:
20 декември 2013