Фешнел за Мовембер

Вистински маж се станува!

Интервју со
Дарко Лешоски
18 ноември 2015

Ако во октомври зборувавме за розовата панделка и лицата со Даунов синдром, месецот ноември ни е во знакот на „Мовембер". Покрај тоа што пишувавме за приказната што се крие зад ова движење и за значењето, одлучивме да поразговараме со неколку интересни мажи со мустаќи. И брада. Или и двете.

Со интересен и забавен разговор и исто таква фото-сесија, Fashionel.mk одлучи да зборува за нешта што навидум се забавни, но истовремено и сериозни и се приклучува кон подржувачите на „Мовембер".

На тема мустаќи, мажи и здравје, разговаравме и со Дарко Лешоски.

А што ни кажа тој, читате во продолжение:

Маж без мустаќи е...

-Маж е маж, да се разбереме...Сметам дека и други квалитети освен физичкиот изглед го прават мажот маж. Верувам дека вистински маж се станува, а не се раѓа. Притоа, тука  не мислам на полот. Јас знам повеќе мажи од женски пол (се смее). Мислам на карактерните особини што треба еден маж да ги поседува. Мустаќите придонесуваат за тој стереотип со кој сите сме раснеле, дека мажот треба да ги носи. Мустаќите придонесоа за тој „машки изглед“. Е сега, и Фреди Меркјури носи мустаќи, како маж кој сака мажи, а од друга страна го имате на пример, Пабло Ескобар што е дефиниција за „мачо“ тип... Затоа велам, маж си е маж, со или без мустаќи....

Мустаќите се дел од имиџ или идентитет?

-И едното и другото. Тенка е границата помеѓу имиџ и идентитет. Можеш да градиш некој имиџ, но ако ти е различен од идентитетот, од она што навистина си, многу е рискантно и на крај секогаш неуспешно.

Зошто мажите си ги допираат мустаќите и брадата?

-Од истата причина од која жените си ја проверуваат шминката. И ставаат кармин на секои 30 минути. Таа слика е многу смешна. Ако набљудувате обично секојдневие, луѓе што шетаат низ град, ќе видите дека жените постојано се гледаат по излози, огледала...

Мустаќите од хипстерска супкултураа станаа искомерцијализирано лого што може да се сретне на многу производи...

-Сметам дека хипстерската култура е нова во тој поглед. Сè останува во еден период, кој потоа се враќа, па се заборава, па пак се враќа... Верувам дека ќе се „искомерцијализира“ до крај и повторно ќе ги снема... Не може да има мажи без мустаќи... Па што ако е искомерцијализирано? Мене тоа воопшто не ми пречи...

Знаат ли Македонците што е “Мовембер“?

-Последните три-четири години имаше добри кампањи, па сметам дека повеќето се запознаени. Мене многу ми се доапаѓа таа иницијатива и кампања, бидејќи е спонтана. Првичната иницијатива започнува во еден паб во Австралија, па тоа потоа прераснува во глобално движење. Многу сакам спонтани и хумани акции што произлегуваат од обични луѓе, а не од познати или славни.

Кога последен пат ти си бил на преглед?

-Лани, ова време. Искрено, дури и ми се допаѓа овој вид на календар-потсетник за „Мовембер“, како време кога треба да посветиме внимание на здравјето. Како што си ставаме потсетник за стоматолог, очен преглед, така и за ова. Се шегувам со моите другари дека маж си не кога избегнуваш да одиш на лекар и велиш: „Ништо не ми е!“, туку кога ќе се спружиш на колоноскопија или кога ќе ти земат брис од уретра. Е тогаш си вистински маж!

Навистина ли жените повеќе сакаат мажи со мустаќи?

-Мислам дека жените сакаат тоа што го сакаат - без разлика дали носи мустаќи или не и мислам дека се доволно убедителни ако нема мустаќи, а им се допаѓаат мустаќи, да го натераат да почне да носи.

Објавено:
18 ноември 2015
Прочитано:
4.759 пати