дизајнер

Внимавај што ќе посакаш, можеби ќе се оствари

Интервју со
Ненад Секирарски
16 јануари 2017

Работнава недела ја започнуваме со позитивна приказна. Сте слушнале за она „Кога нешто силно и вистински сакаш, ќе се исполни„, или „Внимавај што ќе посакаш, можеби ќе се оствари“... Така започна и нашиот разговор со дизајнерот Ненад Секирарски, кој покажа дека тоа е навистина возможно, а неговата приказна веруваме ќе биде инспиративна за многумина.

Оваа година му е во знакот на нови предизвици, и како дел од тимот на светски познатиот бренд KTZ на Марјан Пејоски и Сашо Бежовски, отвора поинакви видици.

Новата страница го носи во Бали, каде престојува веќе половина година и го живее својот сон. Неодамна на Лондонската модна недела за мажи беше претставена и најнова колекција на брендот, па тоа беше и повеќе од добар повод да поразговараме со Секирарски.

За новите ангажмани, креативното изразување, за тоа како изгледа кога една желба ќе стане реалност, животот на Бали и други интересни нешта, читате во продолжение.

 Ненад Секирарски

Која е точно Вашата позиција во брендот КТZ?

-Јас работам како Прв Моделар (First Pattern Maker) и на развој на продукти (Product Developer) за брендот КТZ. Интересна, креативна и возбудлива позиција.

Како воопшто се случи соработката?

-До соработката дојде случајно, како и секогаш, тие имаа потреба од некој кој ќе се посвети повеќе на квалитетот и континуитетот на кројот во брендот. Се сретнавме и се договоривме дека би можеле да соработуваме. Со некои луѓе „кликот“ во првата средба е добар сигнал дека предстои успешна соработка и тоа пак се покажа како точно во изминативе месеци. Од друга страна, никогаш не верувам во случајности, нештата се случуваат кога треба.

Познавајќи го досегашниот Ваш естетски сензибилитет, но и естетиката на КТZ, многумина би помислиле дека отворате сосема нова страница . Колку тоа што го работевте досега е слично/различно од ова сега?

-Иако сум дел од креативниот тим и мојата естетика и сензибилитет се длабоко ценети тука, сепак визуелниот идентитет на КТZ е нов работен етер за мене. Тоа е одлично бидејќи истражувајќи, се истражуваш и себеси, ги поттикнуваш нештата да функционираат на нов, различен начин, а со тоа си свеж и интересен, што во модата е есенцијален двигател. Затоа, често ќе видите професионалци кои излегуваат од зоната на комфор и ги поместуваат границите и со тоа создаваат ново. Моето искуство се претопува во КТZ и секако искуството од професионалците пред мене тука го впивам во секој сегмент.

Првата колекција со Вас како дел од тимот беше презентирана неодамна. Како изгледаа подготовките?

-Иако сум тука шест месеци, самите почетоци на колекцијата се уште месеци пред моето доаѓање. Многу од елементите во колекцијата веќе беа разработени и мое беше да помогнам да се применат. Но, тоа не ме исклучи од процесот на создавање на новите шаблони и кроеви кои, како изминуваше работата со месеците, ги доживуваа своите варијации достигнувајќи го моментот на финализирани парчиња, со јасно дефиниран изглед и секако искристализирана колекција, како во тоналитет, така и во форма.

Во кој сегмент најмногу се пронајдовте?

-Изработката на кроеви е нешто што многу го сакам и навистина уживам. Работата со Марјан ми отвoра нови видици и концепти и дефинитвно ме менува како креативец и како професионалец.

Што е главниот фокус на новата колекција?

-За да зборувам за колекцијата ќе го цитирам Марјан Пејоски кој вели дека „колекцијата е обид и тежнеење да се модифицира сопствената ДНК, да се трансформираат информациите во нас поткрепени од создавање на надворешен скелет кој визуелно, но и ментално, создава една нова војска, војска на КТZ“.

Кои се следните проекти на кои ќе работите со КТZ? И во контекст на ова, колку имате простор креативно да се изразите?

-Иако во наши услови презентирањето на колекцијата е таму каде што таа завршува, во светот на модата допрва предстои многу работа таа да стане реалност. По неколку „шоурумови“ каде што ќе се понуди, ќе следи нејзино производство а мојата работа ќе биде да помогнам како дел од тимот тоа успешно да се изреализира. Јас уживам во изработката на нови кроеви, па со тоа просторот за мое креативно изразување е голем. Не е ист како до сега, ама тоа не го прави помалку значаен.

Што прво научивте од досегашното искуство таму?

-Децении работам на женски колекции, а сега сум во тим кој е посветен на машката мода и тоа во рамките на уличната мода со дизајнерски пристап. Многу учам, многу научив, уште многу имам за учење и тоа е прекрасно. За мене модата секогаш ќе биде предизвик и простор за изразување и знам дека колку и да е значајно моето влијание како професионалец во КТZ, КТZ дефинитвно ме менува и мене.

Поради новите ангажмани моравте да се преселите на Бали. Тешко ли беше да се донесе таква одлука?

-Кога доаѓа вистинската понуда од вистински луѓе знаете дека тоа е тоа и не треба многу да се размислува. Не беше лесно да се донесат одлуките, ама убавината во тоа е што, кога имаш прекрасен соработник како Весна Илиевска работите се многу полесни. Се договоривме дека ателјето „Секирарски“ ќе продолжи со работа со истиот тим како и до сега, растојанието со новите методи на комуникација навистина не е проблем и лесно и успешно соработуваме во изминативе шест месеци. Ова ме уверува дека одлкуката што ја донесов е вистинската и дека ако се има желба, нештата секогаш можатда го добијат вистинскот пат.

Како изгледа еден Ваш ден таму?

-Да живееш на остров кој секогаш има иста температура, каде што денот и ноќта секогаш се по 12 часа, те хармонизира на нов начин и е ново искуство за мене. Мојот работен ден е 8-10 работни часа, шест дена во неделата и ако некој мисли дека тука работата е со коктел во рака под палми покрај базен, се излажал. Модата и текстилот е една од најнапорните работи, кој работел знае. Долги часови на работа, со материјали со разни мириси и хемикалии, изработки во топли, не секогаш најпроветрени погони, со луѓе со основно ниво на култура. Но, има едно ама - ама тоа е работа која секогаш би ја работел, затоа што е тоа што навистина го сакам. Процесот на добивање впечатливо модно парче не е секогаш најсјаен, но финалниот продукт кога е успешен и се продава добро е тоа што нештата ги прави вредни.

Што си помисливте прво кога стапнавте на Бали?

-Истураше од врнење и беше преполно со тропско зеленило, мислам дека немаше понасмеан човек од мене на аеродромот. Многу ја сакам природата и сум среќен кога гледам луѓе кои живеат во скалд со неа.

Не криете дека ова е остварување на сонот. Зошто Бали беше Вашиот сон?

-Секој чекор напред за мене е остварување на сонот кој се трудам да го пренесам на јаве. Мислам дека да се посети Бали е сон на многумина, а веројатно некој и помислил да живее тука. Не сум љубител на зимата, секогаш пролетта и летото биле периоди кога сум уживал а на Бали тоа е цела година. Прекрасно е да се будиш во тишина со поглед на оризовите полиња, да си земеш папаја и манго од фрижидерот кои си ги купил свежи од пазар пред некој ден, да седнеш да ги изедеш за појадок и да кажеш - Добро утро Ненад, денот може да почне.

Како изгледа кога еден сон ќе се оствари? Постои ли страв или само стремеж за некој нов и поголем?

-Јас се трудам да си ги остварувам соништата, не сакам само да седам инертно и да чекам нешто да ме погоди за да бидам среќен. Верувам во мислата дека секој пат од илјада чекори започнува со првиот и не се плашам да го направам. Чекорам сигурно бидејќи ова е моја планета и ова е мој живот, секој е добредојден на тој пат, а неколкумина го патуваме заедно.

Како изгледа да се прослави Нова година на +30 степени?

-Навистина необично и ново искуство за мене, лесна гардероба, пријатна температура, весели луѓе од сите краишта на светот. Огнометот беше за уживање, а елката и Дедо Мраз дефинитвно не одговараат во овој амбиент.

Планирате ли да ја продолжите кариерата таму, или сепак ќе се вратите во Македонија?

-Модата е непредвидлива и тешко се планираат работи за подолго од шест месеци. За сега сум тука и убаво ми е, но јас секако сум човек кој длабоко си ја сака својата земја. Дваесет години работа не се малку и затоа „Секирарски“ секогаш ќе биде дел од модната сцена во Македонија.

Објавено:
16 јануари 2017
Прочитано:
2.379 пати