Академски сликар

Во колоритниот свет на „Art of Kaliopi“: Сите илустрации се дел од мојата приказна наречена живот

Интервју со
Калиопи Трпчева
19 март 2018

Кога ќе ја посетите онлајн страницата на „Art of Kaliopi" пред Вас се отвора еден неверојатно забавен, колоритен свет во кој позитивната мисла и уникатните илустрирани карактери се водечката нишка.Креаторот на овој магичен свет со сите нијанси на живописните бои е Калиопи Трпчева, академски сликар, која ужива своите емоции и расположение да ги пренесува на хартија, преку еден сосема нов свет во кој оживуваат приказни и ликови инспирирани од секојдневието.

„Приказната за „Art of Kaliopi" произлезе од мојата желба, сите мои направени илустрации да ги пренесам на хартија и да ги објавам, за да може да ги споделам и со пошироката јавност, освен со моите најблиски", го започнавме разговорот со Калиопи.

Покрај тоа што формално се образувала на Факултетот за ликовна уметност во Скопје, следејќи ги сите модерни текови што ги наметнува технолошкиот напредок, својот талент го надоградила со курс по графички дизајн.

„Како викаат 50% талент , 50% работа и надградување... Завршив Ликовна академија, отсек сликарство, насока дизајн, а за да се надоградам со компјутерски вештини, земав и курс по графички дизајн. Но, за да се биде успешен и иновативен во оваа професија, потребно е секојдневно учење и усовршување на вештините, како и збогатување на имагинацијата и креативноста", ни открива Калиопи.

 

Нејзиниот колоритен свет е одраз на сплетот на различни уметнички техники што ги користи, „зачинети" со бесконечна креативност, емоции и ум ослободен од сите стеги на секојдневието.

„Сакам да ги користам речиси сите техники, но преферирам да работам со акварел, дрвени бои, фломастери... Дрвените бои ми даваат некое чувство на смиреност, спокој, акварелите ги доживувам како нежност, а фломастерите се цреша на торта, со нив изразувам сигурност во моите илустрации", вели нашата соговорничка.

Со оглед на тоа дека нејзината уметност не потсетува на толку обожуваните сликовници од нашето детство, ја прашавме Калиопи дали нејзините илустрации можеби ќе оживеат и на страниците на некои литературни дела...

„Моментално работам на некои проекти каде илустрациите ќе бидат во друга форма, поразлична од постоечката, но не сакам да откривам додека не се завршат. Она што може да кажам е дека многу луѓе ќе имаат можност да ги видат и да уживаат во нив. Сега за сега моите илустрации сè уште се дигитални принтови", вели уметницата која посочува дека инспирцијата најчесто ја наоѓа во секојдневието со семејството.

„Тоа ми е главниот извор на инспирација, сите принтови се дел од мојата приказна наречена – живот", додава Калиопи.

Секој карактер што ќе го сретнете низ нејзините илустрации, е производ на нејзиното моментално расположение. Па така нејзината среќа, радост, љубопитност, емпатија, темперамент, грижа – добиваат свој лик во живописните илустрации.

За нејзиниот следен подвиг, не ни открива детали, но ни најавува нешто возбудливо и интересно.

„Следно од „Art of Kaliopi" е многу интересен проект на кој работам веќе една година, а ќе биде изненадување и за мене и за вас. Креативно, интересно и занимливо... толку можам да откријам", го заокруживме разговорот со Калиопи.

Во очекување на нејзиниот нов проект, уживајте во дел од нејзините илустрации во галеријата во продолжение.

Објавено:
19 март 2018
Прочитано:
633 пати