авторка

Во љубовта и Босна сѐ е дозволено...

Интервју со
May
5 август 2016

Сите оние кои се чести посетители на профилите на „Klošarenilo“ и „Muzej sjebanosti“ на Фејсбук, веројатно се чувствуваат како сите нас кога ќе се пронајдат во сурово реалните пораки на Маида Љубишкиќ или попозната како May. Креативната Маида е неверојатно реална во сето она што го пишува во комбинација со супер илустрациите, што дури понекогаш изгледа како навистина да чита мисли. Оваа млада девојка од Босна за кратко време стекна неверојатна популарност на Балканот и голем број обожаватели од кои речиси секој ден добива искрени пораки. Нејзината ироничност во пораките е она што ја издвојува од сите останати и прави да ја сакаме и да очекуваме уште повеќе од неа. За себе ќе каже дека како што старее, сѐ повеќе го сака животот... Го сака секој дел од него, а особено убавата босанска кујна на која вели дека без проблем може да биде заштитно лице. Не толку одамна, била и вљубена... Ретко размислува за среќата, но среќна ја прават моментите поминати со пријателите, планината, излегувањата од кои секогаш се враќа со спомени... За животот, за Босна и за сите лудо реални пораки, имавме чест да разговараме токму со единствената May… 

Уживајте! 

-Каква приказна се крие зад псевдонимот May?

Зад псевдонимот May се кријат кратки пораки, но во тие неколку зборови што ги спојувам со илустрациите на шеговит и помалку ироничен начин, настојувам да ги изразам секојдневните ситуации кои ве тераат да размислувате. Кога на памет ќе ми дојде некоја реченица, правам илустриран постер и заедно ги споделувам на мојата страница. Тоа е нешто како „издувен“ вентил.

-Опишете ни ја Босна со еден афоризам што прв Ви доаѓа на памет...

Во љубовта и Босна сѐ е дозволено...

-За себе велите дека сте гурман... Кое е Вашето омилено јадење и знаете ли нешто да зготвите?

Моето име на арапски значи „софра“, јадење, гозба... и да, јас сум страстен гурман и што се однесува до мене, можам да бидам заштитно лице на босанската кујна. Готвењето баш и не ми оди од рака, барем така јас мислам. Немам некое особено омилено јадење, ја сакам домашната храна која има вкус и мирис.

-Имате ли пријатели кои „трњата ги претвораат во ружи“?

Да, и благодарна сум им за тоа. На патот да добиеш пријатели, треба и да бидеш пријател.

-Уживате ли во животот?

Како што стареам, сѐ повеќе го сакам и го ценам животот. Со еден збор, живеам.

-Ви останаа ли уште многу недокажани зборови?

 Премногу, но настојувам да ги „избркам“ како што сонцето ги брка облаците...

-Кога и каде бевте најсреќни?

Јас сум од оние луѓе кои ретко размислуваат за среќата. Можам да кажам дека планината ме прави среќна... Не е важно кога и каде, бидејќи кога и да излезам, секогаш ми е супер, секогаш добро си поминувам и стекнувам нови пријатели, секогаш ми остануваат убави спомени, а тоа е некако најважно за еден човек да е исполнет.

-Какво значење има љубовта за Вас? Заљубени ли сте?

Љубовта е sve(mir). Некогаш, не толку одамна, бев заљубена.

-Велите: „Најдобра бајка на овие простори е дека ќе биде подобро“...Ќе биде ли?

Сите оние од Балканот кои веруваат во подобро утре се несреќно заљубени. Ќе биде подобро еден ден.

-Кажете ни некој краток афоризам за Македонија...

За тешкиот живот најмногу зборуваат оние кои не го живеат.

-Може ли да се заработува од она што Вие го правите?

Соработувам со девојките од брендот LOLA.tees и заедно ги креираме маичките со моите иронични пораки. Заработка? Може да се заработат малку пари...

-Планирате ли да го проширите асортиманот, па Вашите афоризми да ги видиме и на некои други производи?

Не сум размислувала за тоа, но мислам дека сепак ќе останам на мојата соработка со LOLA.tees и им благодарам за тоа.

Објавено:
5 август 2016
Прочитано:
923 пати