Во светот на тетоважите со Емилија Пендева

Интервју со •
16 мај 2013

Емилија е многу поразлична од пред неколку години, видно изменета со тетоважи по целото тело. Уникатната и впечатлива тату артистка, е речиси единствената девојка во Македонија што изработува тетоважи, досега има освоено неколку први места на балкански натпревари  меѓу реномирани мајстори за тетоважа, а на неодамна одржаната 7-ма тату конвенција во Скопје, студиото „Еминал“ ја доби наградата за најдобро тату шоу. За нејзината неколку годишна кариера како тату атрист, вели дека постигнала многу и е горда на тоа што секојдневно се "чека ред" пред нејзиното студио.

- Секој што е вреден и професионално си ја работи работата ќе успее. Јас егзистирам од тетовирањето и навистина не можам да се пожалам. Постојано работиме со исто темпо а луѓето навистина многу сакаат да се тетовираат, без разлика на пол и возраст, вели Емилија.

Таа додава дека најголем кеиф и прават реалистичните тетоважи, а не го штеди мастилото и на себе, така што досега направила многу тетоважи, а меѓу последните на неа ја изработил нејзиниот вереник  кој не се се занимава со изработка на тетоважи, но ја добил довербата на Емилија.

-Му дозволив да ме истетовира на мојата лева дланка, тој е голем љубител на тетоважи и доста се разбира во оваа работа.Често дискутираме и разменуваме мислење, тој има тетоважи на двете раце, градите и ми се чини дека има повеќе мастило во себе отколку мене, вели Емилија.

Бидејќи тетоважите на нејзиното тело се доста маркантни, неизбежни се и реакциите на луѓето, за кои вели дека може да ни раскаже еден куп чудни случки и реакции од околината.

- Да бидам искрена не обрнувам многу внимание, мислам дека веќе навикнаа. Се случило збунувачки да реагираат повозрасни луѓе, што мене ми е доста смешно и интересно кога се потресуваат и возбудуваат кога ќе го добијат мојот одговор дека сите мои тетоважи се вистински, вели кавадарчанката Пендева.

Инаку, Емилија живее и работи во Скопје и е студент на Универзитетот "Фон", одлично слика на платно , а љубовта кон уметноста ja  има стекнато од својата мајка која исто така се занимава  и со тетовирање, покрај козметичките услуги кои ги нудат во козметичко студио во Кавадарци. Она што е најново за оваа ексцентрична девојка е тоа што неодамна се вери со нејзиното момче Горан, а за венчавка се подготвуваат налето. Емилија е необична во секој обичен ден, а како ќе изгледа на нејзиниот најголем и најважен ден во животот можеме само да претпоставуваме.

Објавено:
16 мај 2013