Психотерапевт

Зборувам гласно и рушам табуа!

Интервју со
М-р Ивана Хаџиванова
6 ноември 2017

М-р Ивана Хаџиванова е сигурно еден од најинтересните ликови кои сум ги сретнала во својот живот. Неверојатно динамична, автентична, шармантна, сигурна во себе и тоа што говори секој би посакал еден ваков психолог / психотерапевт.

Колку е навистина заболено нашето општество?

Не би го употребила зборот заболено, но со сигурност има некои растројства кои се шират како малигнитет, а би рекла дека состојбата е на нивото на алармантност. Постои епидемија на невротски растројства и депресија. Анксиозност, панично растројство, опсесивно-компулзивно растројство, фобии и растројства на исхраната и сонот. Адолесцентски кризи се најчестите психолошки препреки кај личноста за живеење во хомеостаза.

Податоците за употребата на антидепресиви кај македонскиот народ е застрашувачка. Луѓето минуваат низ различни периоди и потребна им е помош при адаптацијата. Секој човек минува низ неколку животни кризи, стресот не одминува никој од нас. Тешкотии на родителите во справување со децата, адолесцентски и развојни кризи, развод во семејството, болест и смрт во најтесниот круг, донесување животни одлуки, пост-трауматско стресно растројство, избор на професија, ниска самодоверба и несигурност, лош професионален перформанс и желба за поголем личен раст и развој се само дел од проблематиките со кои се соочува нашата популација.

Да, здравствен приоритет треба да ни биде менталното здравје, негата на психолошката и емотивната состојба, бидејќи таа афектира на нашето физичко здравје и на квалитетот на нашиот живот во секој аспект.


Кога станува збор за психотерапија се уште во воздухот лебди онаа стигма која е на ниво на примитивно размислување. Што превземате Вие како психотерапевт?

Активно работам на надминување на стигмата веќе неколку години наназад. Зборувам гласно, рушам табуа човек по човек и многу пишувам. Гостувам во емисии на телевизиите, колку што ми дозволува времето. Пишувам статии, одговарам на интервјуа и ги користам социјалните мрежи да допрам до луѓето. Водам фејсбук страна "Гешталт психотерапија", преку која се обидувам да ја дестигматизирам психотерапијата и на тој начин да ја покажам неопходноста на истата. Ми успева. Постирам текстови на одредени теми кои сметам дека се најакутни кои на читателите им требаат стручни информации за да си помогнат себеси. Пробувам и да испратам позитивни пораки и енергија до сите нив, и да ги охрабрам да побараат стручна помош или да работат на себе за да станат најдобрата верзија од себе. Неодамна, за Светскиот ден на менталното здравје, ја организирав кампањата #jasimampsihoterapevt #jasimampsiholog, заедно со Комората на психолози и многу прекрасни личности кои ја поддржаа.


Психолозите и психотерапевтите се често противници на хипнотици, антидепресиви, седативи. Живееме во држава која има најголем број корисници на Хелекс и Диазепам? Лесен пат или неукост?

Психотерапевтскиот третман е премногу важен процес во здравеењето и прогресот кај еден клиент/пациент. Некогаш тоа е во комбинација и со фармаколошка терапија, се разбира тоа е во зависност од направената психодијагностика, односно симптоматологијата и состојбата на клиентот/пациентот. Лекот е потребен, дури и неопходен во некои ситуации и за некои ментални растројства/болести. Но, употребата на анксиолитици и седативи, па и антидепресиви сметам дека не секогаш е оправдана. Апчето многу често само моментално ја подобрува состојбата, но со минување на дејството личноста повторно е изложена на своите длабоки и несвесни причинители на симптоматологијата. Од овие причини, посета на психотерапевт е од оргомно значење, бидејќи само таму може да се стекнат увиди кои би довеле до трајно подобрување на состојбата и целокупното живеење.

Најновите истражувања докажуваат дека процесот на психотерапија за некои состојби има ефект на човечкиот мозок исто како и фармаколошка терапија. Фидбекот од клиентите со кои работам, ми дава до знаење дека многу често психотерапијата им помогнала многу повеќе во однос на фармаколошката терапија. Во секој случај, независно од употребата на лекови, психотерапијата е задолжителен третман и за психопатолошки состојби и за здрави лица. Личноста мора да стапи во контакт со себе, да се запознае, истражи, освести и промени. Треба да ги согледа одбранбените механизми кои ги создала, и кои од нив се здрави и потребни, а кои не се повеќе функционални.

Ние психотерапевтите сме трпеливи и темелни. Поставуваме цели на првата средба и одиме чекор по чекор. Им помагаме на клиентите да станат свесни за сопствените конфликти, фиксации, погрешни перцепции, проекции, интроекции, отпори, потиснувања и тн. Го потикнуваме себе-прифаќањето, потикнуваме акција, автентично живеење и здрави избори.

Особено го истражуваме и работиме со огромниот несвесниот дел од нашата психа кој влијае на донесување на животни одлуки кои го детерминираат нашиот живот. Тоа со апче не се постигнува.


Колку работите на проблемот семејно насилство и колку жртвата е подготвена за рехабилитација?

Работам најчесто во индивидуален сетинг. За жал често на жртвата и треба повеќе време за да побара помош и да ја надмине фазата кога погрешно перцепира дека насилството е форма на изразување на љубов и грижа. Долг е процесот за пронаоѓање на сопствената сила и капацитети, прифаќање на личната одговорност и донесување на одлука.


Педофилијата во рурални, но и урбани средини, не се зборува на таа тема. Кој е начинот да се допре до свеста на луѓето?

Сензитивна и исклучително важна тема, вклопена во тешко прашање. Не се зборува, точно. За жал се зборува кога е предоцна, односно кога читаме сензационални наслови за злоупотреба на најневините, кои лично многу ме вознемируваат. На оваа тема имаме сите се уште многу работа. Кога велам сите мислам на родителите, наставниците и професорите, државните институции, професионалците од приватниот сектор и сите останати. Начинот да се допре до свеста е токму спротивното од тоа досега. Да се зборува и тоа гласно!

Сметам дека најважно е да се сконцентрираме за почеток на превенцијата на таквите грозоморни чинови. Би можело да се креира едукација на децата за тоа што е здрав контакт, допир и релација со возрасен, а што е преминување на границата. Да се стави акцент на нивната заштита, на секој можен начин.

Во ситуација на веќе случени вакви дела, за жртвите мора да биде обезбедена веднаш стручна помош и подршка од обучени професионалци! Педофилијата е тешка психопатологија кај личноста, која за жал кај едно дете предизвикува огромна психолошка траума.

Ваквите болни чинови и кривични дела најостро ги осудувам!


Умееме ли да се сакаме себеси?

Некои луѓе умеат, да. Но, има дел кој веднаш мора да почнат да го учат тоа! Круцијално е човек да се сака, прифаќа и почитува себеси. Многу однесувања на луѓето се спротивното од љубов кон себе. Себе-саботажа, влегување во улога на жртва, автодеструктивност и лоша слика за себе се чести борби кои се анализираат на каучот.

Која е приказната која најчесто им ја кажувате на вашите клиенти?
Секој клиент е уникатен и посебен, неспоредлив. Јас учам од нив и тие од мене. Психотерапија е заедничко патување на кои јас и клиентот сме партнери со иста цел. А таа цел потекнува и се открива во клиентот. Низ тој процес давам свој личен фидбек, споделувам свои искуства и мислења, но со голема свесност. Многу внимавам да не ја минам границата и ја задржувам својата психотерапевтската позиција.


Работите со пилоти. Што најчесто ги советувате?

Шеста година работам со воени пилоти во Тренинг Центарот за Пилоти на aеродромот во Петровец, но мојата функција и одговорност таму е спроведување на скрининг на земја на кандидатите кои се пријавуваат на конкурсите. Тоа е дел од процесот на селекцијата на кандидати за воени пилоти за потребите на Армијата и Полицијата на РМ.

Анксиозноста како секојдневие, кој е патот да се победи таа состојба?

Психотераписки третман е патот. Практикување на здрав живот и грижа за себе, вежбање, медитација, живеење во овде и сега и прифаќање на неизвесноста во животот.


Зошто почнавте Вие да се бавите со психотерапија, имавте посебна причина?

Уште од дете сакав да ги читам мислите на другите и да знам што чувствуваат. Секогаш сум била и аналитична, сакав да добро да се запознаам себеси. Истовремено сум и хуманист, личност која сака да помага. Учев средно медицинско училиште и бев една од најдобрите ученици во генерацијата.
За време на едни летни подготовки од одбојка, една од постарите играчи во клубот зборуваше за Фројд, ги објаснуваше развојните фази и фиксациите во детскиот период. Се фасцинирав! Веднаш кога дојдов во Скопје отидов во библиотека и почнав да го читам, и тоа исклучиво таму бидејќи на 15 години не ми дозволуваа да ги изнесувам книгите.Тогаш започна мојата пасија за психологијата како наука. Почнав со психоанализа и психодинамските теории, а кога започнав со студиите по психологија, паралелно почнав и формално да се едуцирам во Гешталт психотерапија. По 5 години станав сертифициран Гешталт психотерапевт и веднаш почнав да работам со клиенти. Никогаш нема да престанам. Голема предност ми беше работата од 4 години на Клиниката за Психијатрија за време на студиите. Стекнав огромно искуство во полето на клиничката психологија,психопатологијата и психодијагностиката. Психологијата е преубава наука, а Гешталт психотерапијата е огромно поле за учење и практика. Тоа за мене значи огромен предизвик и постојана професионална надоградба.


Имате ли Вие свој психотерапевт?

Секако. Имам свој психотерапевт. Ние терапевтите велиме, психотерапијата започнува еден ден, но завршува на крајот на животот. Нашето несвесното е преголемо, а животот е динамичен. Имам и супервизор, со кој правам рефлексија на мојата работа. Овие два дела се задолжителни за секој психотерапевт кој професионално и одговорно ја врши својата работа.


Како би се опишале самите себеси?

Исклучително амбициозна и посветена на кариерата. Заљубена во науката и праксата, ненаситна за нови предизвици и проширување на моите знаења и искуства. Како професионални, така и животни. Цело време ги зголемувам своите цели, и постојано ги подигнувам своите лични критериуми за себе. Многу добро сум организирана, за да постигнам да направам се што сакам, бидејќи секогаш има по неколку проекти на кои паралелно работам. Ги комбинирам моите способности и знаења на креативен начин. Притоа, не фрлам камења по кучињата кои лаат по мене додека си одам по својот пат. Си чекорам фокусирано и со голема детерминираност, игнорирам дистракции.

Јас сум многу богата, а богатството ми се знаењето и книгите кои ги трупам на полиците. Тие ми се воздух, спас и најмоќно оружје. Тоа не може никој да ми го земе, напротив ќе биде се поголемо.
Мојата душа е полна, јас сум добар човек и верник. Сакам да помагам, не очекувам возврат и не се разочарувам повеќе. Јас сум хуманист ориентиран кон луѓето кој сака да дава дел од себе и да направи позитивен импакт во нечиј живот, па и во општеството. Имам отворен ум, ослободен од предрасуди и стереотипи. Исчистена сум од сопствените комплекси (Јунговски термин) во личниот психотераписки процес. Живеам среќно, свесно и автентично, во секој миг и го ценам секој ден.


Благодарена сум за секое искуство во мојот живот. За мене нема грешка, постои само станица од патот-лекција. Од своите слабости, препреки и лични борби, јас ја добив најголемата сила и мудрост. И кога ми е поделена лоша рака на карти, гледам да изиграм најдобро што можам.

Сите ја забележуваат мојата асертивност, зборувам јасно и гласно со самодоверба. Ги изразувам своите мислења и чувства директно, искрено и концизно. Тоа е моја важна моќ, умеам и сакам да зборувам со сите. Имам себе-почит и себе-љубов, па ја давам и на другите во комуникацијата. За мене нема ограничувања од типот на верска, социјална, сексуална или политичка определба. Јас го гледам човекот холистички, со сите свои делови во себе. Ги слушам сите искажани содржини, но ја следам и цела невербална комуникација. Интуитивна сум и ја чувствувам намерата и енергијата на луѓето. Продирам низ лаги, и најважно никогаш не се лажам себеси!

Во себе чувствувам огромна животна енергија која ја канализирам конструктивно. Некогаш кога ме преплавува одам на тренинг или медитирам.

Имам проблем со наметнати авторитети, во моите очи јас ги бирам и одредувам нив. Не трпам неправда и понижување, се бунтувам, одбивам. Замижувам на пропусти само ако доаѓаат ненамерно и од добри луѓе.

Имам одлична меморија и ги помнам оние кои ме манипулирале и повредувале, но сум им благодарна зошто јас така дојдов до СЕБЕ. Не се лутам, ја прифаќам сопствената одговорност и избори во даден момент. Особено ги помнам оние кои биле до мене со безрезервна поддршка и за нив ќе правам се до крајот на мојот живот. Мислам на семејството и другарите со кои се одбрав и сега ми се семејство. Јас сум другар и човек со многу пријатели. Селективна сум во изборот на луѓе кои ми се во најблизок круг.
Сакам возбуда и нови работи, особено сакам да патувам. Го шетам светот и ги барам тесните скриени улички низ градовите, ја пробувам и уживам храната и виното од улиците и од најексклузивните ресторани. Летам со параглајдер, возам мотор, сакам екстремни спортови, се сакам да пробам. Знам да се радувам и гласно да се смеам.


Спортски тип сум, целиот живот го минав во сала или надвор по терени, реки и планини. Вежбањето е важен дел од мене и мојот карактер и си носи свој дух и дисциплина. Го обликуваше и мојот телесен став.
Би се опишала себеси и како амбиверт. Сакам луѓе и по цел ден сум во комуникација со многу, но потоа имам потреба за осама и тишина. Често одам на викенд после напорна работна недела, и се регенерирам додека молчам на сонце, лежам на плажа или берам овошја качена на врв на дрво.
Тука ќе застанам, бидејќи на прашањево можам со книга да одговорам :)


 Разговараше со Ивана, Бејбимама

Ивана носи модели на Елена Лука и Јована Филиповиќ 

мејк ап: Елена Лука студио 

фотографии fashionel.mk

Објавено:
6 ноември 2017
Прочитано:
4.558 пати