Тв водител, продуцент

Жаре му го оствари сонот на Диме Такси

Интервју со
Жарко Димитриоски
27 септември 2017

Во недела (први октомври) во 20.30 часот на телевизија „Телма“, стартува деветата сезона на „Еден на еден" – телевизиско шоу кое стана институција само по себе и македонски бренд воедно.

Го викнавме Жаре на наш терен, го вративме во улогата на Диме Такси (ликот по кој мојата т.е неговата генерација го памети) и почнавме со фотосесијата за интервјуто во кое направивме ретроспектива од „Големи и мали" до предизвикот наречен 9-та сезона „Еден на еден" зад кој стои сериозно голема екипа.
Жарко Димитриоски од детското драмско студио имаше еден голем детски сон кој денеска го живее. Но, имаат ли цена детските соништа? Кој е предизвикот да се дотурка до 9-та сезона? Што сѐ би направил за да постигне гледаност? Читате во интервјуто во продолжение...

Што има ново во новата сезона?

Нов термин – недела во 20:30 часот. Заборави на мечето Ушко, Жаре ќе те успие! Добро, не би сакал реално да заспиваат луѓе додека ја гледаат емисијата ама ме разбираш што сакам да кажам...
Има и други новитети, имаме исклучително силно засилување на екипата. Нека гледаат луѓето, ќе бидат баш убаво изненадени од тоа кој ни се приклучи во „Еден на Еден“.

Кој е најголемиот предизвик да се дотурка до 9-та сезона?

Часовите и часовите работа и труд, а богами и жртвување на се' друго околу тебе. И борбата! Прво да се избориш за место, па да се избориш за опстојување, па да се избориш за гледаност, па да се избориш за финансии, па да се избориш за твое растеретување и зголемување на екипата, па да се избориш за свое студио, за автономија, па да заборавиш за што точно се бориш, па да ти текне итн итн. Приватна независна продукција е ѓаволска работа. Па, уште 9 години...

Ќе го донесеш Стинг на гости пред концертот?

Ќе се донесам себеси кај него на концерт, а ако „Авалон“ го даде, јас радо ќе го земам и во емисија. :)
Слушате Авалон? Па кога веќе го донесоа во српско ток шоу, зошто да не и во македонско? Тоа ќе биде баш заеднички успех на сите.

Што сѐ би направил за да постигнеш гледаност?

- Би ја запросил Јелена Јованова во емисија. Уште да дојдеше... Сѐ ваму сум, таму сум. А ќе се земавме едно време. Пак ме излажа...

Слушнавме дека Спасе е исклучително шармантен лик. Опиши ни го, барем!?

Не знам од каде тоа дека е исклучително шармантен, бидејќи не е. Впрочем доста подобро излегува во емисија од тоа што навистина е. Досаден, некултурен, со исклучително лоша фризура и без основен бон-тон.

На која анегдота прво ти текнува кога е твојата емисија во прашање?

Искрено не ми текнува на ниедна посебно бидејќи сите се како еден обичен ден во канцеларија. Денес едно, утре друго. Тоа на што ми текнува е екипата. Мики, Ѓоко, Владо, Марина, другата Марина, Влатче, Тони, Жика, Кољо, Трале, Ивица, Роџо, Игор и уште 20-ина луѓе кои застанале позади мене и дале се од себе да ми помогнат да си остварам еден детски сон што после стана секојдневие, професија, работа...

Кој гостин најтешко си го договорил за интервју, ако воопшто има таков?

Па за среќа немало такви. Од аспект на логистика најмногу време сме го договарале Ник Вујичиќ, сепак човекот е од Австралија, па додека ускалдиме датуми, детали и сл. пројде многу време.
Не успеавме да се ускладиме со термините за гостување на Пол Ван Дајк, навистина штета... А дефинитивно пробавме.

А со домашните и балканските ѕвезди сè одело како подмачкано. Многу сум благодарен што сум успеал низ годините да остварам пријателска врска со голем број луѓе кои исклучително многу ги ценам, ѕвезди како Игор Џамбазов, Весна Бејби, К-15, Влатко Стефановски итн. и што нивното гостување го гледале како одење на гости кај пријател.

Која е твојата реакција на споредувањето со Џими Фелон?

Дај боже да сум ви сличен.

Како денешниот Жаре гледа на Диме Такси?

Да знае Диме што се го чека... Му љубоморам. Г**це мало, среќно, на камен... Не оди на школо, по цел ден на снмање и гајле му е. Ужива! Ама го сакам Диме Такси, морам да признаам. Би го гушнал онака топло силно, преку гушката да му дадам до знаење дека многу убави работи го чекаат и дека многу соништа ќе си исполни. И да, најважно од се', да не се секира, се' ќе биде во ред...

Според тебе кој е најреволуционерниот хумористичен лик во шоу бизнисот?

Џери Сајнифилд како некој кој стави акцент на бизнисот во шоу бизнисот. Џони Карсон како прв кој поставил стандарди за тоа што е едно вистинско "вечерно ток-шоу" и самата американска култура која веројатно е најголемиот феномен, доведувајќи до тоа да едно момче родено во Македонија на крајот на 80-ите еден ден сонува да има свое ток-шоу.

Зошто македонскиот етер стои слабо со квалитетни ток шоу емисии, со чест на исклучоците, меѓу кои и „Еден на еден"?

Затоа што требаат многу пари и треба многу работа. Затоа што не секој е подготвен на предизвиците од второто прашање. Сериозно се надевам дека ќе се променат условите и дека ќе никнат еден куп добри емисии со талентирани екипи. Свои, независни. Навистина ни требаат.

Соработници: Fashion Group (Bitsiani, Bata, Springfield)

 

 

Објавено:
27 септември 2017
Прочитано:
3.097 пати