блогерка и професорка

Жената го носи ставот, а облеката е само „обвивка“

Интервју со
Ирис Пејковиќ
6 август 2018

Неодамна на Инстаграм го забележавме профилот на младата Ирис Пејковиќ @Irispejkovic.stylefile. Со своите романтични комбинации, успеа да го задржи нашето внимание, па беше и наш предлог, доколку барате модна инспирација на Инстаграм.

Нашата објава стаса и до Ирис, а тоа доведе и до нов разговор за модата и поблиско запознавање со неа.

 

Ирис Пејковиќ е 36-годишна жена која живее и работи во Мостар. Блогерството е за неа хоби, кое веќе почнува да преминува во нешто посериозно, но сè уште скромна во своите поимања и дејствувања во оваа област ни вели:

-Голем поздрав на читателите на Fashionel.mk. Пред неколку недели ме нарековте хрватска блогерка, што е голема чест за мене, но пред сè сметам дека сум само обична жена, сопруга, мајка на две деца, професорка и вљубеничка во мода.

А модата е неисцрпна тема за неа. Љубовта ја развива уште од рана возраст и тоа благодарение на нејзината баба.

-Таа секогаш ги имаше најновите материјали, од кои за својата прва внука шиеше облека по последна мода. Се сеќавам дека во прво одделение се појавив со хеклана крагна околу вратот. Таа ме научи да плетам, везам, хеклам, кројам, шијам. Како 10-годишно девојче во трафиката на татко ми, ги листав сите можни списанија и весници, од најновата „Бурда“ за баба, до денешните „Космололитен“ и „Ел“ – се присетува Пејковиќ.

Но, со текот на времето, почнува да се менува и стилот, но и влијанијата.

-Најголемо влијание врз мојот сегашен стил имаше серијата „Сексот и градот“, која почна да се емитува пред 20 години, која и мојот стил почна да се формира. Подоцна, тоа беа емисиите „What not to wear“, сериите „Downton Abbey“ и „Younger“. Што се однесува до познатите и славни, верно ја следам Џенифер Анистон и нејзината беспрекорна елеганција на црвениот килим, Оливија Палермо – street style кралица која непогрешливо ги спојува принтовите, ткаенините и боите, како и секогаш одмерената Кејт Бланшет, која за мене е поим за совршено дотерана и децентна жена – посочува Ирис.

 

Признава дека Инстаграмот го започнала од хоби, но веќе има чувство дека ова хоби преминува во нешто посериозно.

-Па ми изгледа дека во последната година работите излегоа малку од контрала, затоа што во еден момент почна лавина коментари дека својата смисла за убаво облекување можам да ја претворам во заработка. Малку го истражував Инстаграм и најдов рецепт за зголемување на следбеници и коментари, па така најдов и неколку добри соработки и еве сега сè се одвива многу убаво. Отсекогаш се облекував за себе и сама на себе сум си најголем критичар. Секогаш мислам дека може подобро, во сè, па така и во облекувањето. Постојано сум во потрага по инспирација, барам, истражувам, гледам... – вели блогерката.

Покрај Инстаграм профилот, таа води и група на Фејсбук, насловена како „Мода шмода“.

-„Мода шмода“ е група која има преку 750 членови, сите вљубенички во модата. Ја оформив пред седум месеци на идеја и инсистирање на неколку жени кои исто така беа желни за инспирација. Во групата сите сме рамноправни, ги поставуваме своите дневни модни комбинации, фотографии и работи што ни се допаѓаат и нè инспирираат. Зошто „Мода шмода“? Алудира на тоа дека модата е игра и дека дефинитивно не треба да се сфати премногу сериозно. Исто така, после вашата објава, направив и страница „Ирис Пејковиќ“, па се надевам дека на жените ќе им се допадне. Ете, за тоа вие сте виновни :) - ни открива Ирис.

За да си ги дозволи парчињата што сака да ги има во својот гардеробер, работи и по неколку работи.

-Ух, јас постојано нешто работам за да можам да трошам на облека :) Професорката плата не е доволна, но за среќа тука се и хонорарни активности, како лекторирање, или приватни часови по странски јазици итн. Исто така, почнав и да ги изнајмувам фустаните и чантите на колешките и нивните пријателки. Кери Бредшо одлично го срочи тоа: „ I like my money right where  I can see it…hanging in my closet’ (Ги сакам парите онаму каде што можам да ги видам – закачени во мојот гардеробер).

Инаку, уште од тинејџерка започнува да заработува за себе и со тоа да вложува во својот стил, но и образование.

-Почнав да заработувам многу рано – работев во трафика, видеотека, бензиска пумпа, се занимавав со манекенство, а додека студирав, примав и стипендија. Многу добро се сеќавам дека сите пари ги трошев на облека, книги, речници и енциклопедии. Мојата домашна библиотека има околу 500 наслови, а не смеам да кажам колку фустани има во мојот плакар :).

Како што ни спомена и на почетокот на разговорот, мајка е на две деца, сопруга, работи како професор, а во текот на денот успева и да се посвети на модата. Клучот за сè вели е во добрата организација.

-Јас сум многу организирана личност. Сите дома имаме свој распоред, од училиште до вонучилишни активности. Секој има свои задолженија, децата знаат дека училиштето е најважно, двајцата се одлични ученици, имаат свои хобија и тренинзи, а и покрај тоа секогаш останува слободно време – објаснува Ирис.

А кога ги споменавме децата, таа издвои една мисла од нејзината баба, која радо сака да им ја пренесе и на нејзините најдраги:

Баба ми секогаш велеше: „Училиштето е најважно, само учи, учи, почитувај ги постарите и никогаш не излегувај од дома без да се измиеш, исчешлаш и да провериш дали облеката ти е чиста“. Ете, мислам дека тоа е доволно.

И покрај сета убавина во правењето на комбинации и облеката, Ирис потенцира како кај жената најважен е ставот.

-Иво Андриќ рекол: „Жената стои, како капија, на излезот, како и на влезот на овој свет’. Мислам дека жената пред сè го носи својот став, а облеката доаѓа како убава „опаковка“. Модата е минлива, но стилот е став, и тој ја покажува личноста на некоја жена и секако, нема никаква врска со парите. Кога жената е начитана, природна, духовита, кога има карактер, тогаш и тоа што го носи доаѓа до израз. Лично, најмногу ме инспирираат жените од јавниот живот на Хрватска. Ива Балaбан има непогрешлив вкус за облекување, Невена Рендели секогаш е во тренд, Јелена Вељача е лежерна, „неоптоварена“ во својот стил и прекрасна. Тоа се сè жени што имаат и семејство и кариера и свој јасно изразен став – смета блогерката.

 

За крај, и покрај тоа што живее во Мостар, се чувствува како Хрватка и често ја посетува, па ја прашавме дали огромната понуда на брендови во оваа земја го олеснува или отежнува стремежот да се биде добро облечен.

- Покрај толку модни трендови и понуди од продавниците, човек лесно може да се изгуби. Не е лесно сите тие трендови да се вклопат првин во својот стил, па потоа и во домашниот буџет. На некои им оди од рака, на некои пак не, како и на секое друго место во светот...  - вели Ирис.

Неа тоа одлично ѝ оди за сега, а за тоа ќе посведочат и фотографиите во продолжение.

 

 

 

 

 

 

Објавено:
6 август 2018
Прочитано:
1.900 пати