оперски пејач

Живеам во свет без предрасуди

Интервју со
Благој Нацоски
3 февруари 2017

На сцената на Македонската опера и балет вечерва за првпат ќе биде изведен Шубертовиот циклус за глас и пијано, „Зимско патување“, во изведба на Благој Нацоски и Дино Имери.

Тоа беше одличен повод да го искористиме доаѓањето на оперскиот пејач во Скопје и да поразговараме за актуелностите, но уште многу други теми...

За себе ќе каже дека е космополит и тоа веднаш се забележува. Едноставен во пристапот, расположен, со непосредност како да сме разговарале многупати досега, а всушност првпат се гледаме, но пред сè со почитта и посветеноста на разговорот што се води, каде нема место за површност, прави да се ослободите од секаков притисок и создава чувство дека можете да го прашате сè што ќе ви дојде на ум и тој ќе ви одговори.

Со Благој Нацоски разговаравме за уметноста, животот во Италија, домот, а секако и модата...

Започнавме со она што вечерва ќе се случува, а како течеше остатокот од разговорот полн со искреност, читајте во продолжение:

Пред Вас е голема и важна вечер... После колку време македонската публика има можност да Ве гледа?

-Во Македонија последен пат настапив во октомври минатата година на сцената на МОБ, на премиерата на „Севилскиот бербер“ во нова продукција, во чест на 200-годишнината од праизведбата на ова дело. А вечерва, ќе имам рецитал со талентираниот Дино Имери на пијано, исто така во МОБ. Се работи за една несекојдневна програма за овие простори, каде пијаното и гласот се рамноправни, односно има дуетирање помеѓу двата инструменти. Ќе го изведеме Шубертовиот циклус „Зимско патување“, што е можеби најважниот циклус на Шуберт напишан за глас и пијано, а и е еден од најважните циклуси во историјата на музичката литература. Никогаш целосно не бил изведен досега во Македонија, па ќе има своја премиера тука. Уште од студентските денови имав желба да го изведам овој циклус, но чекав да доживеам зрелост и музичко-вокална и животна за да можам да се посветам на истиот. Се работи за 24 соло песни, сите поврзани меѓу себе. Инспирацијата на Шуберт е изгубената љубов на едно момче и тој на симболичен начин ја раскажува преку 24 песни поврзани со зимата, чекорењето или скитањето во зимскиот период. Освен во Скопје, циклусот ќе го изведувам во Палермо и Севона.

За празниците бевте во Кина каде настапивте во архитектонското чудо, операта Харбин. Како дојде до оваа соработка?

- По моето деби во „Скала“ во улогата на Понг во „Турандот“, кога буквално ме виде целиот свет на ТВ, сега на сите страни ми доаѓаат понуди да ја пејам оваа опера, односно улога. Операта во Харбин ја има својата прва сезона годинава, тие немаат свој ансамбли така што целата сезона им е составена со гостувања на странски продукции. Јас сум дел од голема италијанска турнеја, првин настапивме во градот Тјанжин, а потоа во Харбин, во она чудо кое наликува на вселенски брод би рекол. Изведувавме три различни опери, потоа „Кармина Бурана“ и еден концерт со Хозе Карерас на токму на 1-ви јануари.

„Турандот“ во Тјанжин

Пучини ќе каже „Уметноста е вид на болест “, може ли уметноста да се толкува така?

- Да секако, јас дури велам дека театарот, односно сцената е еден вид на дрога од која се станува зависен и невозможно е да се живее без неа. Во текот на оваа турнеја се случи една анегдота и тоа токму на премиерата на „Турандот“ во Тјанжин. Имено, на почетокот на третиот чин, јас малкув доцнев на сцената и се упатив кон неа трчајќи, но заборавајќи на една ниска порта која носи до сцената, не се наведнав и силно ја удрив главата. Навистина се работеше за силен удар и за длабока исекотина, но во тој момент мојата прва мисла беше дека морам да излезам на сцена, дека претставата ми е најважна од сè. Земав едно марамче го ставив на главата и излегов на сцената така. Во првиот момент кога немав за пеење се оддалечив од сцената за да ме „исчистат“ и „залечат“ и потоа ја довршив претставата како ништо да не било.

Како некој со успешна светска кариера во своето поле на дејствување, колку Ви е тешко да почувствувате или изнајдете нов предизвик?

-Секоја моја нова улога, секој нов театар, нов град... е нов предизвик. Дури би рекол дека и доколку некоја улога ја изведувам по 50-ти пат, се трудам да најдам нешто ново во неа при секоја нова изведба.

Како се подготвувате за настапите?

-Немам некој посебен ритуал, односно како поминуваат годините, што значи искуството се зголемува, така што сè помалку се „потпирам“ на некакви ритуали.

Кои се најголемите предрасуди со кои сте се соочиле како уметник, а и како човек?

-Искрено, навистина размислував што да одговорам тука, бидејќи не сум се соочил со некои такви моменти. Мојот приватен живот е многу поврзан за професионалниот. Театарот е една голема фамилија. Од таа гледна точка, ние живееме еден поинаков вид живот, во свет во кој нема многу предрасуди, кој е многу поотворен. Постојано сме на патувања, осознаваме различни култури, народи, повеќето зборуваат по неколку јазици, јас зборувам шест, но сето тоа нè оддалечува од сите предрасуди. А јас лично, немам никакви!

Точно ли е дека е тешко да се сфатат уметниците?

-Да, точно е. Лично за да можам „добро да пеам“, за да биде сè во ред со гласот, со оглед на фактот дека гласните жици се дебели само неколку милиметри и се чувствителни на било каква промена, како ментална така и физичка, имам потреба да ги имам сите оброци како што треба. Не дека треба да јадам нешто специјално, но да ги имам во исто време, затоа што телото треба да има дисциплина. Потоа, да легнувам и да се будам во одредено време. А кога ќе го кажам тоа на некој што не се занимава конкретно со оваа професија, можеби си помислува: „што ли се замислува овој“, но не е така. Што се однесува до онаа ментална страна, и „станувањето на лева нога“ исто така влијае на пеењето. Би рекол дека психата повеќе влијае на гласните жици, отколку физичкиот момент. Од друга страна, сега ги разбирам постарите колеги, дека некои комодитети се навистина потребни. Не е тоа луксузирање или разгаленост. Со самиот факт дека треба четири часа на пример, да чекам на аеродром, а годишно менувам по 50-60 аеродроми, не кријам дека мене ми е поудобно да одам во ВИП салонот и да ги поминам таму. Но, не за да звучи тоа помпезно и луксузно, туку за да можам да се опуштам и одморам... Тоа е потреба, бидејќи кога ќе слетам на другата страна, веднаш ме чека проба, па и телото и гласот треба да бидат одморни за да можам да ги го дадам својот максимум.

Можете ли да направите компарација на образовните процеси во Италија и Македонија, кога е образување на еден соло-пејач во прашање?

-Главната разлика е во тоа што, кога се школував во Италија уште од првиот момент бев подготвуван, или насочуван ментално, дека јас се подготвувам за светските сцени. Во ниту еден момент не ми беше дозволено дека треба да се задоволам со нешто малку, туку да се стремам кон нешто најквалитетно. Јас не завршив факултет тука и не го познавам од тој аспект, но знам како размислуваат некои помлади, со кои сум разговарал, што учат или учеле соло пеење и кои велат:„да си стасам до тоа место, да се осигурам, па ќе видииме“. Постои ограниченост. Секогаш им велам на помладите што учат, да се стремат кон нешто повисоко. Ако се занимаваш со оваа уметност, тогаш треба да ја работиш на највисоко ниво. Медиокритетот во оваа професија не треба да постои, иако тоа е нешто со што се соочуваме секаде во светот, но јас лично, навистина се борам против тоа.

Велат, таму каде што завршуваат зборовите, почнува музиката... Кога останувате без зборови?

-Па, на пример сега (се смее). Да се остане без зборови може и од нешто позитивно, но и од нешто негативно... Останувам без зборови кога гледам културолошко уназадување на општеството на светско ниво, особено од оние што треба да нè водат и да ни го направат животот поубав. Зборувам за политичарите на светско ниво. Мислам дека ова уназадување од културна гледна точка (кога зборувам за култура, мислам на лична култура, образование итн), не ни прави никаква услуга и несомнено живееме во лош период. Трагично е кога тие што треба да работат за наше добро се уште поуназадени од нас. А уште потрагично е што живееме во епоха кога треба да е лесно да бидеме поцивилизирани и покултивирани. Опкружени сме со секаков вид информации за сè, ги имаме сите услови да знаеме што е добро, како се живее подобро, што е подобро за децата, за сите нас... Тоа ме растажува и ме остава без зборови уште повеќе. Наместо да го поедноставиме, ние си го комплицираме животот, се враќаме назад. Ги гледам децата што се раѓаат денес... Тие уште на две години имаат инстинкт да допрат телефон, таблет... Значи тие се раѓаат со повеќе информации од нас, треба да им се даде можност да ги добијат вистинските информации – вистинско образование и култура за да се развиваат како што треба... И секако, домашно воспитание.

Каде Ви е домот?

-За неколку месеци ќе биде точно половина од мојот живот  како живеам во Италија. Од, ако можам да речам, национално-свестна гледна точка, за мојот идентитет нема никакво сомнение. Никогаш не сум почувствувал дека сум нешто друго освен дека сум Македонец. Но, ако се базирам на мојот менталитет што сум го створил во овие 19 години, сигурно не припаѓам на овој балкански менталитет, но не и на италијанскиот. Би рекол дека имам космополитски начин на живеење, особено дека постојано сум во различни средини. Дури и моите родители ми велат дека сум различен. И веројатно е така, и не можам против тоа. А напротив, и среќен сум што е така. Се чувствувам многу космополитски и среќен сум што е така. Се чувствувам добро во својата кожа, а со тоа се чувствувам добро и во сите средини.

Како изгледа еден Ваш ден?

-Ах, невозможно е да се опише еден мој ден, со оглед на фактот што 10 месеци во просек ги поминувам во различни градови, односно држави. Но ете, да речеме дека кога сум дома во Џенова, постојат некои навики од кои не се откажувам. Живеам непосредно пред морето, така што секое утро сум на пристаниште со моето куче, со кое сум многу приврзан, каде се шетаме, играме итн. Потоа, следи второто утринско кафе (првото го пијам веднаш штом се разбудам) кај мојот пријател Џовани во барот „Филео“. Кога сум во Џенова, речиси секојдневно тренирам кросфит. Останатиот дел од денот го посветувам на дружба со пријателите и на вежбање, односно изучување на некоја нова улога доколку е во план.

Каква е Италија во зима?

- Во Џенова нема типична студена зима. Освен понекогашниот студен ветер кој знае да дува од морето, климата е многу убава и тоа е една од причините што решив да се преселам таму.

Колку модата е важен сегмент од Вашиот професионален и приватен живот?

-Важен е несомнено. Морам да кажам дека сум зависник од кошули. Постојано купувам кошули. Најчесто сум облечен лежерно. Сакам да се дотерам, го сакам и шопингот. Во последно време, што се однесува до спортскиот дел од обллеката, купувам во Abercrombie & Fitch, што може да се каже дека ми е омилен бренд. Не сум зависник од мода, но секоја личност што се занимава со јавна професија, треба да внимава на тој сегмент. Лично внимавам и се трудам да се облекувам според пригодата. Можноста што ја имам во животот, да прошетам и да видам, исто така влијае на оформување на моден вкус. На крајот, живеам во државата на модата и опкружен сум со убавина околу мене. Живеам речиси 20 години во Италија и имав време да си го навикнам окото на убави нешта и да ги препознавам.

За крај, што следи после вечерашната премиера?

-Веќе следната недела, поточно на 8-ми февруари, истотака во МОБ, ќе настапам во „Дон Џовани“, а на 10-ти во„Севилскиот бербер“. Во април пак, за првпат ќе имам настап на „Деновите на македонска музика“, каде со колеги од Италија ќе изведеме едно дело наречено „Седум песни од светлина и прав“ на стихови на Никола Маџиров и музика на италијанскиот композитор Анџело Инглезе. Делото ја имаше својата праизведба во Италија во 2014, а во 2016 беше уште два пати изведено. Така, ова ќе биде македонска премиера и навистина се радувам на претстојниот период.

Објавено:
3 февруари 2017
Прочитано:
940 пати