гитарист

Животот без желби е поубав

Интервју со
Дамјан Пејчиноски
14 мај 2018

Пред неколку години познатиот гитарист Мајкл Анџело Батио за него ќе каже: „Дамјан е најверојатно најдобриот млад гитарист што сум го видел и слушнал во последно време. Тој има неверојатна техника и свири со самодоверба и една особена зрелост. Тој е дефинитивно една од новите и млади ѕвезди што треба да се следи“. Веројатно ова се вистинските зборови со кои најдобро може да се опише младиот и талентиран гитарист Дамјан Пејчиноски кој неодамна нè разгали со инструменталната верзија на прекрасната „Ти не дојде“ од последниот албум на Каролина. Ние имавме чест да поразговараме со него за актуелните проекти, за „Shine“, за Дамјан Пејчиноски Трио, за најголемата љубов на неговиот живот и за многу други интересни работи.

Уживајте!

-Деновиве Вашата инструментална верзија на „Ти не дојде“ е вистински хит на социјалните мрежи. Како Вие ја доживувате песната?

„Ти не дојде“ е вистинско ремек дело на Николче Мицевски, ретко убава композиција во етно стил напишана во последно време. Драго ми е што инструменталната верзија е одлично прифатена на социјалните мрежи и низ македонските портали. Ми требаше некое време за да ја прилагодам за гитара и да го најдам вистинскиот звук кој ќе ја донесе во право светло. Мислам дека не згрешив што избрав класична гитара и горе – долу класичен пристап кон аранжманот. Привилегија е да се гостува на музички издржан албум.

-Што значи легенда како Greg Howe да Ви додели прва награда?

Убави моменти. Не беше толку важен натпреварот на кој што учествував, колку дружбата со легенди како Greg Howe, Andy Timmons, Michael Angelo Batio, Michael Lee Firkins. Она што ме импресионира беше почитта и третманот што го добив од организаторот Corrado Sqandura, сега веќе мој добар пријател. Инаку, најнезаменливо чувство имав кога победив на Rock Fest 2002 и Влатко Стефановски ми ја врачи наградата за најдобар гитарист. Бев млад и ми значеше многу, не можев да ја тргнам насмевката од моето лице. Повеќе не се пријавувам на гитарски натпревари, но многу ми помогнаа во поглед на креирање на базата на обожаватели.

-Колку Македонија отвара перспектива за млади музичари?

Со развојот на Интернетот и социјалните мрежи, денес и не е важно каде си. Доволно е да имаш способности и основна опрема за да се снимаш аудио/видео, па да ја продаваш и рекламираш својата креативност таму. Ако си упорен и константен, ќе постигнеш нешто, зависно колку е голема твојата желба. Порано беше поинаку, сега е друго време, се бараат готови производи.

 -Што за Вас претставува „Shine“? Какви спомени Ве врзуваат за бендот?

„Shine“ е „entertainment“ проект и ме прави среќен кога знам дека луѓето што не слушаат се среќни. Публиката сака шоу и забава. Тое е поентата на „Shine“ - making people happу. Оваа година славиме 10 години континуирано постоење. „Shine“ е „entertainment“ и егзистенција. 10 години на пат, спомени колку сакаш, дружба со позитивни луѓе, од високо профилни настани и фестивали па сè до „some crazy s**t“.

-По што се разликува од Дамјан Пејчиноски Трио?

Дамјан Пејчиноски Трио е друга приказна. Таму свирам инструментална музика, на оние што ги интересира и не слушнале за мене, можат да го проверат мојот Youtube канал каде што сум доста активен во последно време. Репертоарот се движи од џез и џипси џез стандарди, етно теми, класични па сè до електрична гитара – jazz fusion, rock итн. Не очекував, но мојата музичка надоградба замина во изучување на различни музички стилови. Токму тоа и се обидуваме да го презентираме. Имаме настапувано во Македонија, Косово, САД, Кина, токму со овој концепт, кој се покажа како успешна формула.

-Што се случува кога ќе застанете на сцена?

Сцената е место каде што нема криење и лажење. Кога свириш во живо се случува сè и сешто. Освен што треба да си 200 проценти спремен, треба да понудиш шоу, без разлика каков си во приватниот живот. Да го исконтролираш адреналинот и да го насочиш кон себеконтрола и фокусираност. Луѓето очекуваат да им биде забавно, да им го задржиш вниманието од почеток до крај. Сите настапи се значајни, да згрешиш тон е оправдано, но свирење без емоција не е.

-Која мелодија никогаш нема да престанете да ја свирите?

Моите композиции.

-Раскажете ни ја приказната за вашата прва гитара? 

Мојата прва гитара ја наследив од брат ми. Многу ми е драга и сè уште ја чувам. Многу луѓе почнуваат да свират гитара бидејќи е кул и изгледа подобро да свириш гитара отколку фагот. Но, за да се наречеш гитарист треба многу повеќе од тоа. Гитарата е религија каде што нема правила што треба да ги почитуваш, каде што треба да заборавиш на сè она што дотогаш те учеле, спремен да бидеш озборуван, да бидеш вечен бунтовник и да го отклучиш твојот креативен потенцијал.

-Остана ли нешто неостварено за Вас кога е кариерата во прашање?

Што се однесува на кариерата и немам некои желби. Животот без желби е поубав. Го правам она што го сакам, ако пропратно има успех, материјална егзистенција, слава – добредојдено е. Ако бараш успех – колку е доволно? Слава – колкава количина ти е потребна? Пари – колку се доволно? Креативниот ум бара нешто друго, поинаков начин на стимулирање на емоциите. Најголемиот дар ни е веќе даден, само треба да уживаме и да го правиме она што не исполнува и прави среќни.

-Која е најголемата љубов во Вашиот живот?

Музиката и инструментот на кој што се изразувам. Таа љубов е вечна. Таму нема правила и не треба потпис на документ за луѓето да ти веруваат дека љубиш. Плус можеш да свириш различни стилови и на различни гитари.

Фото: Приватна архива

Објавено:
14 мај 2018
Прочитано:
885 пати