Проект „40-те се новите 20-ти“

Животот е премиера со секој нов ден

Интервју со
Марта Наумовска Грнарова
24 декември 2015

Тие имаат кредибилитет да кажат да или не, без објаснување. Нивната привлечност е нивната самодоверба, сигурност во себе, во својот став кон животот. Тие го достигнале зенитот на нивната женственост и сега го уживаат секој момент и привилегија на нивната петта деценија од животот. Fashionel им се посветува на жените во нивните 40-ти години со нов циклус на интервјуа во кои наши хероини се дами кои нè инспирираат нас, што сме во 20-тите или 30-тите години. Нашата денешна хероина е уникатната Марта Наумовска Грнарова, генерален директор на компанијата „Завар", со која поминаме навистина интересно попладне. Покрај фотосесијата што ја направивме, Марта беше доволно љубезна да ни одговори и на некои од најважните прашања што жените си ги поставуваат во оваа деценија од животот. Во интервјуто, таа искрено говори за стареењето, амбициите и предизвиците со кои се соочува, за љубовта со нејзиниот партнер со кој е заедно цели 22 години, за сексот на 40, за тоа што е она што прави една жена да се чувствува убаво.

Уживајте!

Што научивте од животот досега

Убавината или предизвикот на животот и секојдневието: Токму кога ќе си помислиш дека нешто околу некоја ситуација си научил или надминал тој те изненадува со нешто ново. Животот е полн со изненадувања и само од нас зависи како сакаме да гледаме на нив и што сакаме да научиме од тоа. Научив да сакам, а сепак со секој нов ден учам повторно. Научив што ми е важно , а што помалку важно во животот - и повторно се борам секојдневно со приоритетите и со нештата што може да се направат во 24 часа. Научив што ме прави среќна, но секојдневно сакам да откривам нови димензии на среќата. Научив како да се справувам со одредени ситуации и личности и повторно ќе се случи нешто што ќе ме збуни, стави пред ѕид или ќе ме изненади сопствената реакција. Не сакам да правам пресеци и да мудрувам околу животот зошто сметам дека ниту едно животно доба не е доволно како временски интервал за да кажеме дека многу знаеме и дека поседуваме доволно животна мудрост. Животот е премиера со секој нов ден. Нема репризи, нема повторувања. Секој нов момент е нова претстава. И во тоа е убавината.

Ве плаши ли стареењето?

Не , воопшто. Животната енергија не старее, само со текот на времето добива повеќе и повеќе нијанси од виножитото. Тоа е единственото нешто во кое верувам. Повеќе се плашам ако поминам долг живот на оваа земја изразено како апсолутна временска категорија не живеејќи со полна сила и радост. Важно е како се живее и важно е секојдневно да се дава својот максимум во правец на реализирање на нашата мисија на постоењето. Колку тоа ќе трае никој не знае и не е ни важно на крајот. Тоа што е важно и што ни останува се убавите спомени, емоциите и страста со која сме го поминувале секој еден ден. Секако неминовно е да се прашуваме дали телото ќе не изневери во оваа наша мисија и како тоа би изгледало, но среќата и убавината на живеењето се над нашиот физички облик.

Што ѝ е најважно на жената во 40 – тите?

Морам да се согласам дека четириесетите се многу убаво и многу важно доба од животот на една жена. Навистина мислам дека жените во оваа доба се најубави, го добиваат својот вистински облик и блеснуваат. На жената во четириесеттите и е важно да ужива со полни гради во она што макотрпно го градела претходните две децении – образование, кариера, семејство. Жената во четириесеттите години има поставено база за својата кариера и ги има сите предуслови да ја вивне во правец и место каде што отсекогаш посакувала. Полно недоумици се расчистени и кристализирани се целите и правците околу тоа каде сакаме да стигнеме. А најдрагоцено од сѐ е тоа што знаеме што сакаме од животот и дозволено ни е да уживаме во него. Долги години пред тоа целото свое време го трошев само на работа, потоа дојде Дора и бев растргната помеѓу работата и времето поминато со неа. Со години спиев само по неколку часови за да можам да стигнам сѐ што сум зацртала во денот. Денес се организирам на начин да можам на се да одговорам но и да најдам време за работи кои ги сакам - вежбање, престој во природа, кафе со пријателите, убав концерт или изложба. Не спаѓам во оние луѓе кои се најорганизирани, но успевам да одговорам на обврските дома, во мојата компанија, скопската недела на дизајн и асоцијата на метална индустрија која ја оформивме минатата година.

Патувањата кои се неизоставен дел од мојот живот гледам да ги искомбинирам, па службените патувања некогаш ги претворам и во семејни.

Пластични операции – за или против?

Апсолутно ЗА. Како и за сѐ останато така и за ова прашање многу е важна  умереноста или “усулот”. 

Како реализирани и пред сѐ комплетно свесни битија во четириесетите можеме да си дозволиме некаква корекција која би ја дополнила и комплетирала сликата за тоа како се гледаме самите и во тој контекст секако ги оправдувам. Обидувајќи се да се вклопат во овој новосоздаден стереотип и по секоја цена да докажат дека за нив стареењето не постои многу жени за жал стануваат еден вид зависни од овие операции и интервенции и завршуваат како пластични безизразни марионети со мазна кожа и безживотна насмевка.

Што би направиле во животот после 40 – тата?

Многу работи. Сѐ што не сум направила досега сакам да го направам во втората половина од мојот живот. Да скокнам со падобран, да освојам планински врв, да истрчам маратон од 22км, да откривам неоткриени за мене точки од земјината топка, да запознавам нови инспиративни луѓе, да ја гледам ќерка ми како расте, да се радувам заедно со неа , да се смеам, да плачам, да паѓам, да станувам, да видам уште многу изгрејсонца и зајдисонца во нови предели или од нов агол, да се радувам и да готвам за пријателите, да направам што повеќе луѓе среќни, да променам нешто, да учам, да создавам, да влијаам на нечиј живот позитивно, да создавам уметност, да свирам, да пејам.....

Го чувате ли детето во Вас?

Се трудам максимално да го сочувам детето во мене. Иако, ако размислам, бев прилично сериозно и амбициозно дете. Сепак нашите генерации имаа едно многу среќно и безгрижно детство што за жал не може да се преслика на генерациите на нашите деца. Но, секое време си носи нешто свое и наша задача е да се прилагодиме на времето во кое живееме и спремни да го дочекаме времето кое следи Ако не му дадеме шанса на времето во кое живееме и на она што следи самите се осудуваме да завршиме во еден маѓепсан круг на нереализирани соништа од кој нема назад и носи само несреќа. Љубопитноста и отвореноста кон новите работи, постојаното поместување на границите и постојаното учење се некои од работите кои ги негувам. И радувањето, смеењето, танцувањето, пеењето. А најмногу тоа што си дозволувам да згрешам и да научам нешто ново. За мене е толку стереотипно и невистинито кога се алудира на некоја животна зрелост и мудрост кога грешките не се дозволени. Сите секојдневно паѓаме и стануваме и тоа е животот. Или ќе се плашиме од него и ќе најдеме безброј оправдувања или  ќе затвориме очи, ќе вдишиме длабоко и ќе се качиме на вртелешката.

Кои се предностите што жените ги имаат во овие години?

Има многу предности. Слободата пред сѐ. Слободата заснована на искуството, реализираноста, сигурноста, а вдахновена со амбициите, соништата, желбите за иднината.

 Кога имав 16 години еден ден дојдов дома целата среќна и возбудена и одвај дочекав да им кажам на родителите дека сум поканета да бидам фотомодел за еден моден каталог. Не можев ни да претпоставам дека за моите родители тоа и нема да биде баш најприфатливо. Татко ми ме праша зошто би сакала тоа да го направам, а на тоа морав да одговорам неискрено , па  реков дека сакам  да заработам за џепарлак. Неговиот заклучок беше следен: штом ми е потребен дополнителен џепарлак, тој има идеја како можам да го заработам . Идејата беше еднаш неделно да ги мијам двата автомобили и во текот на неделата навечер да му помагам со пишување на понуди. Во тие години тој само што ја започна со работа нашата семејна компанија Завар и секаква помош му беше добредојдена. Јас доживеав шок, од фантазијата на еден тинејџер дека ќе ме фотографираат, ќе бидам убава и луѓето ќе дознаат за мене ме стави во сосема друг филм на девојче што мие кола во двор и повремено изигрува секретарка? Во тој момент мислев дека тоа е толку нефер, еден скршен тинејџерски сон.

Ете денес со целата почит кон мојот татко сум благодарна што беше строг со мене, ме научи да бидам вредна, амбициозна, да не се плашам од работа и ми постави високи критериуми. Сметам дека сите овие вредности што ми ги всади се многу важни и мислам дека нема да му пречи кога ќе го види овој едиторијал денес.

Дали се поголеми или помали амбициите во 40 – тите?

Не мислам дека се помали, дури напротив уште поголеми. Но, разликата е дека се реални и се дефинирани. На оваа возраст знаеме веќе што можеме и што сакаме, исто како што знаеме што не можеме и не сакаме. Овие години за мене се некако многу важни бидејќи на некој начин сега ја кроиме својата идна кариера. Професионално искуство, за мене конкретно со траење од 18 години до сега версус  кариера која допрва претстои и треба да се развива од уште цели дваесет и две години.. Можноста и потребата за креација не познава време и граници, само работа и енергија. Едукацијата исто така сметам дека никогаш не треба да заврши. Оваа година бев на една исклучителна обука за Дизајн и менаџирање на дизајнот во Токио, како стипендист на министерството за економија на Јапонија.

Која е Вашата слика за реализирана жена?

Реализирана жена е секоја жена која се чувствува удобно во својата кожа, знае што сака и својата позитивна енергија ја пренесува на околината. Не треба да се држиме до стереотипи што треба да се постигне, што треба да се поседува и слично за да влеземе во некои зацртани рамки што значи да бидеш реализиран. Може да имаш направено се по список и норма, а повторно да не си среќен. Едноставно, секој оној човек кој е среќен и позитивен и така делува на луѓето околу себе е реализиран. Тоа би била мојата дефиниција и тешко ми е да зборувам само за еден пол бидејки луѓето за мене се исти – имаат исти шанси, исти обврски, исти копнежи – и мажите и жените.

Сексот на 40 или на 20?

Иако сум со еден ист партнер уште од мојата дваесетта година – гласам за 40 ! Викендов прославивме точно 22 години партнерство, љубов и заедништво. Морам да бидам искрена дека сум исклучително горда и среќна што сѐ уште сонуваме и живееме со истата страст за животот како и првиот ден. Павле е мојот најдобар другар, колега, партнер, љубовник, што во одредени моменти може да биде навистина комплексно. Но, кога си со вистинскиот човек покрај себе наоѓаш сила да си бидеш постојано нов и инспиративен еден на друг.

Се чувствувате ли секси?

Да се надоврзам на претходното прашање, сега повеќе отколку кога имав 20 години. Можеби токму заради самосвесноста, прифаќењето на тоа која сум и зрелоста која си докажа со времето. Мислам дека жените во своите четириесетти години живеат одреден максимум што се однесува до сексуалната желба, сила , моќ, а најмногу во способноста за препуштање во моментот и вистинско уживање. Сето ова не прави да се чувствуваме секси и удобно во својата кожа.

Правила  во дефинирањето на Вашиот стил во овие години?

 По природа сум голем естета и посилно од мене е дизајнирањето на мојот имиџ и на просторот каде престојувам како дел од рамнотежата која ми е потребна за да функционирам. Тоа секако не значи дека сум роб на облеката и дека не знам да излезам од дома во било каква варијанта, па ако така се чувствувам и по пижами. Број еден се неизбежните наочари, без нив се чувствувам непотполно и се важен дел од мојот имиџ. Број два се секогаш средените и излакирани нокти, никогаш нема да ме видите без лак на ноктите. Број три – никогаш не сум без обетки, задолжително необични и во сребрена боја. Број четири ми се чевлите. Тие секогаш мора да бидат впечатливи и необични, без разлика дали се работи за патики, чизми,сандали или друг вид на чевли, кај мене во плакарот има се само не класични чевли. Еве до денешен ден одбивам да поседувам класични едноставни црни салонки кои, нели, би требало да се MUST за една бизнис дама во своите четириесетти, но во мојот случај мора да има нешто на нив. Особено ми се слабост чевли со иноксни потпетици или други детали. Обожувам да носам фустани кои се многу практични за комбинирање  и за патување бидејќи со малку зафатнина можеш да понесеш со себе доволно различни комбинации, а истовремено прават да се чувствуваш секогаш женствено. Сакам да мешам стилови и секогаш мора да има дозирана екстраваганција во изгледот, но не дозволувам да ја помине линијата и да премине во наметлива ароганција.

Вашата дефиниција за убава жена?

Убава е секоја реализирана, самосвесна и среќна жена. Убавината на жената е во начинот на држењето на телото, во насмевката, во погледот, во зборот, во движењето. Мислам дека секоја жена поседува нешто свое и специјално што ја прави убава. Убавината на душата на една жена не може, а да не излезе некаде на површина и да ги плени луѓето околу неа. Убавината не е во идеалните црти на лицето и манекенски пропорции на телото. Особено е важно жената да остане убава и подеднакво интересна кога ќе прозбори, да не остане само убава замрзната визуелизација. Затоа е потребно постојано инвестирање во себе, важно е да го негуваме телото но уште поважно е да ја храниме душата. Хигиената на душата секогаш останува забележана. Убавината е во енергијата што една жена ја шири околу себе .

Омилени жени во 40 – тите...

Неизбежната Моника Белучи, потоа Кејт Бланшет, Џулија Робертс, Никол Кидман, Камерон Дијаз...

Кое е Вашето животно мото?

Не постои НЕ МОЖАМ, само НЕ САКАМ.

Кои се Вашите приоритети во животот денеска?

Балансот помеѓу обврските, желбите и времето кое ни е на располагање е клучен фактор за среќа па според тоа и за дефинирање на приоритетите. Кога зборуваме за приоритети тука се секако  работата, кариерата, семејството . без размислување кога сме кај семејството  пиедестл има мојата ќерка единица. Но и секогаш да се најде време за уживање во работите и луѓето кои ги сакам.

Задоволни ли сте со себе?

Искуството и досега постигнатото ми налага дека треба да бидам сосема задоволна. Од друга страна  воспитувањето и амбицијата ме тераат секогаш да ја негувам потребната доза на незадоволство која ме води напред и ме тера секојдневно да се трудам да бидам подобра од вчера. Преголемото задоволство и комоција не водат кон напредок, тоа е мојот став и начин на живот.

Сметате ли дека 40 – тите се новите 20 – ти?

Колку што времево во кое живееме има свои недостатоци толку има и придобивки. Пред се тука мислам на наука и технологија во функција на подобрување на условите за живеење, во козметиката, медицината. Во земјите со висок стандард на живеење како Швајцарија, Англија, Јапонија просечниот животен век е значително зголемен и се поместува кон девеесеттите години од животот, што реално ги поместува границите и сфаќањата што во одредено доба од животот е карактеристично и можно. Во таа насока и го сфаќам овој слоган бидејќи за многу работи стандардите се поместуваат. Јас на тоа гледам како можности и очекувања на она што ни претстои , а не како буквално споредување на возраста сама по себе.

Како се чувствувате кога денеска ќе се погледнете во огледало?

Морам да признаам дека последниве години повеќе време поминувам пред огледало бидејќи првенствено не излегувам од дома без барем основен мејкап што порано не било случај, барем за мене. Покрај неминовните забелешки на моето критично око во однос на брчки, мозолчиња, вишок килограми и слични несовршености, навистина се чувствувам задоволно од себе и ја сакам својата искрена насмевка во огледалото кога сме сами

Верувате ли во бракот како институција?

Јас сум во хармоничен брак веќе шеснаесет години кој е резултат на една младешка љубов од студентските денови. Ние пораснавме заедно, зедно созревавме, растевме и се менувавме. Тоа  низ годините  создало една нераскинлива врска меѓу нас што е тешко да се гради на сегашни години. Денес динамиката , потребите и критериумите се поинакви. Не сум сигурна кога би требало сега да барам партнер дека би сакала да влегувам во брак. Сепак сум неизлечив романтичар и верувам во вистинска љубов на било која возраст. Посветеноста на една единствена личност ја одредува нашиот ментален склоп и секако околностите, парчето хартија е споредна работа и сѐ повеќе губи на вредност во современиот свет.

2015 е Ваша година. Последно прочитавме за вашите дизајни во парискиот салон за мебел L’Appartement... Што значи тоа за Вас?

Вака предновогодишно ако сумирам навистина имав една прекрасна и продуктивна година исполнета со многу важни и убави работи. Еден од проектите кои ја одбележаа и по кои ќе остане запаметена како година е и овој проект со реномираниот македонски дизајнер Марјан Денков , кој живее и работи во Париз. Со него се запознавме минатата година и како вистински креативци меѓу нас проструи оној позитивен клик на енергии. Веднаш знаевме дека мора нешто да направиме заеднички. Така произлезе дизајнот за радијаторите кои беа специјално направени за ентериерот на новиот салон на Ruemonsieurparis, брендот за дизајниран мебел на Марјан , наречен L’Appartement. Ексклузивната промоција  на салонот беше направена во септември во склоп на Paris Design Week со отварање и коктел на кој присуствуваа многу новинари и реномирани архитекти и соработници од целиот свет. Комплетниот проект беше високо вреднуван и доби специјален третман на страниците на сите највлијателни списанија и портали за дизајн, а започна со објавата во ноемвриското издание Marie Claire Maison. Самата промоција на брендот Завар Дизајн на ваков начин и неговото влегување на страниците на светските списанија за дизајн е од огромно значење за самиот бренд и ќе претставув вовед и мотивација за понатамошни проекти и ширење на семејството сопственици и љубители на нашите дизајнирани радијатори.

Објавено:
24 декември 2015
Прочитано:
4.135 пати