Зоки Џубокс: Порано излегувавме во град за да се забавуваме!

Интервју со •
26 јануари 2015

Минатата среда кога дури и денот беше толку мрзелив да се бори со сето сивило што надојде од сите страни, имав закажано интервју со скопската легенда – господинот Зоран Блажевски. Во моментот кога тој влезе во кафулето малку подолу од Џубокс каде закажавме средба, веднаш сфатив зошто е еден од омилените евергрини на сите времиња. Попознат како Зоки Малиот од Џубокс, тој дефинитивно ги постави темелите на едно малку поинакво, урбано угостителство во Скопје. Иако во 1984 – тата кога тој го отворил неговото прво кафуле во скопската Чаршија – Рандеву, не сум била ниту предмет на размислување, од приказните на моите родители несомнено е дека тој бил и повеќе од угостител. Тој бил и сѐ уште е исклучителен забавувач, одличен домаќин, но и голем пријател. Оваа година, тој прославува 30 години од неговото дејствување како угостител, па во таа чест, имавме ексклузивна прилика тој да ни раскаже неколку урбани градски приказни за кои знаеме дека и вам ќе ви бидат подеднакво интересни. Во продолжение, еден од најпознатите дебармаалски феномени ќе ви открие дека всушност тој е вистинскиот Зоки Поки, ќе ви раскаже за невообичаената свадба на Игор и Искра, но и многу други градски и љубовни приказни.

Наполнете ја чашата, следува вистинско евергрин уживање!

Градската приказна Зоки ја започнува со она реалното, што се случува во моментов и што секој може да го доживее. Сите ги кани на реална журка во Џубокс, со сосема различни музички приказни од понеделник до петок до раните утрински часови.

„Сега веќе се ладиме, поминаа сите празници, народот се потроши, претпоставувам дека и Банско придонесе за тоа и сето останато. Луѓето се и на диета, бидејќи малку претераа со консумирање на храна и алкохол. Ние и сега функционираме, ама со помал интензитет, а кога сѐ ќе се врати во нормала, повторно ќе се вратиме и ние во полн сјај. Што се однесува до анимација, ние програмата не ја менуваме, сѐ си останува исто, без разлика дали има или нема многу народ“, вели Зоки.

Кога си на маса со човек легенда како него, не смееш да ја пропуштиш шансата да го прашаш за ноќниот живот во златните времиња и за она, налик ноќен живот што ни се случува денеска.

„Има огромна разлика, за тоа ќе ви требаат неколку портали, бидејќи нема да се задоволите само со ова, ниту вие, ниту оние што ќе прочитаат. Нормално, секоја генерација си носи свои видувања, поинакво се забавува од претходните. Мојот опус трае 30 години, сега можам да се пофалам со тој јубилеј. Во 1984 – тата година започнав во Чаршија, со легендарното Рандеву кафуле, па потоа прејдов во MCM каде бев 10 години и скоро 15 сум во Џубокс. Ако правиме некоја груба споредба генерално, тоа беше време на Анте Марковиќ, сите беа задоволни од примањата, имаа и дополнителни примања, немаше чудни закони од типот се пуши, не се пуши и сето тоа придонесе за подобро расположение и повеќе забава. Разликата е огромна токму од тие причини, а бендовите се исти, моите колеги не прават ништо поразлично од тогаш, но само едно ќе кажам – ние тогаш излегувавме во кафеани и кафулиња или ресторани, наречети ги како сакате, за да се забавуваме, да се веселиме и да се дружиме. Јас сега тоа не го препознавам кај младите, тие денеска излегуваат од дома нерасположени поради тоа што домашната ситуација не им оди во прилог, поради вработувањата и сѐ останато. Денеска има некоја чудна агресија во воздухот. Не сакам да звучам патетично, но тоа е евидентно и јас можам да го забележам бидејќи секојдневно го опипувам пулсот на градот. Еве еден прост пример, дебармаалски од каде што ми е и коренот, можам да кажам дека вие девојките, имате право да се жалите, бидејќи машките денеска едноставно не ви приоѓаат! Не знам колку енергија им треба за да ви пријдат, едноставно не е тоа тоа. Порано ние им приоѓавме на женските наједноставно, имавме повеќе храброст, имаше повеќе текст некако, не знам зошто. Немаше мобилни телефони, можеби тоа е тоа. Се сеќавам, излегувавме после гимназија во ГТЦ кај Ванила и тука си се гледавме, се меркавме, ако некој вечерта имаше роденден одевме таму сите, кога имаше некоја журка, пак одевме сите таму и секогаш беше многу весело. Сега не гледам многу насмевки за што секако има причини, а тоа сериозно ме плаши. Девојките сѐ уште се убави и ќе бидат, ние имаме такво поднебје, со што се храниме, на тоа личиме (се смее). Не велам дека и машката популација не е средена, имаат можности каде да се облечат, денеска не треба да патуваат со возови до Трст и назад за да купат едни чевли што ти е страв да ги облечеш во гужва затоа што можат да ти ги згазат во 19 – ка“, се потсетува Зоки.

Со оглед пак на нашите корени, не можевме, а да не разговараме и за модата. Тој дефинитивно е познат по секогаш внимателно одбраните шапка и шал во комбинација со нешто лежерно и ултра позитивен и хумористичен дух.

“Модата тогаш ја носевме од Италија, од Грција не. Ја покажувавме пред Кермес во неделите и веднаш се гледаше кој што купил ново, јакни, чевли или чизми. Ништо тогаш не беше сериски, унифицирано, односно ако еден носи ѕвонарки, сите ќе носат ѕвонарки. Секој се облекуваше по свој стил и според конфигурација на теренот, зависи кој каде живее, ако има кал таму, ќе си носиш на пример по два чифта чевли (се смее). Шапка носам заради цд – то позади на главата (се смее). Мислам дека така некако си зацртав, ми се допаѓаат шапките и така си терам. Најудобно ми е во претежно спортски комбинации. Нешто комфорно, нешто што мене ми стои, па и по цена да е старомодно. Ако јас се чувствувам удобно, ќе го носам многу често. Сугестии примам, ако се корисни да, и тоа од ќерка ми најчесто. Повеќе гледам некако дека јас неа ја критикувам. Следам мода доволно, доста средства одвојувам, знам и да се повторувам, ако ми се допаднат едни чевли, купувам и по два чифта“, на кратко говори Зоки за модата.

За неговото име дефинитивно е поврзан и секојдневниот парадокс на Владо Јаневски, кој приврзан за втората маса од десно, дури и му посвети неколку стихови од носталгичната „Евергрин“.

„Ми годеше дефинитивно. Ние сме многу добри пријатели со Владо и тој е чест гостин во Џубокс“.

Владо и Бајага на паното со фотографии во Џубокс Владо и Бајага на паното со фотографии во Џубокс

На прашањето дали денеска има добра музика во Македонија, тој ќе каже дека без разлика на сѐ, ние сме музичка нација која покрај лутото пиперче, позната е и по одличните песни и изведувачи.

„Мислам дека само тоа нѐ одржува да бидеме весели. Јас признавам дека сум ју – носталгичар иако ги почитувам сите правци, но не можам да најдам текст во техното некако. Уживам во секоја друга музика која делува смирено и пријатно. Конкретно во Џубокс, со закон е забрането да се пушта турбо фолк, бидејќи јавно ќе кажам, носи друг тип на клиентела, со кои јас не работам. Има такви места кои работат со такви луѓе. За мене на пример Битлси се закон!“.

За глумата што некако постојано се провлекува во неговиот живот, ќе каже дека учел од најдобрите во Дебар Маало. Тој беше дел од одличниот мјузикл „Пенелопе Икс“, но и главна улога во „Човекот со чудна навика да ме мава со чадор по глава“. Оригиналниот чадор од филмот има почесно место во аголот кај шанкот во Џубокс, а за тоа кој го „заразил“ со глума, говори во продолжение.

„Тука во Дебар Маало, на еден круг од 200 метри живеевме Гоце Тодоровски, јас, па Влатко и Горан Стефановски, спроти живееше покојниот Ненад Стојановски, Јовица Михајловски, па Иво Јанковски, значи глума и музика. Ние знаевме на улица, на Џафте Корзо – или Рузвелтова, да седнеме и Влатко да ни свири на гитара, а ние цело друштво да го слушаме. Јас поради Гоце пак, еуфорично го засакав театарот. Се сеќавам како да беше вчера, кога багерот ја ископа дупката кај Драмски за да се постават темелите на театарот и откако се изгради, јас почнав да ги следам сите претстави. Не дека јас научив од нив како се глуми, туку едноставно, сакав да ги гледам. Човекот со чадорот беше многу возбудлив проект. Прво ме повикаа на пробно снимање. Кога ми ја покажаа првата фотографија им реков дека ќе им го расипам филмот, но тие ме сакаа мене. Веднаш ми сошија облека, и онака им требаше малку штоф (се смее). Тоа се одвиваше многу брзо. Мислев дека сето тоа ќе се пролонгира во бескрајни сцени, но за среќа на целата екипа, мојата сцена многу ретко се повторуваше, иако немав текст. Имаше многу анегдоти од тоа снимање, на пример кога две бабички наутро во 06 часот кога снимавме во Дебар Маало и јас го бркав дечкото од филмот, тие помислија дека сме сериозни и почнаа да викаат помош, па дури сакаа да повикаат и полиција. Снимањето навистина беше забавно, а филмот одличен, за што и добивме и многу награди“, раскажува Зоки.

Зоки Џубокс со згодниот турски актер Бурак Хаки и со македонската актерка Филиз Ахмет Зоки Џубокс со згодниот турски актер Бурак Хаки и со македонската актерка Филиз Ахмет

Доколку некој некогаш се прашуваше како изгледа вистинскиот Зоки Поки од книгата на Оливера Николова, сега ќе има ексклузивна можност да го запознае.

„Оливера Николова ми е роднина и книгата Зоки Поки е пишувана за моето детство. Неодамна, младата режисерка Теа Беговска ме повика на нејзините приватни часови по глума, на кои има деца од 14 до 25 години и ме замоли да присуствувам на еден час, на кој таа претходно им дала задача да го напишат и опишат ликот на Зоки Поки. Јас заѕвонив на вратата и децата не знаеја кој сум. Седнав на столче и таа почна да ме претставува. Прво тие ми кажаа како ме замислувале, што беше многу интересно. Некои од нив ме замислиле како живеам на ранч со Лидија и одгледуваме коњи, некои дека сум стоматолог, а никој не погоди дека сум угостител. Друга случка пак, имав една школска другарка која ја донесе ќерка и кај мене откако и кажала дека таа знае кој е Зоки Поки, и кога ме виде девојчето смрзна. Почна да ме допира за да види дали сум тој навистина, и тогаш и реков на пријателката дека не требала воопшто да ја носи, бидејќи таа си имала една поинаква претстава за мене од книгата, а тој ден виде нешто сосема поинакво (се смее)“.

Фотографија од детството на Зоки стои закачена во неговиот Џубокс Фотографија од детството на Зоки стои закачена во неговиот Џубокс

Дека Џубокс има свои убавини и шармантни приказни е неоспорно, но времето на MCM е она што Зоки никогаш не може да го заборави.

„MCM, според квадратура беше двојно поголем, имав поголем простор за сцена, можев да поканам бенд со сите видови инструменти. Се сеќавам, еден период ние бевме спонзори на Џез фестивалот на Оливер Белопета. Поради лошите авионски врски, бендовите остануваа подолго време во Скопје и беа чести гости во МЦМ. Немаше вечер да нема свирка, тоа беше неверојатно доживување. На пример бендот на Салиф Кејта многу го засака клубот, тие ги носеа сите инструменти кај нас, таму вриеше од убавина, од убав звук, од расположени луѓе... Покојниот Џек Брус кој беше басист на Ерик Клептон, имаше соло настап во Универзална сала. Претходно, ја имавме честа и кај нас да отсвири нешто и тоа заедно со Влатко Стефановски, тоа беше сосема нормално. Тоа беа невидени настани“, се сеќава Зоки.

Како еден од најпознатите локали во тоа време, MCM било местото и каде се собирала најпознатата македонска и балканска елита од сите бранши. Зоки се сеќава на моментите кога токму таму, „шанкери“ биле големите Драган Бјелогрлиќ и Никола Којо.

„Драган Бјелогрлиќ и Којо беа дојдени во Скопје, мислам дека беше за време на бомбардирањето на Белград, и една вечер се договоривме да работат на шанк двајцата. Народот влага во МЦМ, ги гледа и одма очекува некоја камера, мислеа дека се снима нешто. Кога сфатија дека тие навистина служат, полудеа, бараа автограми, беше неверојатно весело. Сето тоа беше нивна желба, за што подоцна се зборуваше за тоа години и години и сѐ уште се сеќаваме кога ќе дојдат во Џубокс на гости“.

Кога тој ги започна приказните за MCM, зборовите како сами да навираа. Во тој момент, посакавме да слушнеме и некоја љубовна приказна!

„Јас во принцип колку сум оженил, толку и сум развел (се смее). Знам дека Игор Џамбазов и Искра се оженија токму од МЦМ. Отидоа во матично, Игор со една маичка, се сеќавам како вчера да беше. И вика на Искра дојди во МЦМ, во 18.20 имаме закажано во матично, а таа не му веруваше, пошто нели, кој ќе го земе Игор за сериозно. Откако бидна сѐ, му се јавивме на Ацо (татко му) и тој ни спушти слушалка (се смее). После тоа, откако сфати, едвај го донесовме во До – Ре – Ми каде Игор правеше една мала прослава по повод свадбата“, низ смеа раскажува Зоки.

Дека е вистински носталгичар и човек кој е вистински вљубен во Дебар Маало, покажува и фактот што неодамна, тој го финансираше и првиот број на независниот Дебар Маало Тајмс, весник во кој се сместени само убави приказни.

Зоки со неговиот омилен пријател, кучето Ноне Зоки со неговиот омилен пријател, кучето Ноне

„Направивме тоа што направивме, на многумина им се допадна, го поделивме по локалите, сметав дека ќе има одѕив во членарината, понатаму не го поддржаа финансиски и не сакам да ја кажам причината, а членарината не беше висока. Сметав дека секој во весникот ќе сака да се рекламира за многу смешни пари и ќе си го рекламира својот локал или некој настан во весникот. Кој што нуди, на пример настани, јадења, музика, промоции и слично, за сето тоа да биде многу интересно.Сакавме да има и прогноза, крстозбори и слично. Последната идеја ми беше да направам крстозбор што ќе биде многу поразличен. На пример, порано знаеше да се направат лапсуси како– за свечено одело да се напише тегет, или за телефонски повик – молим или за снааата на братот Жане, и такви некои смешки, е таква сакав да биде. Сега преговарам тоа да се подржи финансиски. Имам екипа која што е спремна веќе за вториот број, има веќе и подготвени текстови, но ќе видиме што ќе се случи понатаму“, вели Зоки.

Како што тој милува да каже, крајот не постои, сѐ што се случува е рално и се случува тука и сега, и сите, сѐ уште се она што биле.

До некоја следна градска приказна, до читање!

Објавено:
26 јануари 2015