Љубовна приказна

Зоран-Ѕоф и Весница: Љубов која пишува роман

Интервју со
Зоран и Весница
14 февруари 2016

За вистинска љубов не постои димензија време и не постои прашање зошто, едноставно се случува. Таква е увертирата во приказната за Зоран Спасов-Ѕоф и Весница Миловановиќ, луѓе со широки насмевки и уште пошироки срца, чија љубов е „школска" дефиниција за тоа како се негува најсуштинската животна вредност.

Викендов бевме гости во нивниот семеен дом каде од секој агол се чувствува позитивниот дух со кој заеднички зрачат домаќините.

Зоран-Ѕоф јавноста го познава како прв човек кој стоеше зад популарните „М Експерс" и „Огласник М", автор на „Тибам штркот" и „Некогаш, некаде", а сега е посветен на својата фондација Македоника во рамките на која функционира и онлајн библиотека, но пред сѐ тоа е човекот кој ја љуби Весница.
Таа е неверојатно позитивна личност, отворен и бистар ум, темпераментен карактер со „заразна" харизма, но пред сѐ таа е жената која го љуби Ѕоф.

Заедно тие се сѐ! За празникот на вљубените (иако тие ќе кажат дек во нивнот дом секој ден е – љубов), ви ја подаруваме нивната заедничка приказна.

Како започна вашата заедничка приказна?

Ѕоф: Се знаевме долго време, секој си одеше по својот животен пат. Пред пет години, некако во исто време и двајцата останавме „синг'л" на два различни континенти и едноставно сфативме дека остатокот од животот сакаме да го поминеме заедно. Тоа е она чувство кога ќе те полази бубачката, ќе се разбудат пеперутките, ќе те згази носорогот (се смее).

Ваша дефиниција за љубов...

Sоф: Да сакаш значи да ја откриеш сопствената среќа во среќата на другиот.
Весница: Тоа е вечна тема и не постои конкретна дефиниција. Но, пред сѐ за една љубов да трае, треба да постои искреност, разбирање, но и страст. Од мој аспект, токму тие три компоненти ја сочинуваат вечната љубов.

Sоф, опишете ни ја Весница...

Не е едноставно човек да ја опише со 2-3 збора, затоа што таа е една и единствена. Не можам да ја споредам со никој друг. Искрена, широкограда, преемотивна, сакана од секого... Можеби најблиска дефиниција е - жена што зрачи со невидена позитивна енергија, каква се раѓа еднаш на илјада години.

Весница, опишете ни го Sоф...

Прво и основно тој е чесен човек во секој поглед, и во однос на пријатели, во однос на семејството и во однос на мене. Позитивен, духовит и весел, што мене ми е многу значајно. Но, темперамнетите многу ни се разликуваат. Тој е многу смирен и одмерен и тоа е балансот во нашата врска, во однос на мојот подинамичен темперамент.

Кои се ваши заеднички интереси, а на кои теми вашите размислувања најмногу се разминуваат?

Sоф: Кога ќе го пронајдеш својот „соулмејт" тогаш сите интереси се заеднички, тоа е некако како една душа да живее во две тела. Единствено поле на „разминување" е изборот на филм. Јас повеќе сакам драми, а Весница романтични комедии.

Весница: Генерално имаме слични ставови во однос на различни животни прашања. Исти работи не фасцинираат, сакаме иста музика, имаме слично естетско чувство... Единствено се разликуваме во однос на храната. Тој сака да екпериментира во кујна, да меша вкусови, да проба нешто ново, додека јас ја сакам повеќе традиционалната кујна.

Доколку би можеле да се споредите со некој лик од светската литература, кој е кој во вашата врска?

Sоф: Дефинитивно, јас сум Џон Смит, а таа е Покахонтас. Реално, така и се доживувам - јас сум бил каде што не треба, а таа дошла и ме спасила. Понатаму сè е љубовно романче.

Весница: Може ќе звучи претенциозно, но како нашата љубов јас се уште не сум сретнала во литературата. Можеби ова е љубов што би инспирирала некој нов роман. Но, во секој случај тоа би биле позитивни ликови во приказна со убав почеток и уште поубав развој.

Постои ли некој романтичен момент што останал незаборавен спомен во вашата љубовна релација?

Sоф: Па, би го издвоил нашиот меден месец. Незаборавни моменти поминати под светлата на Лас Вегас и плажите на Варадеро во Куба. Сето тоа беше толку нестварно, волшебно и романтично за нас

Весница: Откако сме заедно, кај мене се разбудија многу романтични чувства. Во моментов прво што ми паѓа на памет е нашиот меден месец во Лас Вегас и Куба и целото тоа патување... Јас иако сум романтичен тип, тешко пуштам солза, а таму ми се случи токму тоа. Таму Ѕоф ми подготви изненадување кое го смислил уште пред да тргнеме од Скопје – карти за концертот на Селин Дион. Пред концертот, кога ги видов плакатите во хотелот уште не ми беше јасно што се случува се до моментот кога сфатив дека пред мене на сцена се појави Селин Дион. Од почеток до крај на концертот јас плачев.

Која особина најмногу ја почитувате кај вашиот партнер?

Sоф: Дефинитивно емотивноста.

Весница: Одмереноста, сталоженоста и кон мене и кон останатите луѓе.

Според вашето лично искуство, која е најзначајната вредност во една љубовна врска?

Sоф: Нема само една вредност. Можеби на еден куп би ги ставил разбирањето, взаемната почит, искреноста и би го издвоил заедничкото „зреење" низ времето, заедничкото ниво на социјална, интелектуална и емотивна зрелост.

Весница: Пак тука ќе ги потенцирам меѓусебната доверба, искреноста и страстта.

Има ли симболика Свети Валентин во вашиот заеднички живот?

Sоф: Не би можел да го издвојам некако, затоа што овој празник, реално кажано, е присутен секојдневно во нашиот дом.

Весница: Јас ги сакам празниците, и кога станува збор за Свети Валентин и симболично ќе го одбележиме, но нас навистина секој ден ни е празник. Со секој мал гест и секоја ситница, па дури и семејниот ручек на кој јас инсистирам секојдневно, се празнува љубовта.

 

 

Објавено:
14 февруари 2016
Прочитано:
5.935 пати