Рами Малек фантастично го портретираше Фреди Меркјури

1 ноември 2018

Од утре во кината може да го погледнете долгонајавуваниот филм „Боемска рапсодија“. Ние ја имавме честа да ја погледнеме претпремиерата и со вас ги споделуваме првите впечатоци.

Имено, типувањата за тоа кој може да го земе „Оскарот“ годинава веќе започнаа. Актерот Рами Малек, кој го толкува Фреди Меркјури, е дефинитивно еден од нив. 

Ако земете да ги разгледувате оценките на светските медиуми околу овој филм, ќе добиете сосема измешана слика (што можеби е и добро за да создадете свое мислење) - од оние што мислат дека е чисто промашување, преку оние што би рекле дека е просечен, па сè до оние што го доживуваат како фасцинантен. Сигурно е дека тимот немал лесна задача.

Но, речиси сите овие ги обединува едно нешто - фантастичната глума на Малек. 

Нема сомнение дека актерот сосема се внел во улогата. На моменти си мислите дека го гледате оригиналот, а не копијата и тоа знае навистина да предизвика посебни емоции.

Без разлика што е можеби физички е послаб или малку понизок од „оригиналниот“ Фреди, емоциите (особено додека настапува) во комплет со емотивноста како дел од неговата личност, или како што ќе пренесат дел од странските медиуми, големината на срцето на Меркјури ја пренел во целост. 

За оние што првпат ќе се судрат со ваква биографска приказна за групата и нивниот вокалист, ќе наидат на интересни податоци, возбудливи сцени, посебно кога фокусот е ставен на создадвањето музика, која ќе ви овозможи да ја доживеете одново и на уште подлабок начин.

Од друга страна, ако сте добар познавач на „Квин“, односно на Фреди Меркјури, можеби филмот ќе го доживеете како  недоволно добар, како трчаница, во која немало доволно време да се разработат важни делови.

И покрај тоа што остварувањето трае речиси два ипол часа, ќе имате чувство дека буквално прелетале, што значи дека сепак ќе го задржи вашето внимание.

Членовите на „Квин“ ќе речат дека Фреди бил мошне комплексна личност. Под смеата и ексцентричноста на сцена, се криел несигурен човек, а откако ќе го изгледате филмот ќе се запрашате дали успеале во тоа и уште повеќе, дали е можно да се направи такво нешто. Го познавал ли Фреди некој до толку добро (иако во филмот се алудира на неговата долгогодишна пријателка и како што тој ја нарекува „љубовта на неговиот живот“, Мери Остин)?

Сепак, без разлика на недостатоците што (можеби) овој филм ги има, глумата на Малек е она што најмногу ќе го паметите по завршетокот и секако музиката.

Многу забелешки има и околу вештачките заби што Малек ги носи. Без разлика што има коментари дека тоа е можеби најлошото нешто што ќе го видите, сепак нашиот впечаток е дека успеале во намерата. Ако на тоа го додадете и фактот дека дури и сестрата на Фреди кога го видела Малек првин прснала во смеа, за потоа низ филмот, во пакет со емоцијата и движењата, приказната и појавата на актерот да ги доживее екстремно емотивно, што ќе резултира и со писмо со срцепарателна содржина и пофалби на сметка на Малек од нејзина страна, тогаш сигурно е дека ефектот е успешен.

Инаку, филмот е одобрен и од двајца членови на бендот, како и нивниот долгогодишен менаџер, па несомнено е дека многу спомени и емоции се вклучени во целиот проект.

Покрај музиката, сексуална определба, подемите и паѓањата на бендот, ова е и филм во кој како и кај „Ѕвездата е родена“ ќе посведочиме на внатрешна борба, самосфаќањето, односно несфаќањето на себеси, а воедно и порака дека многу поважно од физички недостаток е вербата во себе (независно дали ја имате самите или во вас ќе ја предизвика некој друг).

Настапот на „Квин“ на „Live Aid“ ќе го доживеете сосема поинаку, а сигурни сме дека по завршувањето ќе дојдете дома и ќе го гледате оригиналот, но разлика речиси и да нема да видите. Да имате таков настап и комуникација со публиката, дефинитивно нема за што да жалите, па макар и свесни дека веќе никогаш нема да го доживеете.

Тоа е една од последните сцени во филмот, а меѓу првите снимени, на која присуствувале и членовите на „Квин“. Малек ќе рече дека никој од актерската екипа не сакал да излезе од тремата и одговорноста што ја чувствувале пред нив.

Инаку, актерот во дел од сцените со пеење го користи својот глас, но 80 проценти од останатите музички моменти се користени снимки од студио и од живи настапи на Меркјури. Синхронизацијата на пеењето на Фреди и изговорот на Малек токму во тие моменти не е воопшто едноставно да се изведе, па оттаму уште еден аплауз оди на сметка на актерот.

Глумата на Рами, музиката, одличниот кастинг, посветеноста на деталите, се само дел од работите што ќе ве освојат во ова остварување. 

Единствено што очекувавме, а не се случи е што ниту еднаш не ја слушнавме „Show must gone on“, но можеби сметале дека таа песна носи сама посебе уште една нова приказна.

Она што е сигурно е дека шоуто во филмската индустрија дефинитивно ќе продолжи, а ние со нетрпение ќе ја очекуваме филмската наградна сезона да видиме како ќе заврши.

 П.с. Гледајќи го Рами, добивме впечаток дека би било интересно да се види и во улога на Мик Џегер :)

 

Објавено:
1 ноември 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
360 пати