25-ти ноември - Меѓународен ден за борба против насилство врз жената

Азбука на насилството

25 ноември 2015

Денес е 25-ти ноември, меѓународниот ден за борба против насилството врз жената. Што ни значи овој ден? Секој 25-ти се повторува да не се трпи насилство, да не се стравува, да се пријави, да не се молчи. Но, реално, повеќето од нас не одат подалеку од тоа. За големите проблеми секогаш мислиме дека нема нас да ни се случат...сè до оној момент кога ќе затропаат на нашата врата.

Не ја сакам од-датум-на-датум загриженоста, но од друга страна сфатив дека, ако ни посочениот датум не се испочитува и ако тогаш не се крене глас за одредена проблематика, тогаш ќе останеме неми, слепи и глуви за работи што понекогаш и живот значат.

Статистиките велат дека во 2014 година во Македонија биле евидентирани 999 случаи на семејно насилство и тоа: 672 на физичко насилство, 728 на психичко насилство, 11 на сексуално и 33 економско насилство.

Во првата половина на 2015 пак, се евидентирани 612 случаи на насилство и тоа 329 на физичко, 561 психичко насилство, 14 економско насилство и еден случај на сексуално насилство.

Но, доколку прочитавте внимателно, бројките што ги посочив за овие две години се случаи во рамки на семејно насилство. Тоа е така бидејќи во Македонија не постојат ниту кадар ниту сервис за другите типови насилство, освен семејното.

На оваа тема разговарав со Елена Димушевска, извршната  директорка на Националната мрежа за борба против насилство на жената во Македонија, мрежа во  која членуваат  27 организации на територија на цела држава.

Таа посочи дека статистиките погоре се од  Министерството за Труд и социјала на Македонија, но ако се следат „црните“ статистики, тогаш оваа бројка би била речиси пет пати поголема, односно бројот на случаи на насилство, што не се официјално евидентирани и не само од еден тип, е дури за пет пати поголем.

За да не повторуваме веќе кажани мисли и фрази, Fashionel одлучи да направи „Азбука на насилството“. Во тоа секако ни помогна и Елена, а со цел на наједноставен начин да посочиме на повеќе типови насилство, што сè спаѓа под насилство и како да го препознаеме.

И еве што издвоивме:

А – агресивност

Б – бруталност

В – вербално насилствое форма на психичко/емоционално насилство и вклчува користење на зборови кои се заканувачки, понижувачки, навредувачки, обвинувачки, критикувачки. Помалку агресивните форми на вербално насилство се однесуваат на изјави кои иако невпечатливи, сепак имаат скриена цел да ја манипулираат, понижат или лажно да ја обвинат жртвата.

Г - генитално осакатување – или познато како женско обрежување е штетна традиционална практика на целосно или делумно одстранување на надворешните гениталии кај младите девојчиња и жени. Најчесто жртви се девојчиња до пет години.

Д - демнење – намерно однесување на повторено заканување насочено ко друго лице што предизвикува лицето да се плаши за својата безбедност. Демнењето, како облик на родово базирано насилство, директно е насочено и несразберно ги погодува жените. Секој аспект од животот на жените кои биле жртва на демнење е проследен со страв и анксиозност.

ЃБројките СЕ луѓе!

Е – економско насилство – секое дејствие на ограничување или спречување во располагање на лични приходи и финансиски средства, за одржување на заедничко домаќинство и за грижа на детето, со што се предизвикува економска зависност на жртвата. Економското насилство е форма на семејно насилство.

Ж- жртва – е секое лице кое трпи насилство од различен вид. Кога станува збор за родово базираното насилство и семејното насилство најчесто жртви се жените.

З – загрозување на сигурност

Ѕ – „Како дете го слушав докторот како ѝ вели на мајка ми „Госпоѓо Стјуарт, мора со нешто да сте го провоцирале. За кавга се потребни двајца“. Погрешно! Мајка ми не беше ништо виновна, а и да била, насилството, никогаш, ама никогаш не треба да биде избор на еден маж“ – Патрик Стјуарт, актер.

И – интимно партнерско насилство – насилство од страна на интимен партнер без разлика дали живеат во заедница или не, образец на контролирачко однесување кое вклучува психичка, физичка, емоционална, вербална, сексуална и/или економска злоупотреба.

Ј – насилство врз жени на Јавни простори – насилство врз жените на јавни места се манифестира во следните форми – груби коментари, несакано сексуално внимание, зјапање, свиркање, допирање, стискање, физичко насилство, сексуално насилство, малтретирање, вознемирување, силување итн. Оваа форма на насилство е позастапена во ноќните часови и влијае на ограничување на движењето кај жените.

К - кривично дело

Л – лишување

Љ – љубомора – љубомората е непријатна емоција што се заснова на посесивна љубов кон партнерот/ката и најчесто замислена (некогаш реална) закана дека ќе ја изгубат саканата личност, односно ќе бидат напуштени. Љубомората е чувство што се темели на несигурноста во сопствените вредности и немањето довеба во интимниот партнер. Љубомората е често причина за семејно насилство или интимно партнерско насилство.

М – малолетнички бракови – ова е честа појава во земјите во развој, непропорционално влијаејќи на девојчињата, загрозувајќи го нивниот живот и егзистенција. Раното стапување во брак може да доведе до трајни емоционални, физички и психолошки страдања.

Н - насилник – секое лице што врши дејствие на насилство.

Њ – „Њујорк Тајмс“ во јули месец оваа година ја имаше една од највпечатливите насловни страни со жените жртви (35 од вкупно 46)  на сексуално насилство и тоа од страна на комичарот Бил Козби. Секоја од нив проговори за страшното искуство, после долги години молчење.

О – обид за убиство/бегство

П присилна стерилизација или присилен абортус – секоја стерилизација или абортус изведен без согласност, често и без знаење на жената се смета за присилна стерилизација или абортус.  Принудното одземање на женскиот репродуктивен потенцијал може да доведе до екстремна социјална изолација, напуштање од страна на семејството, страв од медицински персонал и третмани, како и долготрајна агонија.

Р - родово базирано насилство – значи секој акт на насилство кое резултира со или е веројатно дека ќе резултира со физичка, сексуална или психолошка штета или страдање на жртвите, вклучувајќи и закани за такви акти, принуда или своеволно лишување од слобода, без разлика дали се случуваат во јавност или во приватниот живот насилство. Родово базираното насилство е насочено против жената затоа што е жена и несразмерно ја погаѓа.

С – сексуално насилство и силување – присилен сексуален однос кој во себе вклучува психолошка присилба и физичка сила. Во позадина на силувањето може да постои и задоволување на сексуалната птореба, но најчесто е израз на докажување на моќ, доминација и одржување на контрола врз жртвата. Сексуалното насилство може да се случи и од страна на брачен партнер и тогаш станува збор за „силување во брак“.

Т – траума – последица кај личноста по преживување на неочекувано, виско стресно и вознемирувачко искуство. Траумата може да биде физичка, психичка и емоционална. Жените жртви на насилство најчесто доживуваат и повеќе од едно трауматично исксутво, особено кога се работи за семејно насилство и интимно партнерско насилство кое трае повеќе години.

Ќ – ќотек

У - уцена

Ф – физичко насилство и Фемицид – физичкото насилство се манифестира со употреба на физичка сила или пак закана дека истата ќе биде употребена и подразбира широк спектар на дејствија. Фемицидот пак, е најтешка форма на насилство врз жени и може да биде директна последица на семејно насилство или интимно-партнерско насилство. Терминот фемицид означува намерно убиство на жена затоа што е жена.

Х –  Хали Бери во една пригода изјави дека изгубила 80 % од слухот на едното уво откако била претепана од поранешно момче, чиј идентитет не го откри, но се верува дека се работи за Висли Снајпс. Исто така, Бери била сведок како татко ѝ ги злоставува мајка ѝ и постарата сестра.

Ц – Познатата пејачка Тина Тарнер беше во брак со Ајк, а на јавноста ѝ е добро позната приказната за бруталното претепување на Тарнер во повеќе наврати. Во една прилика пејачката едвај останала жива, а за време на бракот била и сексуално злоставувана.

Ч – убиства во име на „Чест“ – акт на одмазда,најчесто со смрт, од страна на машки член кон женски член на семејството поради нанесување „срам“/обесчествување на името на семејството. Причина за ваквата одлука може да биде: неприфаќање да влезе во договорен брак, жртва на сексуален напад, стил на облекување кој не е соодветен според кретериумите на машките членови на семејството, опстојување на партнерска врска која не е одобрена од семејството.

Џ – Таткото на Шарлиз Терон бил насилен алкохоличар кој постојано ги малтретирал Шарлиз и нејзината мајка на сите можни начини, а често им се заканувал дека ќе ги убие. За жал, заканите се оствариле, а мајката во самоодбрана го застрелала кога Шарлиз имала само 15 години.

Ш шовинизам – во овој контекст се мисли на машки шовинизам, односно свесно или несвесно убедување дека мажите се супериорни од жените во сите сфери од живеењето. Тој се однесува на одржувањето на фиксирани верувањата и ставови на машка супериорност, поврзани со отворена или прикриена амортизација на жените. Предизвикувањето на шовинистичките ставови често резултира со анксиозност или други симптоми.

Со Димушевска прозборевме и за тоа како и каде можат да се „засолнат“ жените жртви на насилство, а податоците се повторно поразителни.

-На ниво на Македонија се располага со пет Шелтер  центри кои сместуваат до три, односно максимум шест месеци. Четири од нив се раководени од државата, а еден е раководен од невладина организација. Тоа е многу малку бидејќи според Советот на Европа, според бројот на жени во Македонија, и жртви, потребни ни се 24 центри со по 8 кревети. Исто така, постои еден кризен центар, невладин, за згрижување од 24 до 48 часа. Постои и еден советувалиштен центар, кој што е исто така под раководство на невладин сектор, како и пет центри за бесплатна правна помош, исто така невладини – објаснува Елена.

Важно е да се напомене дека постојат и две национални СОС-линии, кои работат 24 часа секој ден во неделата. Броевите се 15 700 и 15 315.

Инаку Националната мрежа за борба против насилство врз женат, ќе ја развива свеста за оваа проблематика преку кампањата „365 дена активизам против насилство врз жени“.

Од денеска па во наредните 16 дена започнува и т.н. портокалова кампања за борба против насилството врз жените. Годинешната кампања на глобално ниво е Стави точка, а во организација на UN WOMEN.Ако портокаловата боја се толкува како боја на мудрост, самодоверба, рамнотежа, храброст, тогаш да ги обоиме и не само овие 16 дена, туку и сите наредни. Бидете мудри да препознаете насилство, бидете самоуверени да не го трпите, бидете храбри да го пријавите и остварете ја посакувана рамнотежа во животот.

И секако, азбуката научете ја напамет. 

Објавено:
25 ноември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.112 пати