Бидете свои херои!

28 декември 2017

Бидете примерот што другите треба да го следат. Самите свои херои.

Ако сте немале храброст до сега, 2018-та е супер можност.

Не очекувајте другите да ви го разубават денот, направете го тоа вие за нив и ќе ја почувствувате убавината на дарувањето среќа. Разочарувањето е искуство, не постои таков што не поминал низ повеќе или помалку болно искуство. Ама наместо да бидете негова жртва, искористете го како чекор поблиску до своето подобро јас. Па зарем тоа не е одлика на хероите? Нема херои без лузна, колку и да е невидлива. Како што вели Достоевски: Во сечиј живот постојат денови што треба да се издржат... А остатокот вистински да се проживеат.

Годинава во заминување ни донесе разочарувања, загуба на сакани и значајни ликови, откажувања од некои соништа на сметка на други, но и нови почетоци, нови пријателства и вистински одлуки, многу среќни моменти.

И како редакција се соочивме со предизвиците на секојдневието. Од некои научивме нови лекции, за други се радувавме, a за некои без лажни скромности може да кажеме дека сме горди.

Низ нашите содржини ве запознавме со личности вредни за внимание, бевме присутни на сите културни збиднувања и ви го пренесувавме амбиентот од истите, со вас го споделивме уживањето во различните форми на уметноста, застанавме зад кампањите против сите форми на насилство, дознавме за нови таленти и со задоволство ви раскажавме за нив, а сето она што се случуваше зад фото објективот во нашето студио ќе ни остане драг спомен од 2017-та...

Замислете си ја најзначајната желба за 2018 и работете на тоа да стане реалност. Затоа што нема подобар Дедо Мраз, од самите вас!

Наши херои, Среќна ви 2018-та!

p.s Ве оставаме да уживате во галеријата со фотографии од нашата 2017-та

 

Објавено:
28 декември 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
555 пати
Тагови: 
FashionEL 2017