Чист воздух и чисти мисли во 2017

30 декември 2016

Имам чувство како колективно сите сакаме што побрзо да ја испратиме 2016-та. Сите сме свесни дека тоа не значи дека за неколку денови од денес ќе се случи магија и сите проблеми ќе исчезнат, но промената на бројките некако психолошки влијае на нас луѓето.

2016-та беше погубна за музичката индустрија. Светот се збогуваше со дел од легендите кои зад себе оставија музичко наследство со непроценлива вредност. Како генерација ни останува задолжителна обврска да им ги пренесеме музичките вредности на идните генерации, што нам ни ги оставија Дејвид Боуви, Леми, Леонард Коен, Џорџ Мајкл, Принс... Ако нивната музичка идеологија е „задолжителна лектира" во домашното воспитување на децата, тогаш ќе придонесеме кон градењето на поздраво општество во иднина.

А за поздрава иднина не можеме да размислуваме без чист воздух. Круцијален проблем на нашето општество со години, што отвора суштинско прашање – како самите да си помогнеме себеси? Активно да дејствуваме сите до еден, зашто нашето здравје е последица на нашето индивидуално однесување што влијае на целиот колектив. Јас зависам од тебе и обратно, затоа да си ја вратиме емпатијата и да ја канализираме сета наша енергија и индивидуални можности кон суштинското, наместо кон тривијалното.

За волја на вистината, токму во 2016 ни се случи едно од најдобрите изданија на веќе полнолетниот Таксират. Главната вечер на 18-от роденден на овој фестивал беше вистински омаж на македонската алтернативна музичка сцена. Беше вистинска привилегија и уживање да се биде во публиката и да се почувствува таа неверојатна синергија на добра музика, позитивни вибрации и убави луѓе. Што почесто вакви „таксирати" ни се случуваат!

Бевме сведоци и на тоа дека несреќните околности не зближуваат како луѓе со сето човечко во нас. Зарем не можеме да бидеме такви и без несреќните околности? Херои за годинава ни се сите „обични" луѓе кои повикани од природниот човечки нагон да му се помогне на другиот, на било кој начин учествуваа во санирањето на последиците од поплавите во скопскиот регион.

Fashionel уште со самото дефинирање на уредувачката политика пред речиси четири години, професионално се обврза дека ќе ги поддржува сите културни настани, креативни ликови и иновативни иницијативи што го одржуваат урбаниот дух на нашето секојдневие, па и оваа година останавме доследни на нашите професионални заложби.

Неизбежно како и секоја година бевме гости на Skopje Design Week, Fashion weekend Skopje, традиционалната годишна ревија на Технолошко-металуршкиот факултет, традиционалните изложби на Европскиот универзитет и на институтот Изет Цури, ви го пренесовме возбудливите уметнички инсталации од Паратисима, ја поддржавме и еко-иницијативата на Треш-фешн, секогаш бевме присутни и на бројните базари на ракотворби, на Скопје постер фестивал, во чекор ги следевме и активностите на Фондацијата Елена Лука, индивидуалните проекти и ревии на македонските дизајнери, проследивме и многу театарски премиери и ви раскажавме бројни индивидуални приказни за кои вреди да се посвети време, простор и внимание...

За Fashionel ова беше година со уште побогати искуства, со уште многу нови пријателства, со иако исцрпувачки, сепак многу среќни моменти поминати во студио зад фотоапаратот, со многу нови приказни и животни искуства научени од нашите драги соговорници во интервјуата, а ја заокруживме со уште едно признание за Најдобар дизајн од Сајт на годината.

Искрена и бескрајна благодарност до целиот тим што напорно работи Fashionel да биде еден од позитивните фактори во македонскиот медиумски простор, до сите наши пријатели кои ни се „ветер во грб" во вистинските моменти, до сите кои со причина биле на нашата „насловна" страна и дел од нашите содржини, до нашите читатели!

Ви посакуваме чист воздух и чисти мисли во претстојната 2017-та!

Соработници:

Елена Лука

Fashion Group

Модна агенција Моделс Ин (Модели: Јорданка Михајловиќ и Ана Марија Јанковиќ)

Шминка и фризура: Даниел Николовски

 

Објавено:
30 декември 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
646 пати