Чудни факти кои ги носите на себе

17 мај 2018

Автор: Небојша Толески Облеката ја консумираме секојдневно, но дали сме сигурни дека за одредени парчиња ја знаеме вистинската историја или потекло? Тоа би било исто како да влегувате во некој монументален објект, а не знаете ништо за сето она што во минатото се случувало. Информираноста е моќ, искористете ја во вистинска насока. Не би било добро да се перчиме со високи потпетици, а да не знаеме еден факт кој вели дека во арапската култура ако некој ве гаѓа со штикли тоа значи најголема навреда бидејќи чевлите се најгнасното нешто затоа што го допираат тлото на земјата!

Не им се потсмевајте на мажите кои носат розова боја бидејќи во разни каталози од почетокот на минатиот век токму таа боја била за мажи затоа што доаѓа од црвената боја која пак сугерира страст. За жените соодветна боја била сината која има деликатен тон. Љубителите на Дог Мартинс сигурно ќе се изненадат кога ќе слушнат дека првиот чивт од овие култни чизми е изработен од стари автомобилски гуми. А, првиот број на „Левис" фармерките е продаден за златна прашина вредна шест долари. Името на ленгенданите „501" фармерки пак е име на магацин. Многу често мажите имале ( и имаат) навика да го избришат носот со рацете. Ама за тоа имал „лек" легендарниот војсководец Наполеон. Неговата војска постојано го правела тоа, па тој измислил копче на ракавите од кошулите за да не можат да си ги шлакаат рацете. И жените во одредени земји си имале маки со носење на мини здолништа.

Своевремено, во Јужна Кореја имало модна полиција, па кога ќе виделе девојка или жена во здолниште, ја мереле должината. Доколку било прекусо, можеле да завршат и во затвор. Е сега, имало и такви кои не носеле долна облека. На пример до почетокот на 18 век. А, панталоните на кои се гледаат гаќите и најчесто ги носат момчињата и хип хоперите, водат потекло од затворите во Лос Анџелес каде на затворениците не им било дозволено да носат ремен. Од поновата историја, дизајнерот Мајкл Корс ја дизајнирал првата венчаница на пет години, наменета за неговата мајка која се мажела по втор пат. Интересни факти, многу вистини. Неизмерно би значело ако и кај нас има луѓе кои ќе забележат се што се случувало овде модно. Сигурно сме имаме и ние некои модни перипетии во минатото... Површното забележување е едно, темелното истражување сосема друго. А, се ни останува во наследство. Идните генерации треба да знаат за овдешната мода, нејзните подеми и падови, корените на некои нешта...

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
17 мај 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
512 пати