Да научиме да слушаме!

30 октомври 2017

Современиот човек боледува од егоцентризам. Во секојдневната комуникација сѐ почесто можам да ја согледам оваа дијагноза. Свртени кон себе и Јас, забораваме или едноставно не сакаме да го слушнеме туѓото мислење, став, коментар...

Често во општењето со другите луѓе, независно во која ситуација, забележувам отсуство на присуство, заталкан поглед и автоматско вклучување „во програма" само кога другата страна (Јас) има нешто да каже, притоа не надоврзувајќи се на муабетот туку почнувајќи своја тема. Можеби и ќе се повториме со мислите и зборовите, но кој би знаел, претходно не сме се слушнале...

Така пропуштаме значајни датуми, информации, можности, приказни, имиња, прилики... затоа што едноставно не се слушаме.

Се обидувам да го лоцирам проблемот односно причината за оваа општа „глуво доба" во која „стикерите" и „емотиконите" ја заменија директната вербална и невербална, човечка комуникација.

Ако треба да барам изговор, вината ќе ја препишам на новата технологија и формите на комуникација што ни ги наметна современото живеење. Опседнати со паметните уреди, креираме некој лажен, идеализиран комфор во кој ни е многу попријатно отколку соочувањето на пример со нечија конструктивна критика, која долгорочно можеби ќе ни помогне и да станеме личноста што ја идеализираме.

Ама современата технологија не ни е виновникот.

Директната причина е нашата лична култура. Отсуство на емпатија и елементарна почит кон другиот. „Глувоста" додека не препознаеме лична корист. Ги губиме основните човечки вредности под пресијата на егоцентризмот, хипокризијата, немилосрдната трка во освојување на материјални добра или некаков општествен статус.

Доаѓаме до прашањето – како да го решиме проблемот? Сакаме ли воопшто да го решиме проблемот?
Веројатно треба да се навратиме на основните морални постулати на домашното воспитување. Да бидеме личен, позитивен пример на нашите деца, но и за возрасните кои заборавиле да слушаат. Потрудете се да не го прекинувате другиот кога има нешто „небитно" да ви каже, паузирајте од Јас и преминете на Вие, Ти, Ние... Ако научиме да слушаме, можеби конечно ќе се разбереме.

Објавено:
30 октомври 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
195 пати