А да пробаме без смајли? :)

25 декември 2015

Кога последен пат сте добиле или испратиле порака, а да не содржи емотикон односно емоџи? Во 2015 година најкористениот збор, не е збор, туку  симбол. Емоџи во облик на срце победи во годишната анкета на Global Language Monitor, како збор што се користела повеќе од милијарда пати ширум светот.

И иако „пораката“ е убава, сепак ова значи дека комуникацијата сосема ни се менува.

Емотикон е етимолошка кованица, создадена од англиските зборови „emotion“ и „icon“ и претставува метакомуникациски, графички приказ на фацијалните експресии или емоции, кој во отсуство на видливиот говор на телото служи за насочување на вниманието на примателот на пишаната информација во рамки на невербалната комуникација, за да се модулира или подобри нејзината интерпретација.

Премногу комплицирано? Накратко, емотиконите, или популарно „смајлиња“ се графички облици на нашите реакции што ги правиме кога разговараме со луѓето, а нивните сликовни облици се емоџи. Во виртуелните, пишани разговори, тие се нашиот говор на тело.

Во денешната, современа комуникација емоџи доминираат. Се поставува прашањето дали во сè позастапената онлајн комуникација тие се помошници, ја подобруваат интерпретацијата на нашите пораки или едноставно нè „затупуваат“?

Речиси и да не постои СМС порака, електронска пошта, Фејсбук порака инт. без „смајли“. Толку сме навикнати на овие знаци што кога ги нема се прашуваме дали нешто не е во ред.

Изгледа дека сè повеќе забораваме да го толкуваме голото значење на зборовите. Или пак двосмисленото. Знаеме ли да препознаеме иронија, хумор, загриженост без електронски додатоци?

Знаеме ли да препознаеме неписменост или и самите стануваме неписмени? Употребата на интерпукциски знаци во речениците ја заменивме со онаа во емотиконите/емоџи.

Во Британија неодамна бил извршен мал социјален експеримент за онлајн комуникација. Десетина доброволци се согласиле во период од 24 часа да не користат никакви емотикони, емоџи или стикери во секојдневната онлајн и СМС комуникација. Притоа, не смееле ниту да кажат зошто не ги употребуваат.

Експериментот не траел колку што било планирано. Реакциите се појавиле уште во првите часови активна комуникација. „Дали е сè ок?“, „Зошто си лут/лута?“, „Што ти е?“, „Нешто не ми звучиш добро...“; биле само дел од загрижените реакции.

Комуникацијата без смајлиња изгледа официјално, сериозно, по малку грубо.

Се смета дека овие сликовни знаци внесуваат доза на емоција, го одржуваат расположението и траењето на разговорот.

Исто така, се смета дека жените употребуваат повеќе емотикони од мажите. Жените повеќе размислуваат при нивната употреба, односно каква порака ќе испратат на тој начин, затоа и не е толку лесно кога треба да се смисли порака за симпатијата или потенцијалното момче.

Додека за повеќето ова е практичен и современ начин на комуникација, за другипретставува закана за зачувување на писмениот или устен говор, јазични средства, што со години сме се труделе да ги негуваме.

Можеби комплетното прекинување на нивната употреба е мошне радикално, а и никогаш веројатно нема да се случи, но она што можеме е макар да се обидеме помлаку да ги користиме.

И во овој празничен период кога испраќањето пораки и посакувањето желби е во ек, размислете што ќе испратите. Потрудете се и смислете порака, пронајдете зборови што ќе го искажат она што сакате да го кажете, без дополнителна помош. Оваа Нова година бидете „старомодни“ и искористете ја моќта на зборовите!

Објавено:
25 декември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.279 пати