Ведрана Рудан писателка и колумнистка

Ведрана Рудан: Деца мои, јас не ве сакам повеќе!

18 септември 2017

Драги мои!

Не е пристојно вака да разговарам со вас, веројатно би требало да седнеме некаде, во некое зафрлено кафуле, во време кога нема никој таму, па да разговараме на раат. Но.... Вие сте зрели луѓе, можеби и презрели,в ашите денови се исполнети со обврски, а јас не сум лик поради кој ќе оставите се и да ме сослушате. Дури и да  сте во право, што ново би можела да ви кажам? Милион пати сме разговарале досега и јас секогаш говорам едно, вие друго. Нема кафуле, колку и да е зафрлено,  што би можело да смени нешто. Зошто ова го пишувам сега и баш денес? Што се случи? Каде беше прекинувачот? Можеби и не сум во право, прекинувачот никогаш и не постоел. Тоа што денес ми се случи би го нарекла просветлување. Грозно, одвратно, за мене едвај подносливо, но сепак е просветлување. Сфатив деца мои, дека повеќе не ве сакам. Да, би требала да бидам јасна и да кажам што тоа значи да си ги сакаш децата. Ве сакав на начин дека за секоја ваша постапка без разлика колку и да беше неприфатлива, изнајдував алиби. Морам да бидам уште појасна за оние другите кои го ќе го читаат ова. Вие не сте проблематични деца. Далеку од тоа. Се она што децата ги прави да бидат „нормални“ или дури „идеални“ вие го имате. Не крадете, не пушите, не пиете, не се дрогирате, не се курвате, завршивте по неколку факултети, работите... Па,сепак.... Јас се чувствувам издадено. Затоа што немате време за моите ставови кои не секогаш држат вода. Знам дека секогаш не може да биде по мое и знам дека и вие сте веќе стари,  јасно ми е дека не можам секогаш да сум во право, но зошто не сте милозливи? Во име на сите оние денови кога ќе цркневте да не бев јас до вас, кога се грижев, во име на сите оние денови кога ви беше тешко, а кога јас ви помагав, во име на сите оние денови кога ме викавте, а јас доаѓав. Во таквите моменти, јас не смеам да поставувам излишни прашања, туку само брзо да дејствувам. Вие немате време!  Морам само да кажам да или не. Кога ќе кажам „не“, тоа не се коментира, ама се памети. Кога мене нешто ми треба, за среќа не ми треба често, тогаш од мене се бара своите потреби да ги најавам на време, за да бидам ставена во вашиот напнат распоред. Скоро ми падна на памет, звучи грдо, како би умрела попрво отколку да побарам помош од вас. Сериозно, се колнам, поубаво да цркнам. Би се влечела. Сама со себе се договорив, кога веќе ќе дојде до тоа, ако дојде да не можам да се грижам за себеси ќе продадам се што имам и ќе платам луѓе да ме носат на доктор или да ме хранат со супа на сила. Навистина не би имала нерви да гледам во вас кога вие би ми зборувале како да голтам побрзо и да внимавам супата да не ми се цеди низ брада. Еднаш еден од вас двајца ми кажа како јас својата потреба за контрола ја нарекувам „љубов“.

Ве прашувам и двајцата што е за вас љубов? Жал ми е што никогаш не ве прашав и жал ми е што никогаш не ви објаснив дека сè она што го имам направено за вас во животот не е затоа што сум „морала“, туку затоа што сум ве сакала. Сега знам дека оној кој сака безусловно, а тоа на некој начин е погрешниот, само да знам како е да сакаш вистински, грешат. Во еден момент требаше да ве пуштам низ вода. Да не ги решавав вашите проблеми, да не ви давам совети кога не ме молевте за истите, да не ви давам пари кога ги баравте. Да ве пуштам на раат да живеете слободно,да дишете со отворени гради, да пораснете, да престанете да бидете деца, да израснете во луѓе. Го пропуштив тој момент. Не го препознав. Ете се до ден денес јас мислев дека имам деца. Денес се освестив, зошто денес нема никогаш да разберам, денес сфатив дека вие не сте повеќе мои деца, иако формално тоа ќе бидете, ако не се откажете од мене, ха,ха. Верувам дека сте згрозени од ова писмо, но јас многупати бев згрозена од вашите постапки, па преживеав. Ќе го преживеете ова, а ќе имате доказ дека имате патетична мајка која е опседната со големи зборови и потреба да го навлече вниманието на себе, како и потребата да биде жртва, да се жали себеси, затоа што има премногу време, затоа што е многу здрава и не и е досадно, се опседнува со непотребни анализи на односи кои се сосема нормални. Мoжеби е нормален тој однос, но мене ми е неподнослив. Можеби сум единствената на светот која се чувствува предадена, но тука не можам да си помогнам. Како и да е, деца мои, денес за мене е голем ден. Се разведуваме. Пукнав. И крајно, после толку години се чувствувам добро. Тажна и слободна.

Автор 

Ведрана Рудан 

фотографии извор :story.hr,dnevne

Објавено:
18 септември 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
7.204 пати
Извор: 
www.rudan.info