Драг Дедо Мраз...

29 декември 2018

Оддамна ти немам пишано. Не ја знам конкретната причина, ама веројатно детето во мене подзаборавило да фантазира, да сонува... станало суров реалист што верува само во тоа дека сè се може сам. Не ми се допаѓа крутоста во која се обвиткало. Не ми се допаѓа заспаното дете во мене. Годинава решив да го разбудам и затоа ти пишувам. Му шепнав: еј, зарем се претвораш во она сериозно возрасно суштество од кое секогаш се плашеше дека ќе се претвориш? Не, ти не си тоа! Не си рутина, денот не е работа-дома и егзестенцијални прашања... Животот е нијанси и секоја од нив со своја мелодија, забораваш ли да ги слушаш толку убавите животни мелодии? Му реков, буди се, направи список со желби и под итно да ги напишеш адресирани до Дедо Мраз.

И ете ме... размислувам за списокот желби. Веројатно животот некогаш треба да ве соочи со сериозни предизвици за да сфатите дека не, не се може сè сам! Сосема е во ред е да посакаш желба и да дозволиш некој друг, на пример Дедо Мраз, да ти ја оствари.

1. Колективна свест. Страшно ни недостига. Свртени кон себе и кон екраните од технолошките уреди, заборавивме на општото добро. Па Дедо Мраз, за почеток, една доза колективна свест ќе те молам!

2. „Перфекционизмот" што ни го сервираат медиумите и маркетинг индустријата постоел секогаш. Но, сега благодарение на социјалните мрежи, алармантно е колку таквиот, сервиран перфекционизам ја поремети сликата за реалноста, нарушувјќи ги вистинските животни вредности. Маѓепсани од совршеноста преку екраните, заборавивме на реалноста, која и покрај сите недостатоци, проблеми и несовршености – е наша и вистинска. Еден ден ќе се разбудиме, остарени и во телото и во духот, без реални спомени, со филтитрани фотографии на Инстаграм на кои всушност и не сме ние, туку некоја измислена проекција без емоција. Создавајте спомени во реалноста, несовршени, со бори, без филтри, спонтани и вистински. Таквите ја хранат душата.

3. Тешко се смеат луѓето во денешно време. И ги разбирам и не им судам. Современото живеење ни донесе такви душевни болештии, што за некои луѓе е мачно да се насмеат. Ама лек има? Насмевка со насмевка. Едно ваше „добар ден" испратено со насмевка, навистина може на некој да му го направи денот добар. Па што ако е странец и не го познавате и не знаете што му тежи на плеќите? Насмевки Дедо Мраз, те молам...!

4. Да си признаеме, општата култура и бонтон ни се затрупани под прашината безобразлук, неедуцираност, егоизам... Да повториме: ѓубрето се фрла во корпа за отпадоци, во сообраќај звучен сигнал се користи само по потреба, додека некој говори не го прекинуваме, колку и да мислиме дека нашот муабет е поважен... да, смешно е дека треба Дедо Мраз да ни донесе потсетник за основно етичко однесување. Ама сепак, Дедо Мраз, еден потсетник со долга листа на основни бонтон правила, те молам!

5. Не губете време – уф колку е кратко! Дедо Мраз времето не може да ни го даде, затоа користете го, уживајте го, негувајте го, почитувајте го...

6. Сакам голема, огромна концертна сала наменета исклучиво за културни збиднувања! Срамота е главен град на една земја да нема централно свртилиште за убави настани, за концерти, саеми, уметнички перформанси... Доста импровизиравме.

7. Љубовта има моќ да промени сè. Не е утопситичко ова размислување. Може така ќе му звучи на оној суровиот, што го успал детето во себе, го спомнав погоре... Ама да, љубовта ги прави луѓето светли, убави, добри кон себе и добри кон другите... Љубете!

Среќни празници!
Ве сакаат Фешнелци

Објавено:
29 декември 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
447 пати