Драга Савета...

23 септември 2015

Драга Савета...

 Морам да ти признам, не сум сигурна дали ни недостасуваш... Некогаш беше оригинална, но денеска имаш многу копии. Некогаш те читавме во „Практична жена“, а денес практичната жена одлучи да те замени со Фејсбук Савети и практично те има насекаде...

Но, еве и мене ми треба еден совет, одговор на прашањето, зошто на луѓето им е полесно да ти пишат тебе, отколку да се консултираат на вистинските места? Фејсбукот денес „гори“ од групи или т.н. женски советувалишта, каде пријателките што (најчесто) никогаш во животот и не се ни виделе, си се советуваат. Маката и групите ги споија. Знаеш, се шират нови пријателства.

Драга Савета, од каде ставот дека некоја домаќинка, наставничка, пејачка, актерка, новинарка (без потценување на која било професија) ќе знае подобро кои капки за нос се најдобри за затнатиот нос на моето дете, отколку лекар или фармацевтот? Или како се намалува температурата, или како најдобро се чисти мебел, што е абдомен,  и уште многу други „домаќински“ муабети.  Од каде слободата сами да се прогласиме за доктори, слаткари, професори, мајстори...? Или тоа произлегува од потребата да помогнеме некому... Јас сè уште верувам дека постојат вистински стручни лица на кои можеме да им се обратиме. Каков одговор треба да дадеш на прашања што се одраз на немаштија, неписменост, немоќ?

Денешната практична жена живее во брзо време, па сака и брзи совети. А има ли нешто побрзо денес од Фејсбук? Во секое време постои некој што ќе види и ќе ви одговори на вашето прашање. Женските групни Фејсбук советувалишта понекогаш ми наликуваат на женски секти, на шалтер за поплаки, пофалби, прашања... Не велам дека нема и по некоја корисна работа да се прочита, но овој тренд е широко распространет. Масовен. Понекогаш активните членки ги замислувам како ликови од книга на Дубравка Угрешиќ. Атмосферата што владее тука, сосема ме носи во ироничен контекст на популарната култура.

Драга Савета, такви како тебе има и во тинејџерските магазини и сајтови. Односно во сите каде се третира темата на љубов и врски.  Таму одговараат на прашања поврзани со задоволување на партнерот, првиот бакнеж, однос, полово-преносливи болести, нешто што би требало да се дискутира повторно со стурчно лице или родител. Зошто ни е тешко да се довериме на оние што најмногу ни мислат добро? Стравот (доколку постои) од реакцијата на родителот или срамот создаваат бариери. Велат, отсекогаш било полесно да си ја отвориш душата на непознат... Зарем не треба да е обратно? Но, во случајов од еден срам во друг влегуваме. Сликата што се оддава е дека денешната жена нема време да излезе, бара лесни и брзи решенија, што чинат помалку пари. Денешната жена не комуницира. Барем не живо. Не можам сосема да ја обвинам, но не ми се допаѓа сликата на денешната жена. Впрочем, и јас спаѓам во таа група.

Драга Савета, сите сме групирани. И знаеш што? На адресата на твоите нови изданија, секојдневно пристигнуваат многу прашања, но многу малку од нив се за вистински проблеми. За нив Драга Савета, воопшто не прашуваме. За нив не разговараме. Нив си ги носиме во себе, трпиме и најчесто сами ги решаваме, како знаеме и умееме...

Го очекувам твојот одговор.

Те поздравувам...

П.С. Бидејќи сè помалку се купуваат списанија, те молам да ми одговориш електронски или на Фејсбук. Пиши ми штом видиш... Јас сум онлајн ;)

Објавено:
23 септември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.533 пати