Драги девојчиња...

26 септември 2016

Растете во време кога ви се наметнуваат лажни вредности. Време на декаденција и време на релативизирање на работите. Медиумите немилосрдно ви ја искривуваат реалната слика за себе, креирајќи ви вештачки идеали. Тоа ви создава фрустрации и во најзначајниот период од вашиот живот, кога треба интелектуално и физички да созревате, вие следите пример кој е нереална креатура на бизнис машинеријата.

И така се претопувате во едноличноста, станувате копија на лажниот идеал кој утре ќе добие некаква нова форма и некое ново име, кое многу бргу ќе биде заборавено. Вие ќе се изгубите во потрагата по идеалот и ќе останете незадоволни со себе секогаш посегнувајќи по совршенство (кое не постои).
Не дека и порано индустријата, пред се поради комерцијалниот апетит, не се обидувала да ја униформира својата публика, но во време сегашно кога информацијата е достапна буквално од секој агол, многу е полесно да им се наметне особено на помладите генерации (сите сме сведоци како некои бизарни „информации" или „трендови" во минута стануваат вирални и веќе следната, сите зборуваме за истата тема, која најчесто е празна, бесцелна и површна).

Затоа, отстапете. Наместо да ги барате идеалите, побарајте се себеси. Иако не е едноставно да и се „спротивставите" на масата, чувството да се биде свој наспроти сите – вреди.

Вложете во својот интелектуален раст. Нема позначаен влог, од оној кога вложувате во самите себе. Поставете баланс помеѓу физичкото и духовното и наместо да се оптоварувате со тоа колку вашиот изглед е блиску до некој „стандард" за убавина, правете нешто што ве прави среќни. Кога сте среќни, вашата самодоверба расте, а кога сте самоуверени сте убави – одвнатре и однадвор. Сменете ја темата во вашиот круг на пријатели и наместо да ги клонирате ѕвездите од Инстаграм, предизвикајте ги вашите врсници со отворено прашање кое ќе ве натера да полемизирате, да дискутирате и да откривате нови светови. Да го браните вашиот став, дури и кога мнозинството е незаинтересирано или не го прифаќа. Бидете авангарда во своите редови и сами креирајте си ги своите стандарди за „идеално".

Бидете ѝ репер на вашата генерација.

Објавено:
26 септември 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
5.954 пати