Феноменот Даниел Кајмакоски

10 мај 2016

Во ова сиво секојдневие што нѐ опкружува веќе долго време, повеќе од добредојдени се моментите кои нѐ расположуваат и барем за миг прават да заборавиме на сѐ што се случува.

Доколку сте љубител на телевизијата, тогаш сигурно во недела навечер имате навика да ја погледнете емисијата „Твоето лице звучи познато“ чија продукција го прави и невозможното за овие балкански услови.

Дел од таа емисија е и Даниел Кајмакоски, кој инаку го знаеме како победник на регионалното шоу X Factor Adria и како миленик на девојките.

По шоуто, тој остана да важи како згодно момче со неверојатен глас кое направи неколку песни кои поминаа солидно.

Неговиот вистински, безвременски, неверојатно голем талент, тој на Балканот му го покажа во ТЛЗП каде од емисија во емисија сѐ повеќе воодушевува.

Изведбата на „Purple Rain“ на неодамна починатата легенда Принц, го смести на мојата листа најпочитувани музичари на сите времиња.

Неприкосновениот талент со кој ова момче изобилува, дефинитивно е за надвор од овие граници.

Тој треба да тргне на долго патување на кое ќе наполни безброј сали, на кое ќе има третман како светска ѕвезда, на кое ќе настапува на светски фестивали, каде сите ќе го знаат и обожуваат.

Тој не треба да биде уште една приказна - „секое чудо за три дена“! Во себе, тој има повеќе талент и од најпопуларните музичари на Балканот.

Тој го испеа Принц подобро од Јоксимовиќ и Георгиев заедно, кои важат за едни од најдобрите во регионот... Ја запали сцената и го забележа најдобриот настап досега во ТЛЗП со неговата изведба на „Benzin“ на Rammstein, ја крена публиката на нозе со „Калашников“ на Бреговиќ, беше неверојатен со Неша во „Smack My Bitch Up“, фасцинантен како Тина Тарнер.

Покрај докажаните гласовни способности кои се меѓу најдобрите во шоуто и воопшто, Даниел е и одличен актер што се докажа со неговите фантастични имитации од емисија во емисија.

Трудот, напорната работа и позитивниот карактер се дефинитивно особините кои во голема мера ќе му помогнат на патот кон успехот и кои ќе направат тој да биде обожуван и надвор од регионов.

Ѕвездата веќе постои во него, ѝ треба само малку поттик да сака да блесне и на малку поголеми простори од овие нашиве.

За таа ѕвезда треба да дознае целиот свет, тој заслужува и мора да биде обожуван и надвор од Балканот, да дели сцени со познати рокери, да им пее на цели нации.

Никако не смее да се задоволи со досега сработеното, ниту пак да остане да работи само во овој правец во кој досега проба, бидејќи тоа би било навистина голема штета. 

Тој е роден за енергични настапи и песни за кои се уверивме дека е и повеќе од способен да ги изведе како впрочем и оригиналните изведувачи.

Се надеваме дека за неколку години ќе купиме карти за негов концерт некаде далеку од тука, дека ќе биде меѓу ретките Македонци за кои пишуваат светски музички магазини, бидејќи неговиот талент не смее да биде потрошен залудно.

Доколку чита некој од продуцентите на шоуто, во некоја следна емисија тој би бил совршениот Лени Кравиц, бидејќи Даниел е роден за светски песни и светски сцени...

Даниел, времето поминува... Израдувај нѐ што е можно побрзо и никогаш не се задоволувај со ова тука, бидејќи ти очигледно си феномен каков што долго време сме немале, ти не си за тука!

Damn, Daniel!

Објавено:
10 мај 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
8.311 пати