Го гледавме „Осумте на Оушн“

21 јуни 2018

„Осумте на Оушн“ е еден од најнајавуваните филмови за ова лето. Актерската екипа сама по себе привлекува внимание, па дејствието уште од старт се става во втор план. Имајќи го предвид успехот и приказната на оригиналот „Единаесетте на Оушн“, може да се рече дека женскиот римејк уште од старт ја повлече старата слава на остварувањето.

Ако очекувате да видите филм со некаква неверојатна приказна и фантастични актерски способности, тогаш би можеле да се разочарате. Ако пак, очекувате со оваа приказна да се забавувате и за момент да ѕирнете во гламурозниот свет на модата, тогаш да, ова е филмот што дефинитивно треба да го погледнете.

Деби Оушн (Сандра Булок) е сестра на Дени Оушн и после пет години затвор, излегува со план како да направи совршена кражба на најскапоцениот ѓердан на „Картие“ вреден 150 милиони долари. Во тоа ќе ѝ помогне нејзината партнерка Лу (Кејт Бланшет) и останатиот дел од екипата - Амита (Минди Колинг) експерт за дијаманти, Тами (измамничка која е претворена во посветена мајка), Констанс (Авквафин) - кибритарка со неверојатни способности за крадење) и Деветчето (Ријана) –хакер.

Кражбата ќе се одвива за време на најспектакуланото модно случување „Мет гала“, а скапоцениот ѓердан ќе го носи Дефне Клугер (Ех Хатавеј). Токму тоа случување ќе ви ги отвори макар за кратко портите за тоа што се случува и како изгледа да се биде дел од оваа манифестација. За да биде сè автентично, на Мет галата ќе се појават и бројни познати личности – Серена Вилијамс, Хајди Клум, Џиџи Хадид, Ким Кардашијан, Хејли Болдвин и други и секако легендарната Ана Винтур, со широка насмевка на лицето и во издание многу поинакво од тоа што медиумите ја претставуваат. И да, вистинската Ана Винтур се појавува.

Кастингот е привлечен не само од аспект дека се работи за звучни имиња, туку дека е опфатена женската различност од повеќе аспекти – од животен стил, преку националност до способности.

Ако зборуваме за актерскиот дел, хемијата помеѓу Сандра Булок и Кејт Бланшет е веднаш воочлива и како магнет дејствува врз гледачот. Ен Хатавеј е фантастична со фацијалните експресии, додека Хелена Бонам Картер може да се рече дека успева најмалку да го задржи вниманието. Од друга страна, Авквафин односно Констанс и Ријана (Деветчето) се одлично освежување, па можеби ќе беше подобро нивната минутажа во филмот да се зголеми на сметка на онаа на Бонам Картер. Доза на хумор внесе и појавувањето на Џејмс Корден.

Не може да не се спомене дека шминката е одлична – природна и ненаметлива, а за костимите одат сите пофалби. За потсетување, костимографката Сара Едвардс располагала со тим од 15 асистенти (во нормалните денови), а околу 50 во деновите на големите снимања, кои биле задолжени за околу 300 парчиња од Висока мода и со дизајнерски потпис. Во филмот, Сандра Булок менува дури 65 стајлинга, додека Кејт Бланшет 40 (најчесто дизајни на „Барбери“, но нема ни да го забележите тоа.

На Мет галата Кејт Бланшет носи „Живанши“, Сандра Булок креација на „Алберта Ферети“, Ријана е во фустан со потпис на Зак Посен“, Хелена Бонам во креација на „Долче и Габана“, Паулсон носи „Прада“, Минди Колинг светкава креација на Наим Кан, додека Џонатан Симкаи се потпишува зад креацијата на Авквафина. Главната ѕвезда, Дафне Клугер, односно Ен Хатавеј е во креација на „Валентино“.

Ако читате критики за филмот ќе наидете на различни. Еден дел ќе речат дека е одличен од аспект што ја слави жената во сите нејзини аспекти (способна, независна, паметна, модерна...) па кога го гледате не можете а да не почувствувате женска солидарност. Други пак ќе речат дека филмот е сосема просечен, ако се има предвид кои актерки го предводат, како и дека дејствието во кое оди сè како подмачкано е идеализирано.

Постојат и такви кои сметаат дека нема потреба актерките да се докажуваат како актерки во овој филм, туку да се забавуваат, за истата забава да ја пренесат и на сите останати жени во светот што ќе го погледнат.

Без разлика на кое од овие мислења ќе се приклоните, нашиот предлог е сепак да одите да го погледнете. Ќе ви го задржи вниманието цели 110 минути, ќе се забавувате, ќе се воодушевувате на модата. Па дури и просечен, ова дефитивно е еден од летните филмски хитови.

 

Објавено:
21 јуни 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
820 пати