Гордост и предрасуда

23 ноември 2015

Уште од моментот кога Чарлс Фредерик Ворт ( Charles Frederick Worth) за прв пат ги замени манекените (оригиналниот наслов на куклите) со живи модели, тие станаа значајна, нужна и неизбежна алка во синџирот наречен мода.

ПРОФЕСИЈАТА модел /манекен е веројатно најкусата по времетраење можна професија на светот и воедно најнеизвесната. Трае само до следниот можен ангажман ако воопшто го има, зошто конкуренцијата е немилосрдна. Најчесто се истрајува неколку сезони, во најдобар случај две, три години, во зависност од видот на побарувачката на пазарот. Само малкумина успеваат да го пролонгираат рокот на траење, уште помалку да изградат препознатливо име над ликот, особено последниве години (деценија/две) кога тежнеењето е унифицираност на изгледот како одговор на персоналитетот на супер моделите од крајот на 80-те и почетокот на 90-те, кои ете, последниве сезони пак се вратија на сцена.

Па иако првиот впечаток е дека е тоа професија која не инсистира на поголем интелектуален ангажман ама затоа изискува самобендисаност во огромни количини за да може да се опстане во неа, вистината е дека како просечен модел може да се протнат многумина со одредени потенцијални параметри, но врвен модел станува само лик со карактер, персоналитет и идентитет.

Затоа за да се опстане на тој безскрупулозен пазар клучен е професионалниот однос кој пак подразбира постојана грижа и надоградување и иманентно внес во ангажаманот како на професија рамна на секоја друга. Затоа во реалниот глобален свет на бизнисот небулозно е да се каже дека тоа некој го работи како хоби. Можеби како привремена работа, како алтернатива, но сигурно не и како хоби. Затоа што едноставно кога е возможна заработка од страста, пасијата и забавата која ја носи хобито кое го милуваме значи дека тоа се преточило во професија, па секоја заработка треба и чесно да се одработи. Но, тогаш освен добрата воља тоа ќе изискува и нужно почитување на профилот на работата. И тука не може и не смее алиби за неквалитетна работа да биде ниската заработувачка или недоволниот обем на работа како постојан изговор на домашните модели. Или уште позагрижувачко и самодеградирачко, како забава во некакво меѓувреме (за смешното мешање на мисици и манекени друг пат). Затоа што едноставно, одговорноста во навидум најефемерната професија на светот и не е така ниту навидум ефемерна.

Персоните во модниот бизнис (кој патем е една од трите најголеми економии во светот) особено дизајнерите, многу добро знаат за моќта на квалитетниот модел. Тој е оној битен елемент кој и најгрдиот дизајн може да го разубави и да му даде доза на допадливост но и обратно, да ја онеспособи и нагрди и најубавата облека. Па иако за мнозинството тоа ќе се само кукли кои се движат, суштината е многу покомплексна. Квалитетниот модел (манекен-ка) по дефиниција неопходно е како квалитети да поседува одредени физички стандарди и перформанси, но и она што се нарекува харизма, односно тоа што во бизнисот се препознава како X фактор. Тоа е оној пресуден детаљ кој квалитетните модели ги прави посебно барани на пазарот, но и добро платени за тоа. Што ќе рече, да се издвојува од околината, да го препознаете од далеку-да го личи. Затоа привилегијата за изживување на благодатноста на "најубавата професијата" не може и не смее да ја има секој.

Но, тоа не е само прашање на желба на потенцијалните актери туку е пред се стручна одлука на оние кои ги продуцираат кадрите-модните агенции. Форсирање и инсистирање на квалитетот и силната селекција е она што ќе произведе капацитет кој клиентите ќе знаат да го препознаат па со тоа и со задоволство да го платат. Во меѓувреме тоа значи квалитетна обука во која треба да се научи правилно чекорење (базично, но ретко на нашите писти), правењето разлика меѓу модел и манекен (на писта не се позира како на фотосесија), задолжителната грижа за својот изглед (недозволиви мерки и килажа, целулит и млитавост, тотално отсуство на физички активност и правилна исхрана), умешноста да се артикулира карактерот на секој поединечен дизајн и особено важно – точноста и навременоста.

Нешта кон кои постои толеранција нула во сериозниот свет на модниот бизнис, а кои локалните модни ѕвезди убедени во својата незаменливост лежерно си ја дозволуваат. Од таму и не зачудува самозадоволноста од локалната слава и незаинтересираноста за интернационален пробив (секоја чест на три , четири извонредни исклучоци), но и фактот дека вистински потенцијални манекени шетаат на улиците, а не на модните писти.

Автор: Снежана Сани Богдановска

 

Објавено:
23 ноември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
373 пати