Има еден галеб тажен

18 април 2018

Автор: Небојша Толески Куп партали по дома, во орманите, складирани во кутии или во вреќи, на таван или во пренатрупан подрум... Парчиња облека кои ни стојат скоро 20- 30 години (случајно да не ни затребаат некогаш), на некои сме заборавиле и дека постојат, некои ни се мали, некои омилени ама не ги носиме, а некои од баба или од мама во случај да не се предомислиме и да ги носиме. А, скоро секој месец повеќето купуваат облека. Да не зборувме за детската облека којa некои мајки ја чуват за нивните деца кога ќе пораснат и ќе имат деца, ќе имаат и облека плус на располагање. Некои пак љубоморно си ги чуваат крпчињата. Им стојат со години, но си ги чуваат ете така. И упорно си велиме дека некаде ќе ја дадеме, донираме облеката, а таа пак си стои дома...

Знаете ли дека има луѓе кои немаат што да облечат? Дека секој ден одат во старите искинати алишта, патики и чанти и се срамат при секој упатен поглед кон нив. Главата наведната, како тажни галеби, очи полни живот, ама животот им задал удар... Колку познавате такви? Да, да! Ги има многу. Посакуваат да имаат нешто убаво на себе, да бидат барем малку посреќни со облека која ќе може да ја менуваат... Сиромаштијата не е за потценување. Не е ни срамна. Не е ни болест како некои што ја гледаат. Таа е реалност. Кај нас посебно изразена. Повеќето врзуваат крај со крај, одделуваат пари за брашно, луксуз е да купат леб... Луксуз е и да се облечат најнормално, едноставно и прифатливо од пошироката искомплексирана заедница. Солзите во нивните очи се тешки, битката за опстанок голема, бескрупулознста на луѓето најголема. Им се воодушевувам на неколкуте хуманиарни оганизации и поединци кај нас кои сериозно, без скриени намери помагаат на луѓето со солзите.

Што правиш ТИ како поединец? Токму ти кој менуваш по неколку чивта фармерки во текот на два дена, кој носиш убави парчиња и ги фрлаш дома за да си ги чуваш како сувенирчиња? За што ти се толку и каде ќе ги носиш? Па затоа одважи се, земи еден пакет, наполни го со работи кои не ти требаат и однеси го онаму каде што е најпотребно. Зарем нема да се чувствуваш поубаво кога некој ќе ти ја подари безрезервно насмевката и ќе се восхитува од среќа? Нити е тешко, нити одзема време. А, замисли очи широко отворени кога ќе ја подариш твојата добрина... Замисли како девојче ќе се радува на фустанчето со туфнички, или момче на јакна со лик од цртаните филмови... Ако ти е тешко да замислиш, не мисли! Спремај облеката и донирај. Еден ден ќе имаш прилика да се чувстуваш гордо што си помогнал. И не мора целиот универзум и сите небески тела да знаат дека си помогнал! Направи го тоа од срце... за срце! Оти помагањето е сила, исконско нешто со кое си ја исполнуваш душата, душите...

Објавено:
18 април 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
519 пати