Инстант ѕвезди и медиумска писменост

2 ноември 2018

Автор: Небојша Толески Неодамна, една српска така наречена тв. ријалити ѕвезда изјави дека нема прочитано ниту една книга, а стигнала многу далеку, и финансиски и кога е во прашање нејзината популарност. Што да кажам? Прочитај книга и нема да даваш вакви изјави, туку ќе кажеш нешто паметно кое ќе ги поттикне широките народни маси.

Инстант ѕвездите не се ништо ново. Ги има еден куп, на брзина се појавуваат и со истата брзина исчезнуваат. Најчесто ги има на телевизија во разни шоуа, но неретко ги среќаваме и на социјалните мрежи. Кај нас се создадоа многу такви, но денес никој не се сеќава на нив бидејќи не траеле. И во модата се појавија, но повеќето од нив видоа дека не оди се како подмачкано. Публиката е секогаш меродавна за нивната трајност, но публиката треба да е свесна дека се е тоа вештачки конструирана реалност. Не дека повеќето од нештата кои ги гледаме не се „сервирани" вештачки, но кај инстант ѕвездите тоа е по нагласено. Содржината која ни ја нудат претежно е оскудна, но добро спакувана, па во очите на набљудувачот се создава слика на вистинска ѕвезда. Тие прават се за да го задржат нашето внимание, но квалитетот кој го презентираат е со краток рок. Овде ќе видиме на „Фејсбук" или „Инстаграм" фотографии или видеа од нив каде изгледаат перфектно... Зборуваат работи кои публиката сака да ги слушне, без некоја вистинска суштина. Се облекуваат шокирачки со тоа мислејќи дека демонстрираат мода и недофатлив стил... Изјавуваат нешта со провокативна содржина, се соблекуваат, иритираат... Често цитираната изјава на Енди Ворхол дека во иднина секој ќе биде славен 15 минути, има смисла. Но, џабе се минутите на инстант слава, ако не траат... А траењето на една вистинска ѕвезда не е ни малку лесно. Токму вистинските знаат како да бидат вистински! Ама тие нудат сосема друг формат, сосема друга допадливост кон публиката, сосема друг квалитет...

Инстант ѕвездите никогаш не би биле познати ако немаат поддршка од медиумите. Медиумската писменост е многу битна за креирање на мислењата. На начинот на кој медиумите се читаат или гледаат, во развивање на критичко мислење на публиката... Треба да се создадат дебати по училиштата, на факултетите. Анализирањето на медиумските содржини треба да се врши од повеќе аспекти, со можност за различни интерпретации за тоа како некој ги гледа инстант ѕвездите и зошто така ги доживува, но и што се крие позади сето тоа.

Во таа смисла, медиумската писменост е многу важна затоа што добро информиран граѓанин може да донесе одлука, во спротивно ќе одлучи на основа на емоции или предрасуди.

Објавено:
2 ноември 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
165 пати