Излез од комфорната зона, да или не?

21 февруари 2018

Автор: Небојша Толески Деноиве на големо се зборува за модните недели во Њујорк и Лондон. Едната заврши, а другата е на самиот крај. Вниманието секогаш е насочено кон новите креации на дизајнерите и модните куќи, ама најчесто големо внимание добиваат и дамите кои забрзано одат на некоја ревија, а не се дел од светскиот џет- сет. Токму уличната мода во екот на модните недели е една од главните модни теми по светските списанија, порталите и телевизиите. И навистина, има што да се види. Фантастично облечени жени парадираат гордо, секоја интересна на свој необичен начин. Одлично усогласени чевли со чанти, фустани комбинирани со долги капути, шапки во разни бои и воочливи детали, пруги и дезени со линии на сите страни, отменост, авангарда и класика. Уникатниот стил не може, а да не остане незабележан, па верувам дека секој ќе упати поглед кон жена или девојка која прекрасно изгледа со внимателно и паметно избрани парчиња. Иако тамошниот стандард е висок и изборот на облека голем, тоа не секогаш има врска со нечие облекување. Овие дами знаат дека џемпер од пред десет сезони купен на попуст може и тоа како добро да стои на долго плисирано свилено здолниште... Но, не мора да се одржуваат модни недели за да се изгледа необично убаво. Во поголемите градови секојдневно на улиците се забележуваат перфекционистки кои она што го носат ги остава без здив и најпребирливите.

А сега, да ја свртиме паричката од другата страна!
Овде очи ќе ти извадат ако кажеш нешто за нечиј изглед. Нити се прифаќа добронамерна издржана критика нити некој почитува одредени оправдани ставови. Да да, јасно е дека се нема пари, дека сме сиромашни, дека немаме мода каква што заслужуваме, ама дали имаме доволен моден капацитет самите за себе да изгледаме добро облечени, па и со парчиња купени на попуст во второкласни бутици? Кај нас уличната мода и за време на некој голем настан (до душа еден е таков) и општо се сведува на карневал. Се разбира, ова не важи за секој! Па така, низ нашите улици најчесто ќе видиме оштетени коси „однесени со виорот", ужасни чевли со сомнително потекло, ремени во половината на бунди кои ги прават да личат на бројот 8, чизми над колена со мрежасти халахопки и тантела расфрлана на сите делови од телото, гердани кои блештат па да ги видиш дури и и од три километри... Вистина е дека невкусот си го прави своето, но потполното сопствено модно фијаско за преку ден е претерано. Дали се плашите да бидете убаво и соодветно облечени? Дали не знаете? Дали мислите дека ако се накитите сите ќе паднат во несвест и дека со тоа ќе им докажете на ривалките дека многу вредите? Немојте повеќе сами себе да си се навредувате! Наместо тоа, обидете се да бидете свесни за моќта на трансформацијата, за милион можности кои ви се нудат. Ви требаат добри совети, а не многу пари.

Стилот не се купува, тој се гради!
Затоа пак, кај нас има и такви кои да ти е мрак да ги гледаш како поминуваат до тебе во разминување. Облечени практично со соодветно распоредена облека и бои, намирисани дозирано, чекорот им е кроток, ама моќен, погледот ненападен... Тие најверојатно имаат и култура на однесување и манири и широк поглед на светот.

Сите не можат да изгледаат убаво и сите не можат да бидат облечени убаво. Но, можат (ако сакаат) да бидат умерени во дозирањето, во начинот на кој се себепрезентираат. Потрудете се да си направите баланс на можностите и вашата визија. Не копирајте премногу, посветете си повеќе внимание на градење свој сопствен стил. Допадливоста на пошироката народна маса не е секогаш репер за усешност како и претераната самодверба. Клучот за стилски добро облекување каде и да сте, што и да правите, лежи во вас. Дали ќе откучите нови светови или ќе се заклучите во вашата комфорна зона, останува на вас.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
21 февруари 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
766 пати