Како Бијонсе и Инстаграм ги „уништија“ магазините?

3 февруари 2017

Ако порано со нетрпение ги очекувавме новите броеви на познатите магазини чии насловни секогаш имаа некоја приказна, денеска чекаме нови објави на социјалните мрежи со кои познатите личности инстантно го „палат“ Интернетот.

Таков беше случајот и со објавата на Бијонсе дека е бремена со близнаци, која за само неколку часа стана „најлајкуваната“ во историјата на Инстаграм со што таа со право беше прогласена за кралица на социјалната мрежа.

Поради огромната популарност на социјалните мрежи последниве неколку години, голем број од познатите модни куќи токму таму ги бараат своите нови заштитни лица, музичките ѕвезди промовираат песни, дизајнерите прикажуваат колекции.

Воопшто и не треба да нѐ чуди фактот што планетарно познатата музичка дива и нејзиниот ПР тим се одлучија веста за нејзината бременост да ја објават на Инстаграм, наместо во некој престижен магазин.

Според она што досега можеме да го видиме, нејзината објава има повеќе од девет милиони допаѓања со што го урна рекордот што го држеше Селена Гомез за нејзината фотографија со Кока – Кола.

Се чини дека и некои од највлијателните луѓе во светот почнаа да ги користат социјалните мрежи како основна платформа за комуникација со публиката и објавување на значајни вести.

Некои од најпознатите луѓе во ПР индустријата ќе кажат дека ова е совршено паметен потег на пејачката – таа ја одбра платформата на која има најголем број следбеници за да објави нешто толку важно и да предизвика вистинско „лудило“ со истото.

Како што беше случај со нејзиниот албум „Lemonade“ кој го објави преку ноќ без никаква најава, а притоа сними бројни видеа и филмови кои ја подржуваа приказната, голема беше веројатноста дека нешто слично ќе се случи следно.

Ако со уникатната објава на албумот со која привлече уште повеќе обожаватели стана пример за тоа како треба да се промовира нов албум, тогаш голема е веројатноста дека познатите дами имаат нов начин за објавување на вестите за бременост.

Сосема паметно, ѕвездата чекаше Интернетот да „полуди“, па следниот ден да објави нови фотографии со наслов „I have three hearts“ на нејзината веб страна, со кои предизвика уште поголемо воодушевување и стана сензација за 24 часа благодарение на социјалните мрежи.

Хрватскиот ПР експерт Ранко Вучиниќ за Buro 24/7 вели дека доколку некој мислеше дека ова е едноставна, невина објава со која пејачката сакала да ги израдува обожавателите, тогаш многу греши.

Токму оваа фотографија и тоа како истата ќе изгледа е планирано со месеци, побарани се совети и разговарано е со бројни експерти, медиуми, уредници, стилисти, дизајнери, па како што тој ќе каже, можеби дури и со поранешното прво семејство на САД.

Тој додава дека е многу мала веројатноста некој од познатите „трач“ портали како TMZ и сличните на нив, да не дознаат ваква бомбастична вест и да не ја објават први, освен ако не е сѐ однапред договорено.

Со ова, уште еднаш се докажува важноста на социјалните мрежи денеска кои се една од најзначајните, ако не и најзначајна платформа како за обичните луѓе, така и за светски познатите ѕвезди.

Потегот на Бијонсе е лекција за сите дека само со една нежна, ранлива и среќна фотографија која раскажува една толку убава приказна, може да се допре до секој и секој всушност треба да го следи нејзиниот пример, бидејќи засега сето тоа е бесплатно.

За разлика од порано кога познатите магазини даваа огромни суми на ѕвездите за да позираат бремени или пак со нивните деца, денеска тие имаат свој начин како да го известат светот за новостите и сепак да заработат незамисливи суми на пари.

Иако Деми Мур беше вистински прекрасна со нејзината слична фотографија на насловната на Венити Фер во 1991 година, објавата на Бијонсе е само уште еден доказ дека времињата се менуваат и дека секој кој сака да е успешен, мора брзо и паметно да ги следи промените.

Објавено:
3 февруари 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.577 пати