Како ќе се соблечеме на плажа?

30 мај 2018

Автор: Небојша Толески Знам дека не фаќа паника пред доаѓањето на летото. Како ќе облечеме костими за капење, а имаме по некој килограм плус? Оние кои континуирано вежбаат немаат таков проблем, ама некои од останатите се срамат. Ете некои не успеале да одат во теретана, да трчаат или да држат диети. Телото е само алатка, процесорот е во душата.

Тело се менува, ќе надвисне, ќе се збрчка, ќе се здебели... Душата може да надвисне со убави мисли, таа ќе се збрчка од многу спомени натиснати еден до друг, а ќе се здебели со знаење, искуство и мудрост и не може да остари ако не и дозволите. Нема да го видите тоа на прв поглед бидејќи телото е во предност (пред нос), ама убавината треба да сакате да ја откриете. Допадливоста доаѓа во најразлични форми и не секогаш мора да е нашминкана и извајана. Не се срамете да се соблечете на плажа! Вие пак ќе бидете исти и без срамот и стравот. Визуелната промена не се случува одеднаш па затоа бидете такви какви што сте. Неспорно е дека треба да се грижите за вашето тело и задолжителна е физичката активност и умереното внесување на храна, но ако тоа не сте го направиле до почетокот на летото барем одберете си одлични костими за капење, марами и некој голем шешир. Бидете со стил на море или езеро. Токму тој може визуелно да ви помогне многу во намерата да бидете супер лејди. Еднобојни секако и никако во мат бои. Горниот дел не треба да биде премногу отворен, а неколку ремки плус се добредојдени. Долниот дел треба странично да биде поширок и никако да ве стега во делот на половината. Дезените со вертикални линии се одлични за "истегнување" на фигурата. Секако, тука се и едноделните костими кои мора да имаат софистицирано создаден градник. За суптилно да ги прекриете нозете, марамите излегуваат во пресрет. Но се разбира, по можност долги и со странични реси. Спектарот на нивниот дезен е лимитиран во една или две бои. Никако повеќе. Изборот на шешири нека падне на оние големите кои ем ќе ве заштитат од сонцето ем ќе создадат ефект на забележување. Употребете нежно обликуван ѓердан кој нема да светка премногу.

Сандалите со висока тенка потпетица чувајте ги за во град, на плажа се пожелни сандали со полна средно висока пета. Не заборавајте ни на чанта ама не голема, туку едноставна, практична и која исклучиво се носи на плажа. За шминка е смешно да се зборува.

Треба да почитувате одредени совети и правила. Не се напишани колку само да бидат прочитани. Применете ги. И да! Да не ви е гајле кој што рекол за вашиот изглед на плажа. За ова најдобар лек е вашата кожа! Најдобро е да си најсреќен во своја кожа! Уживајте!!!

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
30 мај 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.324 пати