Ќе го славиме 8 Март или не?

8 март 2016

Дојде денот за подароци! Кога размислував и читав за овој ден и празник, по социјалните мрежи  наидов на многу укажувања на тоа дека 8 Март не е марамата, парфемчето или било кој друг (многу често скап) подарок што ќе го добиете (или подарите), со што се согласувам.

Смислата на овој ден сосема се изгуби. Но, има неколку групи почитувачи на овој празник.

1.Повозрасните – оние што според многумина и треба да го прославуваат празникот, што цвеќето и/или подарокот го примаат со големо задоволство и на кои овој ден можеби и им значи нешто.

2.Помладите – што најчесто не знаат што означува 8 Март, и поради годините не се чувствуваат дека треба да го слават (барем сè уште) и најчесто тие се иницијатори за да им се купи нешто на овие повозрасните (во случај на мажот да не му текне, што е честа ситуација).

3. „Силни жени“ – барем самите така се нарекуваат, се оние што се убедени дека тотално можат без маж, дека жените се сосема рамноправни (како феминистки, ама не баш, како алфа-женки, ама не се 100%), па баш од таа причина нема потреба да го слават 8 Март. Тоа е клише, потврда дека сме послабиот пол. Но, доколку им подарите цвеќе или нешто друго, нема да ви го вратат (штом веќе не го слават).

Исто така, проблематично стана и вниманието за 8-ми март. Тука веќе може да се зборува и за големи суми. За брендирани парфеми, чанти, накит... И бидејќи родителите се „забораваа“ малку за учителките и другите жени важни во животот на нивните деца, пред два дена во весниците излезе информација дека учителките, докторките и сите жени во администрацијата не смеат да примаат скапи подароци за 8-ми Март. Ова е регулирано во Законот за вработените во јавниот сектор, во кој е ограничено примањето подароци до 1 000 денари. И не само за овој ден, туку и воопшто. За пречекорувањето на дозволената сума, има и казни.

Доколку не сте ја виделе информацијата, ја има речиси на сите онлајн верзии на весниците и останатите портали.

Па и нека. Сосема се дефокусиравме од значењето на овој ден.

И јас сум за тоа да одбележи овој ден, да се даде подарок (но да не се оди во екстреми) . Поголемиот дел од жените кај нас не добиваат цвеќе или некој друг подарок многу често, што понекогаш доаѓа од немарност на партнерот или блиските, а понекогаш навистина од неможност. Затоа, нека биде барем овој ден можност за нечија искрена насмевка и среќа. За убаво чувство и посебност.

Но, со почит кон она што навистина е 8 Март.

За (нечие) потсетување или прво информирање, 8-ми март е меѓународен ден на жената. Не на мајката. Ова е ден кога се одбележува борбата на жените за економска, политичка и социјална рамноправност со мажите. Роза Луксембург и Клара Цеткин се во голема мера заслужни што жените воопшто добиваат права.

Првиот национален Ден на жената е одбележан на 28-ми февруари 1909 година во САД, после декларацијата издадена од Социјалистичкта партија на САД. Истата година во август е организирана Меѓународната конференција на жените на Втора интернационална. Инспирирана со американското делување по повод ова прашање, Германката Луиз Циц предлага да се организира Меѓународен ден на жените.

Со оглед на тоа дека таа не е во можност да ја реализира својата идеја, иницијативата ја презема Клара Цеткин (1857-1993). Од 1889 година, Цеткин се бори за правата на жената. Првото одбележување на денот е на 18-ти март 1911 година во Австрија, Германија, Швајцарија и Данска. Со многу демострации, феминистките го одбележуваат и ширум Европа. Инаку, Швајцарија последна го воведува правото на жената да гласа (1972 година). На 8 март 1913 година жените ширум Европа одржуваат мировни собири.

Осми март како Меѓународен ден на жените, како официјален датум е прифатен во 1917 година. Обединетите нации од 1975 година (прогласена за меѓународна година на жената)  почнаа и службено да го одбележуваат овој ден.

Во мноштвото кампањи и текстови по повод овој ден, јас ја одвојувам онаа на невладината организација „Акција Здруженска“, што на сликовит начин претставува што 8 Март не е.

Ако сакаме да имаме еднакви права, да сме успешни, да излеземе од клишеата што ни пречат, од насилството, мора да бидеме информирани и образовани.

Затоа драги дами, среќен 8 Март! И да си го славите без разлика колку сте силни и свои!

Објавено:
8 март 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
654 пати