Пред неколку дена една сосема анонимна девојка од Мичиген стана вистинска Интернет сензација за само неколку минути. На заедничкиот ручек со родителите на момчето, Емили Бингам имала уште едно во низата непријатни искуства со поставувањето на најчестото прашање денеска: „Кога дете“? Во една објава на Фејсбук, на сите оние што се занимаваат со ваквите прашања, таа им одговара неверојатно искрено и директно:

„Бев на вечера со роднините на моето момче и некој почна да се шегува дека е време за внуци, погледнувајќи кон мене. Тоа не беше прв пат да ми се случи такво нешто. Јас имам 33 години и никогаш не сум била мажена. Луѓето постојано ми велат дека стареам, зошто уште чекам да имам деца? Мојот биолошки часовник отчукувал! Нема никаква потреба да им создавате ваков притисок на младите луѓе. Покрај тоа што им се создава огромен притисок, постојат девојки и жени што можеби не можат да имаат деца, се борат со различни проблеми, а вие не го знаете тоа. Бидете свесни дека некогаш и тие добронамерни прашања можат да предизвикаат дополнителен стрес, тага или нервоза кај жените“, напиша меѓу другото Емили на својот Фејсбук профил.

И да, од каде постојаната потреба да се врши притисок за вакви прашања? Иако речиси секогаш истите се поставуваат добронамерно, нема потреба од истите.

Бидете сигурни дека секоја млада брачна двојка има свои причини зошто чека да се одлучи на таков чекор. И повторно, не секогаш мора да ги знаете тие причини што за нив се апсолутно оправдани.

Не дозволувајте си да ги споредувате денешните времиња со оние вашите, бидејќи доколку не сте забележале, сѐ се смени од корен. На тој начин, вршите и дополнителен притисок за семејните средби што се наближуваат, бидејќи да бидеме искрени, знаеме какви прашања ќе бидат поставувани на масата.

Се чини ерата на ваквите, во одредена мера непријатни прашања, не завршува. Кога ќе завршиш факултет, нема да престанат да прашуваат кога ќе почнеш да работите, како ти да не сакаш.

Веднаш потоа, ќе дојдат прашањата за момче, па кога ќе правите свадба, под услов претходно да не мора да живеете заедно, па потоа што чекате за бебе, па после за второ бебе, па зошто не уште едно...дека убави времиња се...

Па кога дрско ќе одговориш, ќе бидеш прекорена дека не може никој ништо да те праша и дека ако не зборуваат за тоа, нема за што друго... А впрочем, има толку други прашања што чекаат да бидат поставени. На пример, како си?

Како е во заедничкиот живот, како го исполнуваш секојдневието, има ли нешто што те мачи? Која серија ја гледаш, кои се новите филмови што навистина има што да кажат, каде ќе одиш на летување?

И запомнете, дури и „Колку плата земаш“ е подобредојдено од прашањето: „Кога дете“?

Кога јас ќе одлучам, и секако, кога околностите и состојбата ќе ни дозволат!

Објавено:
29 септември 2015
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
5.355 пати