Кога престанавме да бидеме културни?

17 октомври 2017

Неодамна, колега од работа ми вели: „Знаеш, денес луѓето не се навикнати на културно однесување. На продавачката во локалната продавничка ѝ реков, „Имајте убав ден“, и таа се изненади, не знаше ни што да ми врати...“.

Тоа ме поттикна да размислувам кога престанавме да бидеме фини, културни? За некој месец ќе влеземе во 2018 година! Осумнаесет години како сме во 21-виот век, светот секојдневно оди напред, се развива, а ние сè уште не научивме да кажеме едно „добро утро“ кога ќе го сретнеме соседот излегувајќи од дома.

Не само што не се навикнавме на културно однесување, па ете дури и не знаеме како да реагираме на него.

Размислувајќи на темава, се обидов низ скопските издавачки куќи да најдам печатено издание на „Бонтон“ – не успеав. Додека бевме мали и одевме на училиште, нè учеа да бидеме добри, вредни, да правиме добри дела, да не лажеме, дека трудот се исплати, дека треба да вложуваме во својот труд, да бидеме чесни... Нè учеа да бидеме пристојни, дека „те молам“, „благодарам“, „повели“ и „извини“ се четирите основни „магични“ зборови што мора да знаеме кога и како да ги употребиме... А денес, гордоста, честопати неоснована, а уште повеќе „гордост“ зад која се крие некултура, многумина ги спречува да кажат извини.  Нè учеа и дека убавиот збор и железна врата отвора...

Буквалното значење на „Бон-тон“ е „добар тон“. Кога го изгубивме добриот тон?

Искуството покажа дека зборот на висок тон има повеќе моќ.

Ако треба да завршите работа на шалтер, пред убавиот збор ќе ви ја „лупнат“ вратата.

Ако треба ве опслужат за нешто, и притоа тоа им е работа, убавиот збор ќе стане нечуен покрај грубиот.

Ако сакате со убав збор да замолите за информација, наместо тоа добивате лош збор.

Ако сакате со убав збор да посочите на неправда, безобразие, некоректност, ќе го добиете токму тоа против кое се борите.

Ако упатите насмевка и убав збор, тогаш веројатно тој од спротивната страна ви се допаѓа и гаите симпатии кон истиот, фини сте бидејќи имате некаква цел или корист. Да, дефинитивно не знаеме како да реагираме на културно однесување...

Некогаш и кога молчите или сте воздржани, ќе добиете грд збор...

Во времето кога моите родители беа деца, па и во она кога јас бев дете, домашното воспитување беше императив. На тоа се надоврзуваше и она од училиштето. Па и да сте немале „Бон-тон“ дома, имаше кој да ви каже дека кога маж и жена шетаат по улица, тој оди од левата страна, дека жената сама се грижи за својата чанта, не ѝ ја носи мажот... 

Имаше кој да ви посочи дека кога се поздравувате стисокот на раката треба да биде цврст и дефиниран, не млитав, како да немате сила или да ви се гади да ја допрете туѓата рака, дека ракавиците се симнуваат при поздравувањето, дека кога претставувате некого, му го кажувате името и презимето јасно, со додавка на професија, функција, сродство. Кога се претставувате сами, го кажувате само името и презимето, но не и чинот/професијата/титулата. Не ставате дека сте магистар или доктор на врата.

Мажот ја пушта жената прва во автомобил или некоја затворена просторија, но не и во театар. Тој е оној што го „пробива“ патот за таа, без да се турка, да може да чекори и да седне. На излегување пак, таа оди прва, а мажот зад неа.

Ќе имаше кој да ве посоветува дека кога влегувате во автомобил, првин седнувате, па ги собирате нозете, не влегувате со нога.

Имаше кој да ви каже дека во автобус ако ви заѕвони телефонот, не викате на сиот глас. Всушност, подобро е и да не се јавите ако можете.

Ќе знаевте и дека кога сте на влез на продавница, првин ги пуштате тие што треба да излезат, нема да се туркате кој попрво да влезе/излезе.

Во ресторан, жената седнува прва и прва почнува со јадење, а мажот е тој што ја бира масата и нарачува (во консултација со неа). Келнерот не го ословувате со зборови и викање, туку со дискретно движење на раката... Лактите не ги качувате на маса...

Ако имате од оние големите готвачи од времето на Југославија, потсетете се на бонтонот на маса, кој го има на последните страници.

Ќе знаевте уште многу нешта, што денешната младина веројатно ретко ги слуша, па затоа и се соочуваме со големо количество непочитување и некултура.

Од кога да се биде префинет, односно да се биде дама и џентлмен не е веќе „ин“? Не сакам да верувам дека сексапилот, особено тој евтиниот, ќе успее да ги поттисне, без оглед на актуелните трендови.

Тогаш нè учеа многу работи, но не нè научија што кога ќе видиме дека сè она што се смета за правилно, добро, искрено едноставно не „пали“. Треба ли баш секогаш да го свртиме другиот образ? Што кога ќе бидеш понижен за твојата добра намера и култура? Зошто тие што најмалку знаат за кутлурно однесување и образование се денес помоќни од вас?

Не нè научија на тоа и сега немаат одговор како да се справиме со тој тренд. А денес секојдневно пливате со големи опасни риби, не само за да учите да пливате со нив, туку и за да ве изедат.

Никој нема да ви гарантира дека ако сте добри и културни и другите ќе бидат такви кон вас. Но, тоа не треба да ве порази. Работата е во тоа што, тоа го учите за себе. Не за друг или затоа што морате. Вие инвестирате во себе, како во свесна, образувана, разумна, културна личност. Важно е да се остане човек, со сите негови доблести.

Во морето некултура бидете културни, не мора и не може сите да сме исти нели?

Треба само да посакате да бидете такви, да посакате да бидете промената во опкружувањето, па макар на микро ниво, но со широко значење. Да се биде културен не е демоде, па што и да вели трендот. И да, и трендовите секогаш се менуваат :).

Објавено:
17 октомври 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
3.017 пати