Колку илјади бевме вчера во парк?

7 јуни 2018

Вчера беше среда, вообичаен работен ден. По завршувањето на работните обврски, впрочем како и секој ден, барам некаква содржина што ќе ми го исполни слободното време, а тоа да не биде бесполезно. И обично завршувам во комфорот на домашното кино. Но, оваа среда беше малку поинаква од тој аспект. Веќе некое време се најавуваше „Кино на отворено" во градскиот парк со проекција на „Исцелител". Супер! Се „токмам" оддамна да го гледам, па оваа прилика не ја пропуштам – кино, парк, пиво, опуштена атмосфера и еден од најреволуционерните македонски современи филмови што ги освои сите симпатии и награди по „белиот свет". Отидов прилично доста време порано пред терминот за проекцијата и бев убедена дека ќе имам можност да си бирам место. Ама... Ме удри „позитивен шок" кога стигнав во парк.

Место – нема игла кај да падне. Луѓе од сите генерации, некои спремни понеле ќебенца од дома, се распослале на трева, ги исклучиле телефоните... Ноќен пикник под отвореното скопско небо – звучи ретро? Си велам, ова е иљачот по рецептот на Исцелителот... Сите овие луѓе се жедни за вакви културни, човечки, колективни збиднувања... Зарем толку сме се затвориле, секој во својот микрокосмос, во сопствената рутина, па ова ни дојде како културен шок? Неспорен е фактот за популарноста, уметничката и социјална вредност на „Исцелител", сите ние бевме таму за проекцијата на филмот. Но, истовремено на големото платно се проектираше уште една суштинска работа што не треба да се занемари. Нашата фрустрација од сивилото на нашето секојдневие, хендикепот што вештачки ни е наметнат по ограничените можности да ги бираме културните содржини што рационално ќе ја хранат нашата човечка потреба за културни деликатеси. Социјалниот живот на цели генерации се сведе на партиски собиранки, кафана и турбо фолк. Нашата културна сцена е многу поамбициозна, само треба да излезе од затворените кругови. Не го оспорувам фактот дека културната сцена е жива, ама имам чувство како да е фрлена во сенка на анонимност. Годишно, имаме неколку масовни културни настани од ваков карактер – и секогаш, без исклучок интересот е огромен, доволно јасен сигнал дека „Исцелител" треба да ни се случува почесто.

Пред да започне прекцијата на филмот, фрлив поглед наназад... Не можев да догледам колку гужва имаше. Впрочем, има ли некој информација колку илјади бевме вчера во парк? „Исцелител" ме насмеа, ме растажи, ме воодушеви, ме фасцинира... По завршувањето на проекцијата, сфатив дека сите нам ни треба исцелување, а иљачот е што почести вакви организирани културни збиднувања.

По фотографиите што ги објавија моите пријатели на социјалните мрежи, забележав дека таму некаде, во публиката вчера, бил и режисерот на филмот, генјалниот Ѓорче Ставрески... По сите награди што ги освои на светските фестивали, верувам наградата што ја доби вчера ќе најде посебно место – онаа од домашната публика.

За вечерва сцената во градски парк е подготвена за „Филхармонија на отворено", која ќе ја донесе нигериската музичка ѕвезда Феми Кути!

Се гледаме на отворено!

p.s Се надевам видео бимот цело лето ќе остане во градски парк, за летно кино на отворено. Сигурно веќе организаторите размислуваат за таа идеја...

Фото извор: Фан страна Исцелител, Фан страна МКЦ

 

Објавено:
7 јуни 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.469 пати