Летно, модно, машко минско поле

20 јуни 2018

Автор: Небојша Толески Сите зборови паѓаат во вода кога ќе се каже дека машката мода не е интересна. Денес повеќе од кога и да е, мажите посветуваат големо внимание на својот моден стил. Не дека и во минатото тоа не било така, но сега е сосема поинаку со оглед на можностите, пристапноста до информации и глобализацијата. Јуни е месец резервиран токму за мажите - светското првенство во фудбал и четирите големи модни недели за мажи. Иако се чини дека фудбалот и модата немат ништо заедничко - погледнете го само Роналдо и се ќе ви стане јасно.

На Миланската модна недела беа прикажани фантастични парчиња инспирирани од Олимпијадите, од стилот на 60- те години, а доминираа неонски бои, облека за секси момци, повторното враќање на елеците, панталони испеглани по средината и палта со маици без вратоврски. Нашите мажи и момчиња во последно време изненадуваат и со изгледот и со она што го носат. Не сите, но одредени поединци навистина знаат да привлечат внимание. Тоа е за поздравување бидејќи внимателно облечен, дотеран, педантен и маж со автентичен стил секоја жена би го погледнала. Но, посебно во летниот период има такви кои мислат дека се на плажа иако седат во некое маалско кафуле, на работа, танцуваат во дискотека или се на ручек. Токму толото време е минско поле што се однесува до облекувањето.

Претераната машка разголеност може да ги одбие жените или девојките и сето тоа да изгледа вулгарно. Некои правила едноставно мора да се почитуваат за да нема грешки. Нема носење шорц на работно место. Освен ако работите во тропски кафе бар. Кратките бели панталони одлично им стојат на Италијаните, на работа не се постигнува никаков „морски изглед" со нив, посебно не во канцеларија. Сандалите римјанки се одлични ако си девојка, за работен состанок не се соодветни. Раскопчена кошула до папок каде се гледаат и градите е модна катастрофа. Неумесен натпис на маица е во ред ако сте во пубертет. Влечки само ако одите до продавница. Маица „рамбовка" за да покажете колку сте се набилдале може, ама само на плажа, во град би изгледало како вашата мајка да ве облекла како кога сте биле мали. Проѕирни панталони и кошули само можат да го уништат впечатокот за вас и вашиот стил. Претесни фармерки не, исто како ни прешироки панталони од кои „ѕирка" долната облека. И ленените костими се во аут. Нема да бидете урбано привлечни ни ако носите облека во црна боја. Лето е, колоритот е разигран... А да! Парфем или дезодоранс е задолжителен, но не со прејак мирис, туку со смирена свежа и неиритирачка нота.

Дозволете си да изгледате убаво облечени. Облеката докажала дека има голем удел во моќта на заведувањето и вниманието. Не мора да бидете како од модна писта, но треба да бидете со стил. Секоја жена сака убаво облечен маж, овозможете и да ви се восхитува.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
20 јуни 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
224 пати