Мајки храброст!

24 јануари 2017

Мислам дека никој од нас не сака да биде сам во животот ниту пак да остане сам во патешествието наречено борба. Љубовта како утеха, како водилка, како спас, задоволство, но никако како страв и безнадежност. Позната ви е онаа реплика дека се раѓаме сами и сами умираме. Но, некаде од едната точка до другата има илјадници премрежја низ кои минуваме.

Последниве неколку дена размислував за онаа категорија на жени општествено дефинирани како самохрани мајки. Што значи тоа? Многумина претпоставуваат, многумина не знаат, многумина ги затвораат очите и не сакаат да помислат што тоа навистина значи. Се будиш наутро и прво што треба да направиш е како следниот ден да биде поубав од денешниот. Сите оние приказни зошто си останала сама се неважни, важен е моментот кога имаш ѕверчиња по дома кои тоа утро и секое следно те имаат само тебе. Паѓа снег, ја земаш сама лопатата да исчистиш иако е тешко, ладно, ја креваш главата и на прозор те гледаат два пара очиња кои сакаат да ти помогнат и туку ќе излезат надвор со по една метла во рацете небаре ќе го снема натрупаниот снег.

Одиш да направиш набавка за во фрижидер и чувствуваш како едното рамо многу те боли оти не си ги распределила еднакво кесите. Најголемата драма е кога ќе ти се скине кесата и на сред улица собираш она што ќе ти падне, трчаш по мандарините, портокалите, шишињата вода и мрмориш во себе.
Работиш неколку работи за да можеш да ги израснеш во здрави и чесни луѓе и никој не рече дека ќе биде лесно, никој. Пред некој ден разговарам со татко ми кој отсекогаш сум го есапела како голем фраер и исклучително нежен татко, ме гледа така веќе со бела брада и му навираат солзи: Многу се мачиш, не заслужи, ти заслужуваш најдобро. Да тато, сите ние го заслужуваме најдоброто.


Кога остануваш сама со децата немаш многу време да размислуваш за себе, оти да бидеш мајка е борба која трае, но да бидам сама на своето е мачен предизвик, но дозволува слобода која никој никогаш не може да ти ја даде. Тогаш во оние приквечерија станувам свесна за компромисите кои сум ги правела, насмевките кои ми биле изнудени, пријателите кои ми биле натурени. Одеднаш мојата насмевка има само едно име, моите деца. Не е важно на која возраст останувате сами со своите деца и кои биле причините, важно е да не потклекнете на разни провокации, состојби на анксиозност и страв. Не го сакам изразот самохрани мајки, претпочитам тоа да биде храбри мајки, тоа е музика за уши. Оти се додека вам не ви се случи не можете ни да претпоставите што значи тоа. Кога немаш какво е чувството од ништо да направиш нешто, од едно три, од солзите нивни да направиш смеа, да им кажуваш секое утро дека животот е нивна борба и ничија друга, кога остануваш сама во соба и кога ти доаѓа да си го откорнеш срцето ако не можеш да им овозможиш нешто, а лицето е натопено со солзи и ќе дојдат до тебе, нивните мали рачиња ќе те гушнат и ти го даваат најдобриот совет : Ќе помине мама, мора да помине.

Знаете што и ние сакаме да се вљубиме, да се гушкаме, да се смееме, да се дружиме, да бидеме барем на еден момент безгрижни. Оставете ги тие будалаштини дека многу се удираме во гради дека сме сами во нашата приказна, ние никогаш не сме сами, до нас се малите човечиња со срце големо колку планина. Тие знаат кога сте тажни, знаат кога сте среќни, знаат и кога нема и кога има, знаат да те гушнат кога најмалку очекуваш. Никогаш не треба да се откажуваме, се минува со љубов, со многу љубов. Ние знаеме колку можеме, ние знаеме дека можеме секогаш подобро и да ние не сме плачки, не сме патетични, не бараме внимание. Од секој мрак правиме светлина, од секоја солза насмевка. Тие сме ние мајките, мајките храброст.

Бејбимама 

 

Објавено:
24 јануари 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
2.827 пати