Македонците и американските обичаи

29 ноември 2018

Американците го прославија и Денот на благодарноста, помина Црниот петок и Сајбер понеделникот и излегоа статистиките околу продажбата и заработувачката. Податоците велат дека забележан е пораст од 9 проценти во споредба со претходната година, односно потрошени се 23. милијарди долари за овие четири дена.

Исто така, се очекува продажбата во празничната сезона, која кај нив трае од 1. ноември до Божиќ (25.12), да биде зголемена за 5 проценти. Всушност, пет години по ред е забележан пораст на потрошувачката, односно заработувачката во овој период од годината, а од 2011 па до сега, во 2018 е постигнат рекордот на купување. Кога е онлајн купувањето во прашање и таму бројките се во пораст, а најмногу се купува од смарт телефоните.

фото извор: pinterest.com

Од друга страна, низ нашите медиуми можеше да се сретне веста дека попустите во Сити Мол за Црн петок и викендот воопшто, привлекле повеќе од 120.000 посетители, што верувам дека е точно, но се прашувам колку од тие 120.000 купиле нешто?

Кај нас 23 ноември не е врзан апсолутно со ништо, како што е тоа во Америка и не ја разбирам потребата да го имаме.

За просечниот Македонец тоа е недела дена пред плата. Знаејќи дека истата се троши во првите денови од месецот, навистина се прашувам од каде воопшто тоа „шопинг лудило“ во градот за кое сите зборуваат. 

Второ, без разлика дали се работи за продавници за облека, бела техника, украси, храна итн, понудите за Црн петок најчесто се со „попусти од 20% или 30%, што не смееме да ги пропуштиме“. Ако веќе зборуваме за вистинското имплементирање на оваа навика, тогаш попустите треба да се од 50 до 70 проценти. Тоа пак, што и тие скромни попусти се многу често лажни, па производите ги купуваме по речиси идентична цена како редовната, тоа е друг проблем, но очигледно дека Македонците сакаат да се во тек со настаните. 

Феномен е како кога и да прошетате низ градот, постојано има попусти. Порано имаше два пати годишно големи попусти – еден во летната и еден во зимската сезона. Се правеа ликвидации пред новата сезона и тогаш имаше намаленија кои навистина можете да ги почувствувате. Сега, во текот на целата година имате впечаток дека има попусти, но колку од нив се реални? Но, очигледно дека овој маркетиншки трик пали.

фото извор: wallstreetinsanity.com

Кога сме кај американските навики, исто така не можам да ја разберам потребата да се прославува „Халоувин“ во Македонија. Доволно им е да им се објасни на децата на часовите по англиски во што се состои симболиката на тој празник, да се анимираат децата со некоја игра, но маскенбали, забави, дополнителни трошоци и за родителите и за децата се непотребни и неосновани.

Деверици облечени во фустани во иста боја исто така е нешто преземено од тамошната култура, која кај нас ја практикуваме од чисто естетски аспект или дека сакаме на повеќе другарки да им дадеме до значење дека ни се важни. Приказната зад ова е дека порано придружниците на младенците се облекувале исто како нив за да се збунат лошите духови да не знаат кој всушност се мажи. Во зависност од формалноста и големината на венчавката, бројот на девериците варира, но секогаш треба да е непарен (вклучувајќи ја старосватицата). Тоа не важи за младоженецот и неговата придружба која секогаш може да биде удвоена. 

фото извор: dailymail.co.uk

Акцентот го ставам на тоа што кај нив овие празници имаат смисла и зошто се празнуваат на начинот на кој што се празнуваат, а ние ги преземаме од чисто помодарство или некој интерес.

Од друга страна, на истиот ден со Црн Петок е и „Не купувај ништо денот“ (Buy Nothing Day). Веруваме дека малкумина од вас слушнале дека воопшто постои ваков ден. Движењето е првично основано во Канада и тоа во 1997 година, со цел да се спречи непотребното трошење во овој период од годината. Со оглед на тоа дека речиси сите сме склони кон тоа да купиме нешто што не ни е потребно, „Не купувај ништо“ е контратежа на Црниот петок. Но, очигледно не доволно силна и гласна.

Низ странските медиуми прочитав дека го поставуваат и прашањето дали Црниот петок преминува во претераност и може ли да има последици ? Речиси сите стручњаци одговорија дека не, дека луѓето се однесуваат и трошат во предвидените рамки (кои очигледно секоја година се сè повисоки). Можеби повеќе нема загубени животи во борбата за парчиња на попуст, но далеку од тоа дека сумата на трошење не е алармантна. Сепак тоа го гледаат како позитивен тренд каде се прави обрт на парите.

фото извор: wikipedia.com

На крајот, целата помпа околу ова купување, кое треба да е обвиткано под превезот на празничната магија и дарување (против кои немам ништо против), има тажна вистина – сето ова покажува колку им робуваме на предметите, колку сме сиромашни (и духовно и финансиски) и колку ни е потребно да се чувствуваме среќни. Но, начинот на кој што се трудиме да го подобриме тоа е сосема спротивен на она што вистински ни треба – љубов, подобар живот, насмевки, помалку грижи, блискост, пријателства, другарувања... работи што не се купуваат на ниту еден попуст, бидејќи немаат цена.

Објавено:
29 ноември 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
510 пати