Матурата пред и после 10 години...

9 мај 2016

Мојата генерација годинава слави 10 години од матура... Иако веројатно повеќето ќе кажат, не е тоа ништо, сепак мене ми се гледаат како многу. Особено кога ќе си се прашам што направив во текот на оваа деценија. Или што сè можев. Или колку можев, колку имав услови...

И во екот на актуелните матурски прослави и нашава „ретро“, се потсетив на времето кога јас правев матура и како се подготвував.

Секако, и за мене тоа беше голем настан. Сакав да изгледам најубаво, бев прилично слаба, а висока, што малку го ограничуваше изборот. Немав посебни желби, не сакав на моите да им предизвикам голем трошок, бидејќи дома имавме само еден вработен – ситуација веројатно на повеќето позната.

И тргнавме ние во потрага на фустан, чевли, чанта... Отсекогаш сме пазарувале фамилијарно. Татко ми е еден од оние ретки мажи што уживаат во шопинг. Отекогаш уживаше кога ќе нè види дотерани. Но, ништо не одеше како што треба. Најдов фустан, но не можев ништо друго да најдам. Всушност, и фустанот го утнавме, па моравме да бараме друг. Марфи. Дупло купување. Сепак, ми се посреќи. На само неколку дена пред матура, јас успеав да најдам сè и тоа во ист ден.

Тогаш ги купив првите сандали на високи потпетици (околу 5см). Имав само два дена да научам како да одам во тоа. Не бев многу лоша. Претпоставувам. После се покажа дека повеќето од нас се со такво искуство, па успеавме да издржиме две третини од вечерта, а на третата веќе бевме боси (тогаш не ни текна финтата да си земеме резервни рамни обувки) и со црни табани. Јасно е дека работите се драстично сменети.

Носев здолниште со глуждови и корсетче во бакарна нијанса. Бакарни и златни нијанси беа во тренд тогаш. Не можам да ја најдам матурската фотографија, но знам дека да треба да се вратам низ времето и да се облечам за матура, веројатно нема да го направам тој избор. Убаво беше сè тоа, можеби малку и пред времето, но сега веќе не се доживувам така.

Имав долга и густа коса, па само ја испеглав, а ме нашминка братучетка ми. Бев подготвена и возбудена. Си мислев кој знае како ќе биде, што ли ќе се случува.

И еве што се случи:

-кој како се облекол беше „важно“ само во првите пет минути. Веќе во шестата сите беа на подиум и играа. Притоа, нема потреба да нагласувам дека беше толку гужва што и да сака некој да те види, не може.

-секој се сеќава како изгледал на тој ден, но ретко на некој друг. Јас едвај се сеќавам најдобрите другарки што носеа (притоа со нив се дружам и денес).

- во сеќавање ќе ви останат моменти од забавата, случките и атмосферата. Нашиот класен, кој во текот на тие четири години стана директор, го натеравме да пее. Слика (и звук) што не се заборава :) . Иако срамежлив, човекот ни го направи меракот. Ја отпеа „Моји су другови“ од Бајага. Се сеќавам на „мешањата“, качувања на столчиња, испотени лица.  Како никогаш претходно да не сме излегле. Колку бевме „утепани“ сите кога продолживме утрината во дворот на школото, да нè видат другите генерации и уште малку да се испратиме со трубачите, а од страна професорите што не ве виделе вечерта ви велат „Леле деца, колку сте убави“, иако веќе ни У од убаво немате, ама мерак ви е дека ви кажале така.

Сè е тоа многу симпатично. И токму на тоа ќе се смеете и ќе се сеќавате. Сфаќам, матурата е настан. Важен. Сте завршиле средно. Тогаш не сте свесни дека ве чекаат милион други поважни и потешки работи, но хеј, сте завршиле средно. И да, секој сака тогаш да биде најубав и најдотеран.

Но, доколку немате услови, односно вашите не можат да ви ги исполнат сите желби, или доколку се чувствувате непријатно, „подолу“, во споредба со некои други соученици што се или тврдат дека се поимотни, не трошете си солзи. Ништо од тоа не е важно и нема да ви биде важно уште утрото потоа. Тешко дека некој матурант ќе го разубедам или ќе го натерам да размислува поинаку. Тоа што сте секој ден, бидете и на матурата. Дотерајте се според можностите, дури и бидете уникатни – секако ќе бидете прекрасни и во очите на вашите најблиски ќе се види радост и тага истовремено што сте пораснале. Баш онака, филмски.

И создавајте спомени. Јас матурската облека ја чувам. Но никогаш не сум ја отворила повторно. За разлика од некои фотографии и приказни што постојано сме ги спомнувале и отворале во друштво. И да не ме послушате, не е важно. Самите ќе го откриете ова што го пишувам.

А на мојот класен час месецов, после 10 години, ќе се отворат нови теми – не кој што ќе носи или носел, туку кој се омажил, кој има деца, колку, кој е кариерист, кој напредувал, кој стагнирал, кој колку се променил. Ќе се видиме и препознаеме после 10 години, барем ние што останавме тука.

Објавено:
9 мај 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
3.200 пати