Мода или стил - дали е исто?

13 март 2018

Автор: Небојша Толески Кај нас често се мешаат поимите во модата. Ако за едни некој термин значи едно, за други сосема нешто друго. Недефинираноста на точниот термин може да предизвика забуна.

На пример, за поимот „старлета" повеќето мислат дека тоа се девојки кои се популарни, а не работат ништо, кои се појавуваат во реални тв. шоуа или се фотографираат разголено, снимаат домашно видео или се појавуваат во јавност со познато момче. Сосема погрешно! Поимот старлета потекнува од италијанскиот збор „starletta " што значи ѕвездичка. По дефиниција, старлета е театарска или филмска актерка која игра споредни улоги. Се работи за млада и перспективна актерка, односно ѕвезда во подем. И да! Поимот не означува ништо вулгарно и грдо како што и се мисли. На Балканот, по мислење на широката народна маса „спонзорушите" еволуирале во „старлети".

Но, она што најчесто се идентификува овде како едно е модата и стилот. Се работи за сосема различни нешта кои иако до некаде поврзани, немаат иста суштина. Актуелноста на модата и модните промени создаваат многу големо забрзување во нашето животно темпо. Френетичните и фуриозни промени во модата се потсетник и индикатор на насоката во која се движи денешното општество, а се чини дека тоа е давање приоритет на значењето на визулениот ефект и количината на информации пред содржината и квалитетот, односно ефектот над смислата.

Е вака некако филозовски би се доловил поимот мода, но со обичен речник тоа би значело дека таа претставува средство за идентификација и социјализација, престиж, предмет на уживање и применета уметност. Секако, поимот мода не се однесува само на облекување и украсување.

Денес таа е присутна и во другите животни сегменти - во прехраната, културата, забавата... Иако модата и стилот имаат неколку сродни елементи, битно е да се нагласи разликата токму заради естетското поимање. Секој нов стил обично „станува модерен", а кога ќе пројде модата (на тој стил) осуден е на пропаѓање. Авентичниот стил покажува посебност во структурата, вкусот и градбата и изгледа како нераскинлива целина. Модата често оди во чекор со стиловите, ама најчесто и не се согласуваат. Понекогаш модата на одреден стил се востановила дури кога тој стил престанал да постои и кога го заменил нов стил.

Во модната историја се случувало некој демодиран стил повторно да е во мода како на пример готиката која била присутна пред неколку векови. Општо гледано, стилот се смета за идејно движење кој се слева во некоја уменичка структура, а додека модата не мора да има упориште со така длабоки причини. Во модата, поимот стил се врзува за животниот стил во кој секако спаѓа и соодветното облекување, однесување и воопшто битисување. А, автентичноста на еден стил на едина личност не е воопшто лесна работа. Перцепцијата за убавото облекување прикладно на самото тело со доза на личен печат кој има уметничка нишка е најчесто најдобар стил.

Модата до сега беше лакмус хартија која заронета во некое време покажуваше одредена боја, дијагноза викана духот на времето. Сега хартијата има илјадници бои, илјадници идеи, трендови и тенденции. Стилот пак е вечен. Или го имаш или го немаш. Тој може да одолее на духот на времето. Па така, еден генијалец, модниот дизајнер Ив Сен Лоран ќе каже дека повеќе не е модерно да се биде модерен!

Содржината е личен став на авторот

 

Објавено:
13 март 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
432 пати
Тагови: 
колумни стил мода