Модата и „Макфест 2016“

7 јуни 2016

Има една легенда од 60-тите години од  19-от век која говори за малото кратко фустанче или „литл блек дрес“ кое најмногу се прославило на еден фестивал и тоа не било каде туку на просторите на бивша Југославија, онаа стара добра Опатија.

Има е една друга легенда, за еден друг фестивал, тука кај нас, во Штип, за она легендарно сако на Трајче Манев со жолто зелени сини пруги кои на прв поглед те асоцираат на маалско чаршафче за на маса во локалното бифе.

„Макфест 2016“

Последнава легенда е за поло маичките на оркестарот (да се разбереме, се работи за врвни музичари ) со тоа што првата вечер имаа бели, веќе втората малку прошараа со жолта и црвена боја. Да, повторно поло маички. Прво што ми падна на памет е дека климата се расипала во „Домот на култура“ и да не припаднат луѓево им поделиле маички, башка памук, природен материјал, полесно ќе им биде. Се сетив дека секој фестивал со толку голема традиција би требало да има за оркестарот вечерни костуми кои ќе им прилегаат, но и чувството е поинакво. Што знам, и јас посериозно би ги доживеала .

Нејсе, „Макфест“ отсекогаш бил фестивал каде се промовираа млади пејачи, нови таленти, само за потсетување: Каролина, Тања и Лидија Кочовски, Дарио, Ерзана, Магија, Марјана и Росана... Тие беа млади колку што ме држи сеќавањето, немаа по 60 години. Сите тие внимаваа како ќе се појават на сцена, внимаваа што пеат и што тоа ќе им значи во иднина.

Во овие нови модерни времиња, каде буквално може сѐ да следите, да се посоветувате, да видите, да ѕирнете во некој плакар, да одберете парче кое ќе го носите на сцена како ваш уметнички израз, а не како за на свадба, прослава на матурска или куќна слава.

И сѐ некако се амнестираат артистите од својата модна одговорност, се релативизира поимот сценски настап, секако сведен на две столчиња и неколку играчи кои личат на мобилна икебана, па уште и паѓаме во несвест ако некој пејач или пејачка мрдне пет-шест чекора лево-десно по сцената, а мене ми се превртува во стомакот дека на тоа плексигласот ќе паднат и ќе искршат некоја нога .

Што значи костимот на сцена? Сѐ! Една цела приказна, цел ваш артистички израз (секако ако го имате во себе). Оваа година на „Макфест“ се изнагледав пред сѐ црвени фустани, како да не постои друга пожестока боја, но не, црвено е сигурно .

Александра Михова; фото: hitportal

Александра Михова носеше црвен фустан кој досега како крој сум го видела безброј пати, од Џесика Ребит па сѐ до едно скорешно појавување на Елена Ристевска. Но, конкретно тој концепт на црвена тоалета која ја следи фигурата претпоставува математички точен крој, со непрепознатливи рабови, со прецизен отвор напред, а не да си мислам јас дека нешто не е во ред со мојот вид, па некако накриво ми се гледа. Ах, да, и тие црни штикли, стерилни и здодевни.

 

Викторија Лоба

Викторија Лоба која за волја на вистината, што би рекле старите „како слика си убава, нацртана си", предлагам да одмори од корсети кои се бескрајно светкави и оној стар штос со соблекување на горниот слој (секако црн тул) кој за момент, па режијата задоцни да ни го прикаже, и оп само видов нема долго здолниште Викторија, фрлено на подот. Друго прашање е зошто е потребно? Има ли порака некоја? Метафора можеби? Си викам, па и ти многу бараш.

 

Сара Мејс

Гледам, Сара Мејс неверојатна енергија, ретка за овие простори, башка харфа свири и не ми се верува што гледам. Завеси разлетани на нејзиното згодно тело, ама така од страна како придодадени, со корсет горе златно жолт, и пак не разбирам. Кога подобро ќе се загледа човек тоа е градник пришиен со сатенски ленти , чинам дизајнерско парче беше ова, така не?

Пратечките вокали облечени во некое материјалче така од онаде принтано, со некој чуден крој, да секако мини здолништа, па како инаку на тоа летање на материјали по сцена. Да се разбереме, Сара имала далеку подобри изданија. Драга Сара, верувај си себеси и на својот порив одвнатре. Можеби е потешко, но следниот пат размисли со кого соработуваш.

 

Симона Попоска  

Симона Попоска преку својата разиграна песна, рака на срце се разиграла и самата на сцена, а ресестиот избор е доволен како избор на прво слушање, иако прерамките однапред беа потполно непотребни. Сценски настап кој добива и награда и дополнително ме заинтересира да видам, иако сум го видела тој концепт безброј пати и прво што помислив е, Симона душо ти можеш да излезеш и во корсет, а да не изгледаш вулгарно, напротив, една од ретките која знае да носи костим на сцена. Ама тоа ресите, ах!

 

Стефан Девитковски

Кога станува збор за мажите, дечки ај олабавете со бели кошули, црни палта, бели чевли, сини панталони, мавтање со рацете како да имате вентилатори наоколу, па се плашите да не ви се удрат рацете од истиот. Том Форд има стотици исти костуми и исто толку бели кошули во својот плакар, и вели дека еден маж мора да има еден црн костум за во секоја пригода и таксидо кое е обврзно. Вели никогаш нема да згрешите со едноставноста и додава: „Не мислам дека модата треба да се менува секои пет минути, сакам да создавам облека која ќе трае и неколку години, зошто да купувате кога може да го отворите плакарот на вашите родители да имате винтиџ истиот ден".

 

Александра Јанева; фото: mojatv

Победничката на „Макфест", Александра Јанева, се одлучила за крајно сигурна варијанта ,црвена раскошна тоалета со пристојно деколте, од половината надолу се простираат метри црвен материјал – тафт, што е сигурно сигурно е, но толку е проверена тоалетата што и изгледа конзервативно, некако како да сакала да избега од својата ведрина, младешки дух и така прикована со костимот на сцена. Кога веќе се одлучувате за моден додаток тогаш внимавајте да не биде тоа изработено така што ќе ви предизвика мачнина во стомакот. Туку така одеднаш од глава извираат жици, монистри угоре-удолу.

 

Марија Груевска

Марија Груевска се појави во креација која целосно одговора на задачата. Кринолина која е конструкција од костим од крајот на 17-тиот век, песна која раскажува приказна и се гледа дека се разговарало во кој правец да се развие модната приказна, да се даде сценски печат и тоа конкретно преку костимот, каде што црниот тул завршил одлична работа во однос на драматичноста на костимот. Тоа е првата вечер, но веќе на финале е нешто сосема друго. Марија зошто се пресоблече?

Вториот костим кога ќе го видите, првата асоцијација ви е можеби дека Марија ќе настапува во Бразил. Одлучив да го гледам фустанот одоздола нагоре, блескаат златни штикли, се појавува отворот познат во народот како „шлиц", кој сигурно на овој фестивал е заштитен моден момент, и после се шири костимот во една корпа која најблаго речено ме потсетува на фино декорирана саксија и после продолжуваат сатенски ленти кои се припиени со градник на телото. Зошто? Само за да бидеш поинаков по секоја цена?

И секогаш пред да излезете на сцена, поставете си го најзначајното прашање, не како ќе изгледам, туку зошто сакам да сум на сцена! Во тие 5 минути вашата цел е да го дадете најдоброто од себе и да верувате во истото.


Бејби Мама

Објавено:
7 јуни 2016
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
5.380 пати