Модни блогерки, која е нивната цел?

27 јуни 2018

Автор: Небојша Толески Денес скоро секој има свој блог, успешен или неуспешен влијателен или не доволно развиен. Блогирањето е настанато пред 20 години, а врвот го достигна во 1999 година кога се објавија алатките за усовршување на користењето на блогот, како и вовоедувањето на коментари од читателите. Со годините, влијанието на блоговите и блогерите драстично растеше, и сега сме преплавени со блогери или „блогери во обид".

Посебно модното блогирање е многу популарно ширум светот. Познатите модни блогерки имаат големо влијание во модата. Главниот дел се состои во фотографирање на авторката која промовира парче облека, чевли, накит на познати светски брендови кои по правило секогаш се потпишуваат под фотографијата. Уникатноста на комбинирањето е тоа што ги прави посебни. Неретко соработуваат со големите модни куќи (иако до нив тешко стигнале) кои им плаќаат за промовирање, но само доколку блогерката има огромен број на посетители - следбеници на својот блог. Чести гости се на големите модни шоуа. Сè се работи професионално, атрактивно и со цел да се привлече што поголемо внимание. Некои заработуваат многу, а некои не. Кај нас се повеќе се отвараат блогови со модна содржина.

Според одредени стандарди, таквиот интернет простор треба да покрива многубројни области, како трендови, модни избори на познати личности, улична мода, облека, накит... Треба да бидат запазени планетарно популарни, но и домашни дизајнери. Постои дилема, какво всушност е нивното влијание. Неретко, некои од овдешните блогерки претставуваат „експертско новинарство" без одредено покритие. За да се биде моден стручњак не е така лесно. Таквата форма бара исклучително многу познавања, патувања, интервјуа, посето на светски модни недели, модни саеми... Дилема е и она што го претставуваат и како го комбинираат. Облеката од нашите локални брендови им овозможува секогаш нови комбинации, но дали истата таа облека би била интересна ако не е добро „сервирана" од страна на блогерката. Таа треба да биде предводник и револуционер, да инспирира со јасна визија и цел за да допре до публиката, а не само да се фотографира. Се разбира, некои тоа го прават добро и се за пофалба.

Во крајна линија, нивно легитимно право е како ќе заработат од реламирање на прозиводот. Но, останатите немаат основни модни познавања. Нема сигурен ипакт од сработеното ако се облечете премногу „фешн" или премногу евтино. Со тоа не сте го постигнале посакуваното, а ние – публиката, нема да ви веруваме во изборот. Треба да бидете свои! Да нè заинтригирате со вашите статии, со облеката која ја презентирате и ја носите на необично шармантен начин, а со тоа и вашето влијание станува поголемо - ценето. Треба да се знае и границата на вулгарното, пристојното и ултра модерното. А, сето тоа се учи со мноооогу труд. И вашите манири се земаат во обзир. Без пренападно смеење и гледање во секој што влегол на шоуто. Кога сте поканети на модна ревија демонстрирајте уникатност во она што го носите, а не како секоја просечна девојка што ќе ја сретнеме на улица.

Вашето модно влијание треба да восхитува, а не да биде здодевно. Кога ќе научите да ја користите моќта на себе презентирањето проследено со одреден став поткован со знаење и умеење, тогаш резултатите ќе бидат видливи. До тогаш, работете посветено на вашиот блог. Развивајте го паметно за да научиме нешто. Се знае дека овде е тешко (не и невозможно) да се води моден блог кога се е лимитирано со пари, ама секој ќе ја види вашата креативност ако вреди... ако тоа вие целта?

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
27 јуни 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
1.093 пати