Не е само 8-ми Март...

7 март 2018

Автор: Марија Мечева, главен и одговорен уредник На глобално ниво, жените земаат помала плата во однос на мажите. Според истражувањето на „Фајнанс тинк" во 2017 година, жените во Македонија зимаат 12 отсто помала плата во однос на мажите. Иако во нашата земја, поголем процент на високообразовани и магистри се жени, од вкупното работоспособно население 50,5 % од вработените се мажи, а само 33,7 отсто се жени. Во однос на мажите, поголем е бројот на дипломирани жени - 57,1 процент, како и бројот на жени магистри -58,6 проценти. Во однос на домашните обврски, во просек жените поминуваат три часа повеќе во нивно извршување отколку мажите.

Ова се само дел од статистиките кои треба да нè мотивираат и да нè потсетат дека нашата заедничка борба за еднакви права, не е завршена. Да, 8-ми Март е светлата точка на обележување на Меѓународниот ден на жената и нејзината борба за рамноправност на секое ниво, но борбата како процес е наше секојдневие во секоја пора на општествениот систем. Ова е наша борба, а истовремено е активизам за севкупно подобро општество. Затоа нашата борба не е целосна без поддршката на секој сегмент од системот, почнувајќи од образовниот до медиумите.

На што ги учиме нашите деца, дома во најблиското семејно опкружување и во училиште? Каков личен пример им даваме и како е поставен образовниот систем во однос на третирањето на родовата рамноправност? Децата учат од примерите што ние ќе им ги предочиме, затоа да се потрудиме да работиме на себе и нашата самосвест, а резултатот ќе го огледаме во нашите идни генерации. Сè почнува од најрана возраст, домашното воспитување и основното образование. Градење на свесноста за еднаквост како основен морал и општа култура, но и како основа за економски, политички, социјален и севкупен прогрес. Доколку погрешно се постави основата, многу потешко ќе се исправи перцепцијата во понатамошниот развој на личноста. Затоа прашувам, дали доволно сериозно се занимава образовниот систем со ова прашање? Дали стереотипните погледи сè уште го диктираат правецот на развојот на младите личности? Без овој суштински сегмент од градењето на менталниот склоп на идните генрации да се постави на здрава основа, Меѓународниот ден на жената сè уште ќе се поистоветува со еден ден во годината кога подаруваме парфеми и се дружиме по ресторани. Ова е борба и на образовниот систем!

Да потсетам, медиумите во својата суштина имаат информативна, но и едукативна функција. Затоа, голем дел од погрешните и искривени сфаќања на било која тема, вклучително и женски права, ќе им (си) препишам(е) на медиумите. Во задоволување на пред сè финансиските апетити и високиот рејтинг, медиумите не само што (со чест на исклучоци) ја изгубија својата морална и професионална одговорност, туку ја подгазија својата чест и достоинство, ја злоупотребија својата моќ на креирање на јавното мнение и упорно градат искривено огледало во кое научивме да се мразиме себе си, наместо да се мотивираме, да учиме и да го храниме нашиот убав ум. Ова е борба и на медиумите!

На оваа тема, сакам да посочам еден актуелен пример, што истовремено вклучува негативен аспект на пропагирање на искривени вредности преку медиумите со кој се (само)деградираат жените и позитивен аспект како гласот на една жена користејќи ги „новите" медиуми допира до пошироката популација и добива вирални димензии. И ова е пример кој директно сведочи, како секој на лично ниво може да се приклучи на борбата пред сè против самодеградирање, како еден сегмент на севкупната борба за позицијата на жената во општеството.

Неодамна, медиумите ја пренесоа токсичната фотографија што ја објавија кланот Кардашијан, на која се фотографирани жените од ова семејство и на истата фотографија кај секоја од нив поединечно е обележана бројка која би требало да посочува на нивната тежина. Буквално вреднување на жените во број на килограми, а згора на сè, фотографијата е придружувана со прашањето: Колку тежите вие?...
Испровоцирана од оваа објава, 32-годишната Џамила Џамил, британска тв презентерка и радио водителка, започна сериозна расправа на социјалните мрежи. Таа се огласи и со објава на Твитер и Инстаграм, во која го искажува личниот став за сета хистерија околу женската убавина, но и нереалните критериуми што им се наметнуваат на жените.

Џамила Џамил

 Како одговор на самата фотографија и сите коментари поврзани со истата, Џамила гласно проговори:

-Вака жените се учени да се вреднуваат себеси? Во килограми? Не можев да поверувам што гледам. Групна фотографија на возрасни жени со назначена тежина, под која се бара од луѓето да дадат свое мислење, како и да си ја напишат тежината. Зарем не вредиме повеќе од бројката на вагата? Еве колку тежам: Прекрасна врска. Одлични пријатели. Се смеам секој ден. Си ја обожувам работата. Чесно заработувам. Финансиски сум независна. Се борам за правата на жените. Ги сакам своите „свадбарки". Се љубам себеси, наспроти сето она за што медиумите ме учат да се мразам. По ѓаволите со килограмите!

По нејзиното огласување, стотици други жени се приклучија на нејзината позитивна кампања, а тие пак инспирираа уште стотици други...

Во нашата борба, прво треба да се поддржиме меѓусебно – ние жените. Да зборуваме гласно за мобингот на работното место, да не замолчуваме пред сексуалното вознемирување, да не се помируваме со пониска работна позиција и пониска плата, а заслужуваме многу повеќе, да не се обесхрабруваме по безуспешниот обид и да се обидеме пак во остварување на правата што нам ни припаѓаат. Ова е наша борба во која мажите не се исклучени, напротив – им должиме и на претходните генерации кои го пробиле мразот и на идните генерации што треба да живеат во општество на еднакви можности, на еднакви права и еднакви обврски.

Ви посакувам Среќен меѓународен ден на жената!

Објавено:
7 март 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
356 пати