Не се сите стилисти, некои навистина се тоа

10 мај 2018

Автор: Небојша Толески Кај нас сите се стилисти. И бербери и фризери и дизајнери и шивачки... Додавајќи го овој збор во нивниот вокабулар им се чини дека навистина се тоа. Не се! Професијата стилист ја сместуваат во најнеразбраната професија. Многу често се мешаат поимите па се чини како да не е целосно дефинирана. Но, сепак е. Постојат факултети за стилисти. Таму убаво е објаснето што се тие.Генералната дефиниција децидно објаснува дека стилист е оној кој се грижи и го одредува целокупниот изглед на одредена личност. Тој бира облека, кажува како да ја нашминкаат, каква фризура да и направат, каков став ќе заземе при фотографирање и како ќе чекори. Стилистот е задолжен постојано да биде на располагање и не смее да дозволи ниту еден детаљ од облеката да не биде на свое место. Скоро секоја од светски познатите ѕвезди има стилист. Некои и по неколку.

Стилистите контактираат со модните дизајнери, закажуваат проби, трчаат по бутици да купат облека, бираат шминка, се консултираат со фризери, бираат чевли, накит, чанти... Всушност, професијата е многу макотрпна. Бара и постојано следење на трендови и тенденции, а мора да се следат и иновациите во текстилната индустрија. Стилистот често ја придружува личноста од која е ангажиран на големите настани. Го придржува фустанот ако е многу долг, со себе носи куфер со дополнителен фустан, шминки и екстензии за коса како и игли, ножици и чивт чевли. Неговата работа и овозможува на личноста да не се грижи за ништо околу изгледот. Токму затоа ѕвездите на црврниот килим не ја поднаместуваат облеката, шминката и косата им се беспрекорни оти знаат дека ако и едно влакно од косата да им стрчи, тука е стилистот да ја напрска со лак. Планетарно популарните стилисти се многу платени и секако го заслужуваат тоа.

Тие многу добро знаат што претставува нивната визија и колку пари им носи на познатите кои фотографирајќи се дотерани, енормно заработуваат. Овде е неумесно да се каже дека си стилист зошто цел спектар на обврски недостасува па крајната цел би била несоодветно облечена госпоѓа. А и не е добро самите да си припишуваме професии за кои не сме спремни да ги извршуваме. Затоа кој за што го бива!

Објавено:
10 мај 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
340 пати