Некогаш инфлуенсери се нарекуваа писатели, рок ѕвезди, иноватори...

5 август 2019

Секое време си има свои „инфлуенсери". Да, називот, формата и медиумите преку кои тие го пренесуваат своето влијание, се различни, но секогаш постоеле индивидуи кои на еден или друг начин имале импакт врз општеството.

Некогаш најголеми фраери биле писателите, книжевнците, па и тоа како, вашата позиција во кругот на секојдневието го одредувало тоа чии книги читате и каков жанр на литература ви е омилен и како тоа го користите во личната надоградба. Да не зборуваме за рок ѕвездите, особено во периодот на 60-те, 70-те и 80-те кои имале апсолутно влијание врз адолесцентите и нивниот комплетен животен стил. Тогаш дебатите во друштво се воделе на теми диктирани од различните музички правци, па во дефинирањето на личниот идентитет не било за потценување дали сте панкер или рокер, а тоа ја одредувало целата ваша животна филозофија.

Природно е како општеството се трансформира, особено под притисокот на напредната технологија, така да се менува „инфлуенсерството".

Факт е дека сега живееме во време во кое на цена е визуелното. Тоа повлекува низа прашања од аспект: дали се загрозени вистинските, нематеријални животни вредности под офанзивата на совршената видео и фото продукција со уште посовршени ликови како главни протагонисти?

Ако некогаш младите генерации се огледуваа на Битлси, Џејмс Дин, Боб Дилан, Марлон Брандо, Дејвид Боуви, а тоа некако секогаш се врзувало за бунтовнштво и прогрсивност, денес Кардашијан се вбројуваат на листата на најбогати токму благодарение на нивното влијание на социјалните медиуми.

Воопшто не е наивно тоа што го направи кланот Кардашијан, за кој сите се прашуваме: што всушност работат тие луѓе и на што ја должат својата глобална популарност? Зад тоа стои машинерија што не ја води ниту емоција, ниту талент, туку добро пресметан бизнис.

И тоа е легитимно, но проблемот е што луѓето кои се во онаа животна фаза каде се формираат како личности, односно децата и тинејџерите, кај кои најмногу допира влијанието на инфлуенсерите, тоа го сфаќаат „здраво за готово", што понатаму може да има сериозен контрапродуктивен ефект.

Но, технологијата, односно новите медиуми се сепак благородни ако рационално се користат. Затоа тука треба да реагира комплетниот општествен систем и да ги заштити своите деца од „отупување"!

Решението е во пракса да се понуди избор, наспроти лицемерното пропагирање различност, а сепак каде и да се свртите владее униформираноста.

Што би рекле за инфлуенсери – научници, интелектуалци, едукатори, екологисти, пасионирани љубители на книги или психолози? Да се направи простор и да се изгради амбиент во кои на младата публика ќе ѝ се понуди избор на содржината пласирана преку новите медиуми.

До тогаш, сè помасовно на Инстаграм ќе гледаме копии на Кардашијан, додека вредни, перспективни, умни деца ќе се прашуваат: што ми фали мене?

 

Објавено:
5 август 2019
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
565 пати