Немој денес да не си се насмеала!

23 август 2017

Веќе седма година одам на одмор со децата сама и со нашите кучиња -  на број се четири или во бројка сè ѓутуре сме седум. Среќна бројка велат!

Гледам наоколу многу малку сами мајки со деца, речиси воопшто... Барем јас толку видов. Неисе, се потсетив како било кога сум одела со бившиот. Редовно секое утро освојуваше територија со оној голем чадор за сонце и покрај расположливите лежалки на само пет сантиметри од неговата територија. Уредно ќе се вратеше по неговото столче за читање книга (многу му се читаше баш на одмори ), за мене ќе го оставеше оној делот со влечење базен со 167 мали топчиња, десет видови гуми за пливање и тоа во најразлични форми како што се : патки, Мики Маус, Мини Маус, не беше родово освестен, па моравме машки и женски да купуваме (читај купував).

Откако ќе се наместевме така на сред, половина плажа наша да е, се чувствував како Грција да е освоена, деца едно по едно во вода, едно вреска нејќе, друго сака до вечер не излегува. Почнува тивка расправија оти има и други Македонци на плажа, ќе те слушнат, брука ќе пукне. Природно, тој читаше јас се растрчував по вода и фактори за сончање, кои тврдам дека се џабе фрлени пари, тоа сега вака пост-освестена. На крајот од денот на плажа одиш дома, бањаш деца, мачкаш, поставуваш за јадење, му ги переш и гаќите, се вртиш - тој пак чита. Не се секирајте де, и јас имам книги, ама уште да имав време да отворам. 

Денес седам и гледам еден Македонец влече милион реквизити, жена му, децата, ама овој курназ - игра карти со другар му, не чита.

Јас лежам на лежалка, читам, пишувам, слушам музика и не ми недостасува ама баш воопшто некој кој би правел извесна дупка на столчето за плажа. Ние тројца се научивме како да дишеме сами со себеси и да си помолчиме во текот на денот. Прашањата зошто немам партнер ми наликуваат на оние кога убава и умна девојка на свои 35 години не е мажена. Среќата не е по било која цена да имаш некој покрај себе за да го замени она што можеби си мислела дека го имаш, туку да предизвика возбуда и сјај во очите.

Гајле ми е ако малку ми е поголем задникот, ме интересира дали син ми ќе се сврти и ќе ми каже: „Немој денес да не си се насмеала!".

Ние самите мајки не ги трошиме малите алиментации на нас (инаку матрица на скоро секој маж што треба да плаќа за децата), со тие алиментации може да си купиме евентуално еден парфем. Ние самите мајки не загледуваме добри "бациња " по плажа, иако некогаш се случува да ми се сврти вртачето, ама како робот за секунда се враќам во првобитната положба да видам децава дали испливале до прва пловка или дали има некој бран да го совладаме. Ние самите мајки на одмор сами "мкнеме" куфери (порано носев цели плакари, сега минимално, ми дојде памет што ја сметам за придобивка од разводот), ама ако имате Кирил како мојот, нема да се секирате оти дете научи да помага како вистински џентлмен, исто придобивка од разводот. Јадете кога сакате и што сакате без да сте робови на лажниот морал, се ширите во кревет до колку саат сакате. Ние самите мајки работиме по неколку работи за да однесеме деца на море, љубезно знаеме да замолиме некој да нè слика да имаме барем една фотографија заедно и не напнуваме со селфиња оти прочитавме дека е психолошко пореметување.

Се утепуваме од читање, сите тројца. Судбина! Што ти е живот, мајку му!

Ние самите мајки со деца возиме ноќе за децата да ни остспијат повеќе, слушаме гласна музика и пееме. Јас на пример, кога ќе се распеам во ниедно време, цели 600 километри пеам, имам широка репертоарска лепеза на песни. Ако на дете му се спие на плажа нека спие, не се водиме од препораките на мама му дека мозок се "зовривал " така ако спиеле! 

Убаво жешко лето, без здодевни забелешки што сè требало! Џорџ Мајкл ми грми од слушалки и си пеам на глас, без да ме прекорува оној до мене. Сега деца се кикотат! Сигурно е малку повеќе од рок енд рол да сум им мајка, ама па сега никој не е совршен. Ги учам да уживаат во секој сончев миг  и кога ми се приспива, ако посакаат да имаме авантура одиме и не гледаме колку е часот.

Пред некој ден еден Грк ми вели: „Вие сте им тетка?“.  Се насмеав оти нема поголем комплимент оти тетки највеќе се сакаат нели така? Сега Мина и Кирил ме прашуваат да летаме со падобран, ако паднеме нема кој да ни мрчи: „Ете ќе ги утепаш децата!“. Ние мајките сами со деца не сакаме дечковци, сега за уште малку ,толку себапи, фала многу ама - не.

Туку ме фати една мисла, деца растат бргу ќе почнат да си се шетаат сами, што е природно. Го кажав гласно тоа и знаете што ми одговорија: „Прво ќе одиме со тебе, па после ние сами“. Застанав на сред бран, се замислив, туку одеднаш ме покри бранот, ќе се удавев за малку. Си реков да не им одговорам, да оставам нешто и за следното лето. 

Ние самите мајки не сме херои за ордени, ние сме само едни обични жени кои само имаат една порака - ова истото го може секој и секогаш! Оној кој ќе нè сака, ќе мора да ја прифати бројката седум, сè дотогаш супер сме вака. Ох да , нема ништо поскапоцено да гледаш рано наутро како се буди морето, а да не биде тоа проследено со хрчењето на саканиот  :)

Бејбимама

Објавено:
23 август 2017
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
16.168 пати