Облеката на политичарите - туфни или карнери?

11 април 2018

Автор: Небојша Толески Она што излегува од устата на политичарите е најбитно, но и тоа како е битно нивното облекување. Низ годините, кај нас во собрание или во Владата видовме најразлични стилови, тотални промашувања и впечатливи комбинации. Посебен дрес код не е воспоставен, но по некое непишано правило за политичарите важи класично облекување без претерани експериментирања.

Тоа значи дека за мажите одговара костум во неутрална боја "разигран" со вратоврска која исто така не е во впечатлива боја. Заборавете на туфни, принтани детали, шарен дезен и невкусни асиметрични отпечатоци на вратоврските. Пожелно е од деталите да се издвоите со суптилни манжетни на ракавите или со убаво дизајниран часовник. Дезенот на костумот треба да е еднобоен, никако со текстура и никако со мотиви. Чевлите секогаш треба да се полирани, не лакирани, не од превртена кожа и не над глужд. Tреба да се знае дека со облеката оддаваме почит на инситуцијата, посебно онаа од највисок ранг. За жените политичарки елегантниот изглед е најдобар. Костим со строги линии е сосема соодветен како и панталони кои ја следат линијата на телото и струкирано сако. Шарените дезени се непожелни исто како и светкавите материјали. Тесните припиени фустани носете ги ако не сте на така битна функција. Класична салонка е најдобар избор. Брош со впечатлив мотив е добар избор...

Вака некако треба, а не вака:

Премногу куси здолништа, цветни дезени и хипи стил, фустани со апликации и тантела, стослојна облека како да е потоп на светот, костимчиња извадени од навталин, лакирани нокти со надградба, шминка ала БетиБуп, коса брановита како од море да е излезена... А политичари со несоодветен стил еден куп. Вратоврски во дречливи бои да те заслепат, тесни кошули на кои копчињата попуштиле, ремени кои не им ги држат панталоните... Во законодавниот дом можеме да видиме и дезенирани хулахопки и фантастично лош избор на чевли.

Од друга страна, има такви кои сериозно си ја сфатиле функцијата и секогаш се облечени соодветно, ни претерано нападно ни просто. Умерено и дозирано. Облеката ја носат со став кој е битен за рефлектирање и на нивните политички ставови.

Никој не сака да гледа циркус од облека кога ни се обраќате. Нашето внимание го заслужувате со вашата мисла, но ако само еден карнер излезе од вашата кошула, тој карнер ќе ни привлече внимание и вие после зборувајте за мир во светот.

Содржината е личен став на авторот

Објавено:
11 април 2018
Категорија: 
Колумни
Прочитано:
405 пати